Најморничавите медицински експерименти во историјата на човештвото

За медицината да се развие до степенот до кој е дојдена денеска, лекарите и научниците поминале низ многу фази на истражувања кои некогаш биле далеку од секој етички принцип. Иако дошле до корисни сознанија, никако не може да се каже дека целта ги оправдала средствата.

Najmornichavite-medicinski-eksperimenti-vo-istorijata-na-choveshtvoto-01.jpg

Дали тоа важи и за следниве случаи?

Погледнете ги медицинските експерименти кои ја погазуваат и Хипократовата заклетва, но и голем број етички и морални кодекси.

1. Три идентични странци

Во текот на 60-тите и 70-тите години, психолозите Петер Нојбауер и Вајола Бернард спровеле експеримент кој вклучувал разделување на близнаци и тројки и нивно посвојување од згрижувачки семејства. Целта била да се одреди дали генетиката влијае врз карактерот на личноста или тоа доаѓа само од средината во која расте. Експериментот бил финансиран и од Националниот институт за ментално здравје во САД, а жртви биле три личности: Роберт Шафран, Еди Гарланд и Дејвид Келман.

Експериментот излегол во јавноста кога овие три лица се сретнале и повеќе од јасно било дека се во крвно сродство. Потоа го дознале и своето потекло, а откриено било и дека сите тројца во некој момент од животот страдале од депресија, а кога биле мали, сите тврделе дека имаат брат.

За нивната приказна е снимен и филмот „Тројца идентични странци“, но само двајца од браќата биле присутни на премиерата. Еди се самоубил на 33-годишна возраст.

Психолозите пак, воопшто не покажале каење за она што го правеле, ниту сожалување, напротив, биле уверени дека дале значаен придонес во науката со својот експеримент.

2. Јапонската единица 731

Во 30-тите и 40-тите години на минатиот век, царската војска на Јапонија водела биолошка војна и спроведувала медицински експерименти врз кинеските граѓани. Се проценува дека во текот на овој процес починале околу 200.000 лица.

Во експериментот биле вклучени најразлични дејствија, како заразување на бунарите со колера или принудување на луѓето да маршираат голи во снег, за да се најде најефикасен лек против измрзнатини.

Исто така, за да одредат колкав воздушен притисок може да издржи едно тело, ставале луѓе во комори, каде некои буквално се распаѓале под притисокот.

3. Монструозна студија за пелтечењето

Во 1939 година, група дефектолози од универзитетот во Ајова решиле практично да ја докажат теоријата дека пелтечењето е дел од научено однесување предизвикано од детскиот страв од јавни настапи.

Нивниот експеримент вклучувал принудување на деца од околното сиропиталиште да пелтечат, со тоа што им рекле дека имаат предиспозиции да пелтечат кога ќе пораснат. Тие ги присилувале децата да ги завлекуваат зборовите, уверувајќи ги дека тоа е правилен начин на зборување.

Експериментот не ја докажал нивната теорија, бидејќи ниту едно од децата не пелтечело во иднина, но голем дел од нив станале повлечени и анксиозни. Некои, кога пораснале, го тужеле универзитетот и добиле отштета.

Najmornichavite-medicinski-eksperimenti-vo-istorijata-na-choveshtvoto-02.jpg

4. Убиства во корист на медицината

На медицинската школа во Британија до 1830 година се користеле тела на убиени личности чии семејства не ги побарале за погреб или кои никогаш не биле идентификувани.

Во периодот потоа, во Британија стапката на убиства била релативно ниска, па поради недостигот од тела за учење анатомија, од школата купувале нови тела од ограбувачите на гробови.

Но, човек по име Вилијам Бурк, заедно со еден негов пријател, решиле да започнат бизнис во кој тие убиваат и потоа ги продаваат телата на анатомот Роберт Нокс. Бурк бил казнет со бесење поради своите злодела.

5. Платено ширење сифилис

Во периодот меѓу 1946 и 1948 година, властите од САД и Гватемала финансирале студија на намерно ширење сифилис меѓу затвореници и ментално болни луѓе.

Целта на експериментот била истражување на лекови за спречување на ширењето на болеста. Целото истражување вклучувало и платени сексуални односи со проститутки, но и самоповредување, за да може да се нанесуваат бактерии на сифилис врз раните.

6. Експериментот со симулација на затвор на Стенфорд

Во 1971 година, професор по психологија на Стенфорд решил да спроведе експеримент со студентите, кој ќе даде одговор на прашањето „што се случува ако ставите добри луѓе во лоша ситуација?“

Експериментот требало да трае две недели и бил замислен како симулација на затвор. Една група студенти требала уверливо да глуми чувари, а другата затвореници. По шест дена овој експеримент бил прекинат, но професорот заклучил дека токму ова делење на улогите ги принудило „чуварите“ да се однесуваат грубо и агресивно кон „затворениците“, кои глумеле напади на бес и паника, но подоцна покажувале знаци на такво однесување и во реалниот живот.

E. Д. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Маск го вгради првиот чип во човечки мозок – Зошто ова е најважно за луѓето со парализа? Луѓето на кои ќе им биде вграден чипот ќе можат со мислите да го контролираат мо...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg