Ќе можеме да ја видиме дури во 2061 година – интересни факти за Халеевата комета

Крстена е во 1758 година по Едмонд Халеј кој прв сфатил дека кометата се враќа на секои 75 години, но записите за Халеевата комета датираат уште од древна Кина.

kje-mozheme-da-ja-vidime-duri-vo-2061-godina-zabavni-fakti-za-haleevata-kometa--01.jpg

Халеевата комета, која се гледа на небото на секои 75-76 години, е најпознатата комета, а записите за неа датираат уште од древните времиња.

Поради нејзината големина кометата може да се набљудува со „голо око“, а последен пат беше забележана во 1986 година.

Но што ја прави оваа комета толку посебна и зошто многумина се надеваат дека ќе ја видат еднаш во нивните животи?

Крстена е според Едмонд Халеј

Англискиот астроном Едмонд Халеј направил каталог за орбитите на 24 комети. Каталогот го објавил во 1705 година, а во него направил и пресметка за орбитите на комети кои биле забележани во 1531, 1607 и 1682 година.

Неговите пресметки покажале дека овие комети имаат практично иста орбита, па дошол до заклучок дека се всушност една.

Астрономот пресметал дека следното враќање на кометата ќе биде во 1758 година, но починал во 1742-ра и никогаш не дознал дали предвидувањето било точно.

Пресметките на Едмонд сепак се покажале како точни и кометата се појавила на небото во 1758 година. Тогаш, во негова чест, го добила името Халеева комета.

kje-mozheme-da-ja-vidime-duri-vo-2061-godina-zabavni-fakti-za-haleevata-kometa-02.jpg

Била забележувана уште во древни времиња

Иако Едмонд е веројатно првата личност која сфатила дека станува збор за една комета, постојат записи за нејзиното појавување уште од древни времиња.

Бидејќи астрономијата овозможува да се пресмета патот што го ќе помине или што го поминала кометата, според датумите од древните записи, експертите заклучиле дека астрономите ја забележувале оваа планета уште многу одамна.

Засега за најстар се смета записот од кинески астрономи кои ја забележале кометата во далечната 240 година пред наша ера.

Во продолжение орбитата на Халеевата комета - со жолто се обележани орбитите на планетите од Сончевиот систем, со црвено патот што го изминува кометата, а годините покажуваат каде се наоѓала кометата во одредена година од минатиот век:

kje-mozheme-da-ja-vidime-duri-vo-2061-godina-zabavni-fakti-za-haleevata-kometa-03.jpg

Направена е од мраз и прашина

Благодарение на неколкуте мисии за време на последното враќање, астрономите успеаја да дознаат многу за составот на кометата.

Јадрото на кометата е мешавина од замрзната вода и други замрзнати елементи, како и прашина богата со јаглерод. Околу 70% од јадрото е обвиено со некаква кора која ги задржува водата и прашината внатре. Оваа кора е многу црна и рефлектира само 4% од светлината.

Останатите 30% од јадрото се активни и ослободуваат вода и гасови кога се доближуваат до Сонцето, создавајќи ја нејзината опашка.

Кометата, односно нејзиното јадро е релативно мало – 15 километри долго, 8 километри широко и околу 8 километри дебело. Сепак, нејзината опашка може да достигне должина до неколку милиони километри.

kje-mozheme-da-ja-vidime-duri-vo-2061-godina-zabavni-fakti-za-haleevata-kometa-04.jpg

Нејзината големина се намалува

Масата на Халеевата комета е огромна – неколку трилиони килограми – но научниците сметаат дека порано била уште поголема.

Секојпат кога се доближува до Сонцето, кометата губи дел од својата маса поради испарувањата. Експертите сметаат дека кометата има направено околу 3.000 орбити, а според ова има изгубено и до 90% од нејзината маса.

Ова значи дека со текот на времето кометата целосно ќе исчезне, но за ова ќе бидат потребни илјадници години.

kje-mozheme-da-ja-vidime-duri-vo-2061-godina-zabavni-fakti-za-haleevata-kometa-05.jpg

Последен пат беше забележана во 1986 година

Халеевата комета последен пат помина покрај Земјата во 1986 година, но поради условите било речиси невозможно да се види. Покрај лошата положба во однос на Сонцето, и светлинското загадување ја намалувало видливоста, особено во градовите.

Сепак, научниците не оставија ништо на случајноста и таа година беа испратени пет летала за да ја истражуваат – две јапонски, две од Советскиот сојуз, како и едно летало од Европската вселенска агенција.

Giotto, леталото на Европската вселенска агенција, успеа да направи и фотографија од кометата. Фотографијата е всушност спој на 68 фотографии, направени во периодот 13-14 март.

kje-mozheme-da-ja-vidime-duri-vo-2061-godina-zabavni-fakti-za-haleevata-kometa-06.jpgФотографијата од леталото Giotto

Повторно ќе се врати во 2061 година

Ќе имаме можност да ја видиме Халеевата комета дури во 2061 година, а астрономите предвидуваат дека тогаш ќе има поволна положба во однос на Сонцето и условите за набљудување ќе бидат многу подобри за разлика од 1986 година.

Дотогаш вселенските агенции ќе имаат многу подобра опрема, па ќе можеме да очекуваме навистина спектакуларни фотографии од Халеевата комета.

kje-mozheme-da-ja-vidime-duri-vo-2061-godina-zabavni-fakti-za-haleevata-kometa-07.jpg

Спирова С. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Нереална убавина! Најдобрите вселенски фотографии од телескопот Џејмс Веб, една година по неговото а... Волшебни галаксии, но и планетите со Сончевиот Систем во поинакво светло – што с...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg