Факти за загадувањето – колку видови постојат и кои се најголемите виновници?

Во Македонија можеби најпроблематично е загадувањето на воздухот кое дополнително се влошува секоја грејна сезона. Но, постојат уште неколку видови загадување кои се исто штетни – загадување на водата и земјата, како и светлинско и звучно загадување.

fakti-za-zagaduvanjeto-kolku-vidovi-postojat-i-koi-se-najgolemite-vinovnici-01.jpg

Сите сме добро запознаени со зборот загадување. Загадувањето може да се дефинира како присуство на супстанца во околината која има штетни, па дури и смртоносни ефекти врз живиот свет.

Загадувањето може да биде предизвикано од природни фактори, како чадот што го испуштаат вулканите. Но, многу поопасно е човечкото загадување кое е последица на издувните гасови, отпадот и бројни други резултати од забрзаната индустријализација и урбанизација.

Постојат неколку видови загадување – загадување на воздухот, водата и земјата, како и светлинско и звучно загадување.

Во нашата држава, можеби најизразено е загадувањето на воздухот кое значително се влошува во текот на грејната сезона.

Штетите што ги предизвикува загадувањето се суптилни и не ги забележуваме веднаш, но можат да бидат катастрофални. Според непрофитната еколошка организација Pure Earth, загадувањето има штетно влијание врз над 200 милиони луѓе ширум светот.

Како последица на ова, кај луѓето се развиваат разни болести, а некогаш настапува и прерана смрт.

Во продолжение нешто повеќе за видовите загадување и нивните причинители:

Загадување на почвата

Загадувањето на почвата е резултат на акумулацијата на цврст и течен отпад. Кога во почвата ќе се акумулираат штетните честички од овој отпад, таа станува неплодна и непогодна за користење.

Постојат неколку причинители за ова загадување. Сечењето на шумите и уништувањето на растенијата со цел да се искористи земјиштето за изградба можат да ја направат почвата неплодна.

Слично е влијанието на забрзаната индустријализација, урбанизацијата и развојот на општеството, што создаваат потреба за повеќе градби поради кои се уништуваат зелени површини.

Исто така, штетните пестициди што уште се користат во некои држави се впиваат во почвата и со тоа ја загадуваат.

Депониите натрупани со отпад кој не се разградува, како пластика, се уште една причина за загадувањето на почвата. И несовесното фрлање ѓубре од страна на луѓето има катастрофални последици.

Загадената почва не само што станува неплодна, туку може да ги загади и подземните резервоари со вода, со тоа правејќи ги неупотребливи.

fakti-za-zagaduvanjeto-kolku-vidovi-postojat-i-koi-se-najgolemite-vinovnici-02.jpg

Загадување на водата

Водата се загадува кога во неа се исфрлаат хемикалии и токсични супстанци, а ова веќе е сериозен проблем.

Според Обединетите Нации, над 700 милиони луѓе веќе немаат пристап до чиста вода, а околу 2,5 милијарди луѓе немаат соодветни системи за канализација и санитација. А, сето ова може да предизвика секакви здравствени проблеми.

Водата се загадува од несовесно исфрлање на водата од канализациите и отпадот во реките, езерата и океаните, истурањето нафта, а во последно време и од микропластиката.

Загадувањето на водата има сериозно влијание врз водните животни и растенија, а ова, пак, влијае директно врз луѓето чија исхрана генерално зависи од  нив.

Постои и друг вид загадување на водата – термално. Ова се однесува на зголемувањето на просечната температура на водата, што може да биде кобно за сите суштества што живеат во неа.

fakti-za-zagaduvanjeto-kolku-vidovi-postojat-i-koi-se-najgolemite-vinovnici-03.jpg

Загадување на воздухот

Воздухот најчесто се загадува од штетните гасови, како јаглеродниот моноксид. Овие гасови можат да предизвикаат хемиски реакции во атмосферата и да создадат таканаречен кисел дожд и смог.

А, сите многу добро знаеме дека ваквиот воздух е штетен за дишење.

Овие гасови можат да предизвикаат и ефект на стакленички гасови кој ја загрева планетата.

Овој ефект настанува кога гасовите во атмосферата ја заробуваат инфрацрвената радијација од Земјата, па не ѝ дозволуваат на топлината да „избега“.

Иако овој процес е нормален, кога има многу гасови во атмосферата, во неа се заробува повеќе топлина и просечната температура се зголемува.

fakti-za-zagaduvanjeto-kolku-vidovi-postojat-i-koi-se-najgolemite-vinovnici-04.jpg

Звучно загадување

Можеби ние уште не го чувствуваме звучното загадување, но и тоа има штетно влијание врз околината.

Звучното загадување настанува кога звуците од разните машини, авионите, сообраќајот и слично достигнуваат многу високо ниво.

Најдобро ќе го почувствувате ова загадување ако од поголем град отидете на некое напуштено место – тогаш ќе ја воочите разликата во звуците што ги слушате.

Иако суптилно, и ова загадување може да има штетно влијание врз луѓето. Некои истражувања покажале дека постојаните гласни звуци кои се честа појава во огромните градови можат да го зголемат нивото на стрес и со тоа да предизвикаат болести поврзани со оваа состојба.

Звучното загадување постои и во морињата и океаните, а најголем причинител се бродовите. Нам лично ова не ни пречи, но овие звуци имаат негативно влијание врз системот за навигација на китовите и бројни други суштества.

fakti-za-zagaduvanjeto-kolku-vidovi-postojat-i-koi-se-najgolemite-vinovnici-05.jpg

Светлинско загадување

Додека нам ни одговара навечер да имаме светилки, големата осветленост на населените места има негативно влијание врз живиот свет.

На пример, многу птици се збунети од вештачкото светло и не можат да разликуваат ден од ноќ. Морските желки, пак, неретко се привлекувани од вештачката светлина кога се изведуваат и наместо кон морето, тргнуваат кон светлото и умираат.

Вештачката светлина има и негативно влијание врз миграциите на некои животи кои исто како птиците не можат да разликуваат ден од ноќ.

Добрите вести се дека лесно можеме да го решиме овој проблем бидејќи, реално, немаме потреба од илјадници светла навечер кои дури и за нас ја претвораат ноќта во ден.

fakti-za-zagaduvanjeto-kolku-vidovi-postojat-i-koi-se-najgolemite-vinovnici-06.jpg

Прочитајте повеќе: Зошто експертите се загрижени за топењето на глечерите и колкава штета предизвикува ова?

Спирова С. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Маск го вгради првиот чип во човечки мозок – Зошто ова е најважно за луѓето со парализа? Луѓето на кои ќе им биде вграден чипот ќе можат со мислите да го контролираат мо...
Нереална убавина! Најдобрите вселенски фотографии од телескопот Џејмс Веб, една година по неговото а... Волшебни галаксии, но и планетите со Сончевиот Систем во поинакво светло – што с...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg