Што нè чека во полуфиналните натпревари на Светското првенство?

Конечно ги добивме последните 4 „преживеани“ на ова Светско првенство. По многу изненадувања, возбудливи моменти, а на четири натпревари победникот беше решен на пенали. 

Sto-ne-ceka-vo-polufinalnite-natprevari-na-svetskoto-prvenstvo1.jpg

Фаворитите испаднаа многу порано од очекуваното, меѓутоа сосема заслужено, овие четири екипи покажаа зошто. Франција против Белгија и Англија против Хрватска ќе бидат двата полуфинални дуела.

Во првото полуфинале, Франција ќе ги одмери силите со Белгија. Французите покажаа дека се тим со кој нема шала. Можеби се млади и неискусни, меѓутоа ѕвездите на француската репрезентација не случајно се таму каде што се.

Белгија е можеби единствениот фаворит на ова светско првенство кој ги оправда очекувањата. 3-то рангираната земја на ФИФА ранг листата во својот состав ги има најзвучните имиња од Премиер лигата.

Интересно на овој натпревар ќе биде тоа што двајца од тројцата најдобри голмани во Премиер лигата ќе ги одмерат силите (Куртоа и Лорис). И двајцата беа фантастични на ова Светско првенство, исто како и дефанзивниот ред пред нив.

Французите можеби имаат помалку звучни имиња во одбраната, како што се Павар и Фернандез, меѓутоа затоа тие го имаат најдобриот играч во Премиер лигата во сезоната 2016/17, Канте, како и најскапиот играч во истата лига, Пол Погба.

Кога сме кај скапи играчи, во нападот, тука се Мбапе и Дембеле чии трансфери се втор, односно четврт (во делба на четвртото место со Погба) на листата на најскапи трансфери на сите времиња. Секако, не смее да се заборави и на Гризман, кој е еден од најдобрите напаѓачи во светот.

Кога сме кај најдобри напаѓачи, кај Белгијанците тука е деветтиот играч на листата на најскапи трансфери во историјата – Ромелу Лукаку.

Корпулентниот напаѓач на Манчестер Јунајтед ова Светско првенство покажа дека е страв и трепет пред противничкиот гол. Зад него се неверојатните креативци Азар, Де Бројне и Мертенс, а зад нив пак, во одбраната се наоѓаат Компани, Алдерверелд и Вертонген.

На овој натпревар едно е сигурно, а тоа е дека ќе има возбуда и неизвесност. Доколку нема голови, тоа ќе биде во најголема мера поради добрите одбрани и неверојатните голмани.

Дали Франција може да го повтори успехот од 2006-та кога последен пат стигна до големото финале, или пак од 98-ма кога го подигна трофејот, или Белгијанците ќе го забележат првиот настап во финалето во нивната историја, останува да видиме во вторник во 20 часот.

Во второто полуфинале, Англија ќе се пресмета со Хрватска. И покрај големата фудбалска историја на земјата, како и фактот дека нивното домашно првенство важи за најсилното во светот, Англичаните беа далеку од фаворити на ова Светско првенство.

Поради нивната подмладена селекција и отсуството на голем број на ѕвезди, никој ни на сон не можеше да замисли ваков успех за избраниците на Саутгејт.

Хрватска исто така пред почетокот на ова првенство важеше за селекција која нема да достигне некој значителен успех, меѓутоа демолирањето на Аргентина во групната фаза беше одличен начин да се покаже силата на овој тим.

Англичаните во својот тим го имаат најдобриот стрелец на првенството – Хари Кејн. Зад него одлично се поставени младите Али, Стерлинг и Лингард, а средината ја контролира капитенот на Ливерпул Хендерсон.

Флексибилната одбрана која може да се промени од 3 во 5 играчи се покажа како функционална, а голманот Пикфорд се покажа како одличен наследник на Џо Харт.

Хрватска во својот тим го има Лука Модриќ. Тој беше дел од тимот на годината за годините 2016 и 2017, како и најдобар играч од средината на теренот во годината 2017.

Негов партнер на средината е неверојатниот Иван Ракитиќ, кој ги „реши“ последните две пенал - пресметки. Во нападот го имаат неуморниот Манџукиќ, а на крило е Перишиќ.

Херојот од натпреварите против Данска и Русија, Даниел Субашиќ (ако е сѐ во ред) ќе биде на голот, а пред него ќе бидат одличните на ова Светско првенство Вида и Ловрен.

Дали ќе гледаме коцки во финалето, или пак „ Фудбалот ќе се врати дома“, останува да видиме во среда во 20 часот.

еНВи | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Шахистите на „Алкалоид“ петти во светот, сребрен медал за Недев на втората табла ШК Алкалоид го освои петтото место на Светското екипно првенство во шах за сенио...
Интернационалниот мајстор Тони Лазов го освои шаховскиот турнир „Шах-шех Вавилон Опен“ Шахистот на ШК Алкалоид, ИМ Тони Лазов, освои 8 од можни 9 поени и го освои прво...
Реакцијата на Дејвид Бекам по голот на Меси + Дали Бекамови се трудат да го освојат Меси преку негов... Викторија ја изнесе Антоанела на вечера, Дејвид ја прегрнува по победата – Дали ...
Договара повисока плата, вербално се пресметува заради него – Која е Фајза Ламари, мајката на Мбапе? Се кара со мајките на соиграчите на трибините, ги уценува клубовите за повисоки ...
Секоја чест! Македонката Катерина Ацевска е европска вицешампионка во џиу-џицу Македонија има убави вести за славење, нашата Катерина Ацевска го освои сребрени...
„Сè уште е тука и не ми недостасува“ – Пријателот на Михаел Шумахер зборува за неговата здравствена ... „Михаел е тука, па не ми недостасува. Неговиот живот сега е сосема поинаков и ја...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg