Орка китови сè почесто напаѓаат мали бродови, потонаа неколку: Која е причината за ова (ново) морничаво однесување? (видео)
За Live Science, едниот од авторите на споменатата студија – биологот Алфредо Лопез Фернандез – вели дека повеќето вакви напади, иако страшни, се релативно безопасни.
„Во над 500 интеракции помеѓу бродови и орка китови од 2020-та до сега, има само три потонати бродови. Претпоставуваме дека орка китовите напаѓаат само еден брод од стотици кои минуваат на истото место“.
Сепак, Фернандез истакнува дека агресивното однесување е релативно нов феномен.
Некои експерти веруваат дека причината е некој трауматичен настан кој натерал група орка китови да се однесуваат поагресивно кон бродовите. Бидејќи овие животни се мошне интелигентни, другите го научиле однесувањето од нив.
„Орка китовите го прават ова намерно, но не ја знаеме причината за нивната мотивација. Но, теоријата дека станува збор за некоја траума ни станува сè поверодостојна“, вели Фернандез.
Некои експерти сметаат дека еден орка кит кој е забележан околу Гибралтар имал лошо искуство со брод – можеби бил нападнат, а можеби и се заплеткал во рибарска мрежа (нешто што станува почеста појава). Па, сега ги гледа бродовите како закана и се брани.
„Трауматизираната орка веројатно го почнала ова однесување со физички контакт со бродот. Не мислиме дека орките намерно ги учат нивните малечки, но однесувањето се пренесува кај малечките преку имитирање.
Бидејќи, тие сметаат дека тоа е нешто важно за нивниот живот“, додава Фернандез.
Сепак, според NPR, некои експерти веруваат дека орка китовите само си играат и немаат намера да го уништат бродот.
За американскиот медиум, група експерти за орка китови откриваат дека на овие животни најверојатно им се допаѓа струењето на водата што го прават перките на бродовите.
„Ние мислиме дека им се допаѓа струјата на водата од пропелерот. Па, кога ќе начекаат брод со исклучен мотор, малку се фрустрирани, па удираат во перката“.
Според некои од досегашните инциденти, многу орка китови навистина целеле кон перките на бродовите.
Иако експертите уште дебатираат за точната причина, факт е дека зачестените напади ги загрижуваат луѓето и капетаните на помали бродови.
Спирова С. | Црнобело