Бев на приредба во градинка – не можев да ја видам ќерка ми од мобилните телефони

Децата и учителките беа супер, ама родителите... Е тоа е посебна приказна. Секој присутен во скопската градинка извади по еден мобилен телефон, се туркаа да застанат напред за да фатат подобар кадар, без да размислат дека некому пречат. Други, пак, ги снимија сопствените деца и внуци и без никаков обѕир кон другите дечиња што сѐ уште рецитираат, ги пуштаа видеата на цел глас за да проверат дали добро снимиле...

bev-na-priredba-vo-gradinka-ne-mozhev-da-ja-vidam-kjerka-mi-od-mobilnite-telefoni-01.jpg

Пред неколку дена видов едно меме на Инстаграм и малку се подзамислив. Не можам да го кажам точно текстот, но одеше приближно вака: „Плаќаш 50 евра за да одиш на концерт и потоа целиот настап го гледаш низ екранот на мобилниот телефон затоа што снимаш – па подобро воопшто не оди на концерт!“

Така, неодамна ќерка ми имаше приредба во градинка во Скопје. Ме прашаа претходно дали сакам да ми снимаат ЦД од приредбата и секако прифатив. Тоа е важен ден за ќерка ми – сакам неа да ја видам, не сакам да се опседнувам со тоа дали сум снимала или не, кога веќе има луѓе што тоа им е работа.

Дојде приредбата, сите родители, баби, дедовци, тетки, се собравме во малата сала да ги гледаме дечињата.

Телефонот културно го исклучив и го скрив на дното од чантата, затоа што свесна сум дека не постои нешто што не може да почека половина час, колку што трае приредбата за која учителките и дечињата се намачиле со месеци.

Се гледа дека со нив се работело: ги научиле стихотворбите, подготвиле кореографии за неколку музички точки, подготвиле костими и облека. Сите дечиња беа средени, дотерани, подготвени да покажат што научиле…

bev-na-priredba-vo-gradinka-ne-mozhev-da-ja-vidam-kjerka-mi-od-mobilnite-telefoni-03.jpg

Децата и учителките беа супер, ама родителите... Е тоа е посебна приказна. Секој присутен извади по еден мобилен телефон, се туркаа да застанат напред за да фатат подобар кадар, без да размислат дека некому пречат.

Други, пак, ги снимија сопствените деца и внуци и без никаков обѕир кон другите дечиња што сѐ уште рецитираат, ги пуштаа видеата на цел глас за да проверат дали добро снимиле...

Додека ќерка ми ме гледаше во очи и гордо ја рецитираше стихотворбата што и во сон знам да ја кажам наизуст затоа што неколку недели наназад ја вежбавме и дома, на друг присутен родител му заѕвони телефонот, па со гласен шепот кажуваше: „Не, не можам сега... Барај ме подоцна!!!“

Ало?! За таа намена постои копчето „игнор“ на телефон, а има и врата во просторијата, може да се излезе, но пусти страв некој да не му го земе доброто место за снимање за кое јуначки се избори да го најде.

Се обидов да го игнорирам неговиот разговор и да не го прекинам контактот со очи со ќерка ми, затоа што знаев дека таа оттаму црпи сила и храброст. Дека ја гледа гордоста во моите очи и тоа ја прави да се покаже во најдобро светло.

Исто како што јас некогаш црпев сила и храброст од очите на мајка ми, која немаше мобилен телефон за да ме сними, но сѐ до нејзината смрт знаеше да ја изрецитира песничката што сум ја кажувала на приредбата и секогаш раскажуваше како на секоја приредба сум ја „голтала“ со поглед.

bev-na-priredba-vo-gradinka-ne-mozhev-da-ja-vidam-kjerka-mi-od-mobilnite-telefoni-02.jpg

Јас ќерка ми не ја снимив, затоа што не сакав да ја гледам низ минијатурниот екран на мобилниот телефон. Ќе си ја чекам снимката на ЦД, а во меѓувреме на оние што бевте премногу занесени во телефоните ќе ви кажам што пропуштивте да видите:

Пропуштивте да видите како блескаат очињата на вашето дете додека ја кажува стихотворбата и ве гледа во очи.

Пропуштивте да почувствувате што значи со поглед да го охрабрите детето и да знае дека не настапува за пред камера, туку за присутните.

Пропуштивте да видите како вашето дете во секој миг од приредбата ве бара со погледот за да се осигура дека сте тука и сакате да го видите.

На крај, паднавте на испитот за општа култура и човечност, затоа што го занемаривте вложениот труд на учителките и дечињата и не размисливте дека и тие дечиња имаат трема, па секое ваше движење, ѕвонење и пуштање видеа може да ги збуни. А, за начинот на кој се боревте за место со подобар кадар да не зборуваме.

За жал, целата приредба ја изгледавте преку снимка, а не видовте ништо во живо. Размислете за тоа!

Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Б. С. Б. | Црнобело

фото: depositphotos.com

Би можело да ве интересира:

16 години непребол од смртта на Тоше Проески: „Денес повеќе би сакал да ти дојдам на концерт, намест... „И 16 години по смртта, Тоше е непребол. Ме лазат морници кога шетам низ Крушево...
Секој маж може да добие дете, но тоа не го прави „татко“ Биолошкиот родител претпоставува дека ја заслужил љубовта на своите деца само за...
Добиваш ќерка и ѝ ги дупнуваш ушите, располагаш со нејзиното тело како да е твое - зошто? Добиваш ќерка и ѝ ги дупнуваш ушите. Без нејзина волја, нејзина дозвола и соглас...
Вие наши сакани, што го победивте ракот и се смеете повторно од срце, вие сте нашите херои од реално... Зарем треба да ја сожалуваме жената со марама на главата? Не, ние треба да бидем...
Некогаш летниот одмор беше во село кај баба и во камп приколки во Струга vs. денес - по цел ден на т... На календарот ги одбројуваме последните денови од август, а со тоа, е крајот на ...
„Ноќта кога почина мајка ми сфатив што е вистинска љубов - ми покажа татко ми со кого беше 55 години... „Јас сум среќен вечерва, а знаете ли зошто? Затоа што таа замина пред мене. ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg