„Носите болни деца во градинка, затоа се разболуваат и нашите“ – Ми се гади од коментарите на родителите по социјалните мрежи

Немаме сите цело село зад нас што може да ни помага и ментално и финансиски и физички. Некои родители се оставени сами на себе, и мора да се борат за гола егзистенција. Малку ни е што времето и општеството нѐ дотепуваат и не сме заштитени, па удрете и вие – по социјални мрежи, низ маалски муабети, насекаде... Се навикнавме веќе.

nosite-bolni-deca-vo-gradinka-zatoa-se-razboluvaat-i-nashite-mi-se-gadi-od-komentarite-na-roditelite-po-socijalnite-mrezhi-01_copy.jpg

„Зошто ги носите децата во градинка ако кашлаат?“, „Заради такви како вас и нашите деца се разболуваат?“, „Леле, слушнав детето имало сипаници и со сипаници го носеле во градинка“, „Постојано ми се разболува детето, сигурно некој пак донел болно дете, како не му е срам“, „Го однесовме детето во градинка фати бактерија, 5 дена беше дома. Пак се врати во градинка, па, пак се разболе“...

Ова се само дел од коментарите на социјалните мрежи што можете да ги прочитате од некои родители, кои тврдат дека се мошне посветени, па за секоја настинка детето не го носат во градинка, туку го оставаат кај баба и дедо, земаат боледување или пак работат од дома.

nosite-bolni-deca-vo-gradinka-zatoa-se-razboluvaat-i-nashite-mi-se-gadi-od-komentarite-na-roditelite-po-socijalnite-mrezhi-02.jpg

А сите ние останати, што ги носиме децата кои кашлаат и на кои им тече носето, не затоа што сакаме, туку затоа што немаме друга опција, сме некултурни, неуки, необразовани, лоши родители, себични...

Слободно, удрете и навредувајте...

Знаете, кога ќе се изнаслушаш и ќе се изначиташ секакви коментари, со текот на времето затапуваш и престануваш да обрнуваш внимание.

Сфаќаш дека никој нема да те разбере, затоа што не се нашол во твојата ситуација, а губиш и волја да се објаснуваш. Животот не е тоа што го планираш, туку тоа што ќе те снајде.

Дали сте се запрашале како им е на мајките коишто остануваат да работат од дома, додека нивното дете гори од температура, и не, не им се намалуваат работните обврски – туку напротив, мораат да работат понапорно од вообичаено, за да покажат дека се тука, а и да се грижат за детето?

nosite-bolni-deca-vo-gradinka-zatoa-se-razboluvaat-i-nashite-mi-se-gadi-od-komentarite-na-roditelite-po-socijalnite-mrezhi-03.jpg

Сте се запрашале ли што значи да се трудиш да му измериш температура на 3-годишно дете, додека водиш важен телефонски разговор од кој ти зависи работното место и егзистенцијата? Да се бориш да зготвиш јадење и да работиш истовремено?

Сте се запрашале ли, што минува низ главата на една мајка која знае дека утрото го оставила детето во градинка иако била свесна дека тоа не се чувствува најдобро, но не смее да отсуствува од работа, затоа што знае дека може да ѝ се случи да ја избркаат, па да загуби и плата и здравствено осигурување?

Сте помислиле ли дека тие мајки на секоја нотификација од Viber треперат од страв дека негувателките може да се јават и да им кажат дека на нивното дете навистина му се слошило? Па стравот е од две страни: Како ќе се оправдаат дека мора да излезат од работа, додека размислуваат како побрзо да стигнат до своето чедо.

На крај, сте се запрашале ли само на миг, како би ви изгледал животот да немавте помош од никого – ниту од баби, тетки, сестри, вујковци? Кој ќе ви ги чува децата тогаш?

Земете боледување велите? Да... Ама ако земеш боледување, платата треба да ти ја исплати државата и тоа е процедура, за која треба да имаш и време и нерви...

nosite-bolni-deca-vo-gradinka-zatoa-se-razboluvaat-i-nashite-mi-se-gadi-od-komentarite-na-roditelite-po-socijalnite-mrezhi-04.jpg

А, колку родители во државава живеат пет дена по плата, додека да ги платат сметките, а потоа преживуваат? Знаете ли што значи да немаш кој да ти купи ниту едно бонбонче за детето, а не пак да ти го гледа... Или да трошиш 70 отсто од платата на сметки, а за јадење да се снаоѓаш?

И, не, немаме сите цело село зад нас што може да ни помага и ментално и финансиски и физички. Некои родители се оставени сами на себе, и мора да се борат за гола егзистенција, додека се трудат да им обезбедат, каков-таков, пристоен живот на нивните деца.

Познавам пријателки кои биле отпуштани од работа затоа што премногу често земале боледувања, но и такви што сметаат дека кашлањето не значи дека детето е болно и мора да седи дома.

Познавам и такви што на секој мал знак на настинка остануваат дома и земаат боледување – најчесто вработени во државна администрација, кои законот ги штити од оптуштања...

И не, не ги носиме децата болни затоа што сме лоши родители, туку затоа што немаме друго чаре. Немаме каде: горе високо, долу длабоко, ведни глава и молчи.

nosite-bolni-deca-vo-gradinka-zatoa-se-razboluvaat-i-nashite-mi-se-gadi-od-komentarite-na-roditelite-po-socijalnite-mrezhi-05.jpg

И да, само ќе ве потсетам дека децата до 5 години немаат целосно развиен имунитет, па освен ако не ги чувате под стаклено ѕвоно – вирусите и бактериите нема да ги одминете... Од каде знам? Знам затоа што сум била и од едната и од другата страна на родители.

Имав можност, па ќерката до 3 години не ја пуштав во градинка. Ја чував како под стаклено ѕвоно. Ако некој кашла кај мене не е добредојден. Ако некој е болен може и да го избркам. Ете, си признавам таква бев. И што се случи?

Кога ќерка ми почна во градинка, првите 6 месеци повеќе беше дома, отколку во градинка. Ја прашувам матичната, а таа ми вели:

„Па што да ти кажам, премногу ја чуваше. Сега трпи додека да стекне имунитет на сите вируси...“

Дали ако детето кашла и му тече носот, не треба да оди во градинка? А што ако е алергија, а не вирус? Дали треба да ви носиме на сите медицински белешки дека децата ни се здрави, но носот им се иритира од прашина и дека тоа што сте слушнале како некое дете кашла, не значи дека е болно, туку му пречи воздухот што го дише?

Малку ни е што времето и општеството нѐ дотепува и не сме заштитени, па удрете и вие – по социјални мрежи, низ маалски муабети, насекаде... Се навикнавме веќе дека сме некултурни, необразовани, себични...

Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Б. С. Б. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Секој маж може да добие дете, но тоа не го прави „татко“ Биолошкиот родител претпоставува дека ја заслужил љубовта на своите деца само за...
Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...
Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Преку глава ми е Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Стани прва, собери ако некој нешто остав...
„Ми се одмили Козјак за викенд, но бев во работен ден и беше идилично“ „Отидов после работа и на Козјак ме пречека спокој каков што не очекував. Немаше...
Продавачка во маркет во Битола со насолзени очи ме замисли: „Дали ги почитуваме правата на работници... Симпатична продавачка во години, прилично растревожена и нервозна, со солзи во о...
Стефан Лазаров за CRNOBELO лексикон: „Ми ja дупнаа главата со стап како дете“ Се сеќавате ли на лексиконите што ги пополнувавме во училиште, но криевме кој ни...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg