Детска искрена радост: Новогодишно пакетче под елката и Коледе со другарчињата од маало

Кога јас бев дете, тоа коледарско утро не знаевме што е студ. Имавме само една мисија, да поминеме што е можно повеќе домови и да собереме што е можно повеќе костенчиња, јаболчиња и бонбончиња. Па, со тешки маки ја „влечевме“ торбата дома, ја празневме и трчај назад. Носињата црвени, гласот зарипнат од пеење, но очите светкаат од среќа, а душата полна мераци...

detska-iskrena-radost-novogodisho-paketcheppod-elkata-i-kolede-so-drugarcijata-od-maalo-01.jpg

Празничната сезона е во полн ек, шарени сијалички низ балконите и терасите го најавија пристигнувањето на Новата година, а светкавите излози уште мамат искрени и детски погледи со подароците со големи црвени панделки.

На телевизија и низ социјалните мрежи реклами со детскиот миленик во црвена облека и густа бела брада, како промовира попусти и производи, наместо да го шири тој, нам добропознат, празничен дух.

Нова година и Божиќ не се тоа што беа, семејни празници, збир на домашните и заедно подготвување на омилените торти и колачи, кифлички и банички, а за Бадник, лепчето со паричка, тавче-гравче и посна сарма.

Порано се радувавме на едноставните и малите нешта, на пакетчето полно со љубов од баба и дедо и будењето рано наутро за коледарање низ маало.

Барем тие спомени мене ми останаа од детството, заедно со новогодишната претстава во Универзалната сала во Скопје.

Новогодишно пакетче – среќа и слатки во една шарена ќеса

И пакетчињата го изгубија својот стар шарм и станаа дела од маркетиншката трка за заработка и комерцијализација на детската среќа.

Кога јас бев дете, пред скоро две и пол децении, се знаеше - се купуваше ќеса со Дедо Мраз, малата беше пет денари, а големата десет, и се полнеше со сè што децата сакаат.

Чоколади, гумени бонбони, наполитанки, смоки и соленки, по некое мало сокче, многу лижавчиња и, секако, кутија крем-бананки и мали чоколатца со ликот на Дедо Мраз, тоа беше задолжително.

И бастунчињата во црвено-бела боја со вкус на шеќер.

Баби ми ни ставаше и портокали и јаболка, ама никој не ги јадеше тие.

И тоа беше, едноставно, но полно со љубов. Оставено под елката, накитена со рачно изработени украси во сите можни бои. А, додека ја китевме елката, на сиот глас ја пеевме: “Елко, елко, порасни уште две три педи, за да може Дедо Мраз, дарови да реди!“

Баба и дедо секогаш го даруваа најголемото пакетче, а ние со сè срце го очекувавме, па кроевме распореди што ќе јадеме кој ден, да ни трае подолго. Пакетчиња добивме и од роднините, во ист стил, само помали, но беа голема причина за нашата радост. Па броевме колку имаме добиено и се фалевме пред другарчињата од маало.

Денес, „фенси“ пакетчиња, читам имало и „смарт пакетчиња“ со играчки кои го стимулираат детскиот развој. И сето тоа е во ред, ама не е тоа сржта на новогодишното пакетче. Барем, не за мене.

Готови пакетчиња што повеќе личат на украсени кутии и пакети, сите со иста содржина, а висока цена. Убавината е во избирањето на сите слатки, грицки и ситници кои знаеш дека детето за кое наменето пакетчето ги обожува.

А сега, сите деца ги очекуваат оние супер „фенси“ подароци, и ако добијат обично пакетче, ја нема веќе таа радост и еуфорија. Во море време се знаеше - Дедо Мраз носи пакетчиња и само пакетчиња!

Сега во скоро секое пакетче има по и по некоја играчка, која чини повеќе од сите чоколади во него, ама популарна е!

Јас сакам сама да ги подготвував пакетчињата за дечињата под чии елки ќе оставам, да бидат лични и вкусни, па ако треба и да изгубам неколку часа од мојот ден, ама навистина ужива да одбирам што ќе ставам во нив.

А, најслатки се оние на најмалите, место чоколади полнам кашички.

Продолжува на следната страница...

detska-iskrena-radost-novogodisho-paketcheppod-elkata-i-kolede-so-drugarcijata-od-maalo02.jpg

Се враќавме од Коледе со зарипнато грло и торби полни јаболка и костени

Пакетчиња под елката на 31-ви декември, а само една недела подоцна на коледарење. И на минусни температури, ние бевме на улица подготвени со торби и добро научени песнички.

Тргнувавме рано, седум-осум часот најдоцна. И тоа банди од по неколку деца, секое со силен елан за пеење на позната: Коледе леде, паднало греде, утепало деде, деде се мачи...

Ечеа улиците и зградите во тоа студено јануарско утро од веселите коледари, а чиниш домаќинките, уште посреќни од нив.

Ден пред Коледе, секогаш бев верна сенка на дедо ми - одевме на пазарче со списокот од баба: јаболка, костени, ореви, бонбони од Европа „на мерење од овошните“ и „шарените шеќерчиња од Чаршија“. Тоа беше тоа традиционално коледарско мени во корпата на баба ми.

И секако, мораше да има железни парички помешани со костени, оревите и бонбоните, а оној кој има среќа ќе ги почувствува како му тропкаат во торбичката.

Сега гледам на Инстаграм се подготвуваат коледарски пакетчиња, со чоколади, со пари, со крем-банани. Украсени со панделки и бадникови гранчиња. Изгледаат прекрасно, но не е тоа во нашата стара македонска коледарска традиција.

Па некој ќе кажеше „тетка Мара дава по 10 денари“, и сите трчавме кон нејзиниот двор, пеејќи најсилно што можеме и на крај броевме парички! Искрени детски радосните без крај...

Коледарските утра сега не се толку весели, секоја година сè помалку и помалку коледарчиња пеат на нашата врата. Лани, ни десет не дојдоа. Мајка ми ги чекаше, корпата - ни до пола не се испразни.

Кога јас бев дете, тоа коледарско утро не знаевме што е студ. Имавме само една мисија, да поминеме што е можно повеќе домови и да собереме што е можно повеќе костенчиња, јаболчиња и бонбончиња.

Па, со тешки маки ја „влечевме“ торбата дома, ја празневме и трчај назад. Носињата црвени, гласот зарипнат од пеење, но очите светкаат од среќа, а душата полна мераци.

А вечерта, мирис на печени костени и, секако, легендарни божиќни филмови, чекајќи ја трпезата со лепче со паричка.

И секоја година, кога ќе ја слушнам коледарската песна, чувствувам топлина во срцето, неопислива среќа, се враќам назад во моите детски години.

За жал, сè поретко ја слушам таа песна и се плашам дека оваа убава македонска божиќна традиција наскоро ќе исчезне.

Ќе останат спомени, тие вечни, слатки спомени, ќе остане и желбата, и ние да чекаме коледарчиња, да ги полниме нивните торбички додека слатко пеат.

Да не се заборават нашите македонски традиции… тие се прекрасни. Да не ги менуваме, нека останат едноставни, убавината е во малите нешта, во подароците од срце подарени во пакетчињата полни слатки и љубов!

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

И. Ј.| Црнобело

Би можело да ве интересира:

Баба Рога, самовили, страшни кловнови: Со што сè нè плашеа како деца? Пред неколку вечери, нешто пред полноќ, се возев во градски автобус, минувајќи г...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Ах, во мое време се собираше детска пошта, се играше ‘сакате ли војна’ и мангуп беше тој со велосипе... И јас на мои 35 години дочекав да ги повторувам моите сакани, да кажам „Во мое в...
Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Преку глава ми е Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Стани прва, собери ако некој нешто остав...
Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...
Некогаш летниот одмор беше во село кај баба и во камп приколки во Струга vs. денес - по цел ден на т... На календарот ги одбројуваме последните денови од август, а со тоа, е крајот на ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg