Нека не те лаже 8-ми март дека живееш во рамноправен свет

Се сеќавам како во прво одделение пеевме една песничка: „8-ми март е ден на мама, што ли да ѝ дарам, па за нејзината љубов да ѝ благодарам? Тра ла ла, тра ла ла, честит празник мамо...“

RjxCDuTT_eE.jpg

Сите побеснуваат во овој ден од годината. Градот станува хаотичен, и жените и мажите стануваат дел од некоја бесна трка за посвежи цвеќиња, поблескави обетки, поголеми подароци.

На телевизиите се вртат истите анкети, со одговорот кој сме го слушнале веќе 1.000 пати: „Јас мислам дека жената не заслужува само еден ден во годината, туку заслужува внимание сите 365 дена!“.

И јас мислам така. Амин! Прашањето ми е – како си го валоризираш постоењето останатите 365 дена во годината?

Особено ми е мачно кога ги гледам жените напикани во кафеани и ресторани токму на 8-ми март, како урлаат од славење и играње ора, со наменски сарми-фризури и лоши парфеми. Зошто токму овој ден? Што толку и што точно прославувате?

Трагичната вистина е дека половина од вас не би се осудиле да излезат после работа и да слават на овој начин без одобрување од мажот.

Еуфоријата потсетува на Нова година и тинејџерите – можам да останам после полноќ, всушност можам да славам цела ноќ. Исто е и ова. Одам во кафеана, овој ден е мој и никој не смее да ми противречи. Па 8-ми март ми е.

Останатите денови од годината си скоро невидлива, безгласна буква. Одиш и прибираш растурени чорапи низ куќа, небаре се трошки – патокази кон најголемата среќа.

Одиш на работа, переш, пеглаш, чистиш, а кога само еден ќе ти стане мачно повторно да готвиш ручек, добиваш подигнување веѓи, вртење очи и неодобрување. Како си можела да ги оставиш без ручек, ама тебе те фатило некоја голема мрза изгледа.

Во домот настанува паника кога те нема повеќе од 2 часа. Еден не може да си ја најде маицата, друг ќе цркне за јадење затоа што тебе те нема. Брзаш дома да им угодиш на сите, се чувствуваш некако важно и поласкано, ете, што би било без тебе, ќе се распадне домот и семејството.

Не размислуваш многу за твоите права, па што ти недостига, сериозно? Не е дека немаш право на глас или дека не смееш да одиш на работа. Имаш повеќе обврски околу домот, ама тоа е нормално, та нели си жена, тоа си е твоја работа.

И еве, осамна 8-ми март. Твојот ден. На работа доби роза од шефот, па види го колку е внимателен. Една роза е очигледно доволна да го избрише суптилниот мобинг и половата дискриминација која е и повеќе од очигледна. Се потрудил човекот, алал да му е.

Се провесели со колешките, си даде оддишка. Се напи неколку чашки повеќе, мажот вообичаено се лути кога го правиш тоа, но денес е твој ден, сè е дозволено. Дома те дочека истиот секојдневен хаос, ништо не е помрднато од местото каде што ги остави работите.

Никој не се потрудил да раскрене, да зачисти, да те изненади за промена. Но, тебе ти е тоа сосема нормално, подобро да не ми растураат, не знаат да чистат како мене.

Те дочекаа бакнежи и подарочиња. Потпивната и весела, пливаш како безгрижна рипка во ова море од внимание.

Море што убав бил овој 8-ми март.

Од утре сè е по старо. Истите обврски и уште неколку плус. Ти си хронично уморна и никој не те прашува како си. Не паметиш ден да си добила цвеќе или подарок, освен ако не ти е роденден или тој фамозен 8-ми март.

Удобно се вовлекуваш во кожурецот на сервилна жена. Не доликува да си го кренеш гласот, сепак си женско. Ах, за што е жената на овој свет, освен да се мачи.

8-ми март е ден на мама, што ли да ѝ дарам? Ти подарувам мамо почит, внимание и вистинска, реална полова еднаквост. Ти подарувам храброст и ум, да си ги искажеш сите тежини, ти подарувам слободно време за себе, да си го исполниш онака како што ти сакаш.

Ти подарувам помош, бидејќи не си должна да ни бидеш робинка или слугинка по дома.

Најмногу од сè, ти подарувам слобода, да бидеш она што си. Бидејќи си вредна, силна и го заслужуваш тоа.

Цвеќиња не ти давам за 8-ми март, ќе ти ги подарам во кој и да било друг, најобичен ден.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Некогаш летниот одмор беше во село кај баба и во камп приколки во Струга vs. денес - по цел ден на т... На календарот ги одбројуваме последните денови од август, а со тоа, е крајот на ...
„Порака до швалерката на мојот маж: Не ни сонував дека еден ден ќе ти бидам благодарна“ „Неговото неверство ме повреди на начин на кој не можев ни да замислам, но ме ск...
Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Преку глава ми е Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Стани прва, собери ако некој нешто остав...
Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...
16 години непребол од смртта на Тоше Проески: „Денес повеќе би сакал да ти дојдам на концерт, намест... „И 16 години по смртта, Тоше е непребол. Ме лазат морници кога шетам низ Крушево...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg