„Ве сакам сите“ - 10 години непребол од последниот концерт на Тоше

5 октомври е, 2007 година. Градскиот стадион во Скопје крцка. Преполно е, многу насмеани лица начичкани во публиката со будалесто среќни насмевки во очекување на нашиот омилен пејач на сцената.

ve-sakam-site-10-godini-neprebol-od-posledniot-koncert-na-tose-001.jpg

Тој излегува и настанува општо лудило на стадионот. Можете да забележите дека сите од првиот до последниот во моментов сакаме да сме само тука и на ниту едно друго место на светот.

Тоа беше Тоше, некому кому му доделивме статус на ѕвезда, а тој самиот се доживуваше како обичен, скромен човек. Некој за кого картите се распродаваа со неверојатна брзина, па без никаков проблем полнеше сали и стадиони. Некој кој не ги лажираше бројките за популарноста или слушаноста или распродаденоста на концертите, бидејќи обожавателите кажуваа сè.

Некој пред кого потклекна целиот Балкан и се поклони на неговиот талент, способноста да создава неверојатна музика, но пред сè ја препозна неговата човечност и добрата душа.

Ги пееме рефрените во еден глас. Тука сме, живи сме, чувствуваме неверојатна позитивна енергија, како да сме семоќни, недопирливи, како да може да направиме сè што ќе посакаме.

Дишеме како едно, во истиот ритам. Се чини дека на среќата ѝ нема крај.

„Ве сакам сите“, повторува Тоше. И ние те сакаме тебе, повторуваме со растреперени срца и треперлив глас.

Кој би помислил дека ова може да биде последниот концерт на нашиот најдраг Тоше?

10 години откако го нема повеќе. Тоше се претопи во ѕвезденото небо кое толку многу го сакаше, кое толку пати го направивме за него.

Верувам дека стана најсјајната ѕвезда, бидејќи таков и се роди. Човек со ѕвезда, човек создаден да носи радост, да усреќува и несебично да им помага на другите, не очекувајќи ништо за возврат.

Нема да се роди никој како тебе, ниту сличен. Те загубивме прерано, но среќна сум што барем те имавме во нашите животи. Чувствувам како да те познававме сите до еден. Кога те боли толку многу како за најблизок, такво е чувството кога помислувам дека те нема.

Но, ни ја остави твојата музика. Твоите дела на добрина, твојот аманет да си помагаме и да се сакаме, бидејќи треба да сме луѓе.

По тебе Тоше, каде што газиш, нашиот поглед бакнува.

Твојот живот навистина беше Игри без граници. Игри исполнети со убава музика која делува како мелем на душата, игра на носење радост и насмевки, игра во која исполнувањето на секој сон се чини како возможна мисија.

Игра која никогаш нема да заврши.

* Погледнете го последниот концерт на нашата најголема ѕвезда Тоше одржан на 5 октомври, 2007 година и бидете дел од ѕвезденото небо во негова чест:

https://www.youtube.com/watch?v=j7YMFTIAYkk

(O)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
„Порака до швалерката на мојот маж: Не ни сонував дека еден ден ќе ти бидам благодарна“ „Неговото неверство ме повреди на начин на кој не можев ни да замислам, но ме ск...
16 години непребол од смртта на Тоше Проески: „Денес повеќе би сакал да ти дојдам на концерт, намест... „И 16 години по смртта, Тоше е непребол. Ме лазат морници кога шетам низ Крушево...
Мали мудрости на кои може да нè научат само нашите мајки Мајка ми велеше: „Ако веќе разговараш со оние што не те сакаат, тогаш тоа нека б...
Вие наши сакани, што го победивте ракот и се смеете повторно од срце, вие сте нашите херои од реално... Зарем треба да ја сожалуваме жената со марама на главата? Не, ние треба да бидем...
Ах, во мое време се собираше детска пошта, се играше ‘сакате ли војна’ и мангуп беше тој со велосипе... И јас на мои 35 години дочекав да ги повторувам моите сакани, да кажам „Во мое в...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg