Откачи ја таа сиромашна девојка што не ти е на исто ниво и најди си подобра!


Откачи ја таа сиромашна девојка што не ти е на исто ниво и најди си подобра!

Непријатно се изненадив кога пријателката почна да ми објаснува како нејзиниот 17-годишен син започнал да се гледа со некоја девојка, за која веднаш се алармирале по дома и решиле да ја „прочешлаат“.

otkaci-ja-taa-siromasna-devojka-sto-ne-ti-e-na-isto-nivo-i-najdi-si-podobra-001.jpg

Тоа е тој момент кога вас ве убива туѓиот срам, не ви се верува што слушате и шарате со погледот кон најблискиот излез или кон подот, да пронајдете дупка и да пропаднете во неа.

Иако реално, не сте направиле ништо погрешно. Освен можеби што ги слушате овие глупави муабети и не алармирате за штетата која ја прават некои луѓе.

И ете, 17-годишното синче на мама се вљубило до уши, се збудалел за некоеси девојче, една година помало од него, од истото училиште.

Па како се презива, каде живее, што работат нејзините? Ништо посебно, не биле никој и ништо. Некои анонимуси, а пријателката не може да се начуди каде ја најде таа Сања и со што толку го маѓепса нејзиниот совршен мал принц, кога таа просто не е на негово ниво?

Седам, слушам и не можам да си поверувам во кој свет и во каков лош филм живеат луѓето. Ниво? 17-годишни деца одеднаш имаат ниво. Нивните родители со невидена љубопитност се интересираат за другите деца, поточно за нивните родители. Се растрчале да дознаат што фамилија се, што пари имаат и одеднаш се фрапирале кога дознале дека се „голтари“.

Нема викам да се венчаваат, уште се мали, деца се, пуштете ги да си го живеат животот и да си се сакаат.

Не, не можело тоа туку-така да се остави на случајност. Можела да го заведе и да го завлече, да му ја уништи младоста и животот.

А што ако тој ѝ го уништи нејзе животот?, прашувам.

Како може да ѝ го упропасти животот со тие пари и становите што го има?

Па, ако е воспитан како вас, што верувам дека е, многу ќе ѝ го уништи животот. Впрочем, некој неа треба да ја предупреди, а не обратно. Некој треба да ја извести дека други веќе ја оцениле и ни виновна ниту должна, го паднала тестот на родителите.

Не си рекле ниту едно здраво, ниту ја виделе со очите, ама пресудиле дека е непогодна за синот.

Нема звучно презиме, нејзините не се познати, немаат образование какво што се бара, пари кои ќе се залепат на нивните пари. Не излегуваат на извикани места, немаат врски никаде, не летуваат на егзотични дестинации, не знаат да скијаат и се пикнале таму четиричлено семејство во некоеси мизерно двособно станче.

Се облекувале просто и просечно, таа мајка ѝ изгледала како некоја изгубена мивка. Автомобилот им бил купен на старо и немале ниту една скапана викендичка некаде низ Македонијава.

Ќе му кажам да ја откачи, што ќе му е таква сиромашна, ќе си најде подобра.

Тоа подобра, да нема забуни, во превод значи – побогата. Ако има доволно пари и презиме кое се лепи за увото, може да е и најнеинтелигентната во држвава, ама сепак ќе биде подобар избор.

Ќе биде на ниво. Нема да биде срам за фамилијата.

Не е важно дали ќе го прави среќен, подобар човек. Не е важно дали ќе биде покрај него и во доброто и во лошото, ќе се обиде ли да го разбере, ќе му даде ли поддршка кога ќе му биде најпотребно, да биде и самата човек што од едно ќе успее да направи две.

Важно е што наследство има, што чевли носи, кои се нејзините. Тоа се критериумите. Не мора да биде и нешто убава, а бога ми ни многу паметна.

Тие детективски потраги се спроведуваат поради други критериуми.

Па, искрено треба да си ја чукнете главата како паднавте на едно толку ниско ниво на размислување. Особено оние покондирени тикви кои глумат богаташи од големото добро утро. Треба и самите да се запрашате дали вредите онолку колку што си замислувате, пред да им наоѓате мани на сите други околу вас.

Ставете се во позиција некој друг да ви го осудува вашето дете на тој начин. Бидејќи секогаш ќе има побогати и од вас. И вашиот син можеби за некого е голтар. Па, обидете се да живеете со тоа горчливо чувство во градите.

Конечно, ценете ги луѓето по домашното воспитување, скромноста, желбата да научат и да помогнат некому. Ценете ги поради искреноста и трудољубивоста, начинот на кој се трудат да успеат во животот, нивниот однос кон другите луѓе.

Вљубете се во овие карактеристики, не во парите, становите и викендиците.

А животот, тој е многу интересен и ироничен истовремено. Тој е тркало, денес си на врвот, утре на дното. Денес имаш, утре немаш. Пари се печалат, пари се трошат. Добриот карактер, воспитувањето и убавата душа остануваат секогаш.

Немој да испадне на крајот да немаш со кого да се напиеш едно кафе кога од нивото ќе паднеш под нивото.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Има желби кои ниту Дедо Мраз не може да ги исполни... После долг напорен ден со мојата сопруга го средувавме хаосот кој го создале наш...
Ќе бидеме џентлмени кога вие ќе почнете да се однесувате како дами Екстремното доцнење не било, ниту пак некогаш ќе биде во мода. Доцните повеќе од...
Од пуст срам што ќе речат другите останавте во лош брак и нè осакативт... Не постојат лоши родители. Нема лоши мајки. Така ни велеа и нé учеа од малечки. ...