Нема потреба да глумиме еднаквост кај децата кога твоето носи Ајфон, а моето јакна стара 3 години

Децата по природа се многу чувствителни, но и познати по својата искреност. Дете и кантар – не лажат, така рекле старите. Затоа не ми беше воопшто чудно кога син ми си дојде растревожен од училиште, поради кавгата со неговото најдобро другарче.

Nema-potreba-da-glumime-ednakvost-kaj-decata-01.jpg

Имено, неговиот најдобар другар му рекол дека неговите немаат пари да му купат поубав и поскап мобилен телефон.

Точно е, немаме пари да ти купиме поскап мобилен телефон, му одговорив. Всушност, мобилниот телефон треба да е потреба, нешто за итни случаи, не предмет на луксуз.

Особено не за 10-годишни деца, кои половина од нив, да ми простите, не знаат да си го избришат задникот.

Точно е дека немаме пари за поскап мобилен, но ќе ти кажам уште нешто што е точно–тоа дете не ти е најдобар другар. Не ти е никаков другар кога се осмелил да ти зборува така.

И само толку му кажав. Не ми се навлегуваше во предавања како момчето не е виновно за ништо, кога таквите зборови мора да му ги всадиле некои поголеми и позрели умови од неговиот.

Не може на 10-годишни деца од нигде никаде да им текне кој каков мобилен носи, освен ако некој не ги подучи или не коментира по дома.

Немам ништо против кој колку има или кој како и колку (се) носи. Имам против кога тоа се прави отворено, дури и злобно, надмено и арогантно, за да се покаже вредноста на некои, а да се маргинализираат другите дечиња.

Да, не сме сите исти, јасно е како сончев светол ден. Затоа е многу смешно кога одредени родители, особено оние кои најмногу ги форсираат материјалните нешта кај децата, почнуваат да глумат етичка коректност, за да не се почувствувале класните разлики.

Да не им било непријатно на децата. Бев дел од срамна родителска средба каде што загрижен родител укажуваше на потребата од идентичен школски прибор за сите деца, за да не се почувствувале некои загрозени од другите. Демек, истите тетратки и моливчиња ќе ги избришат разликите помеѓу децата.

Тоа нема да го сторат скапите патики, мобилните, јакните од познати брендови. Можеме да мижиме и да речеме дека тие не ги раздвојуваат дечињата и коментарите како оној погоре упатен кон син ми, ама истите гумички ќе направат сите да се чувствуваат како да се дел од еден ист свет.

Искрено, збоктисано ми е од детските родендени. Со душа го чекам моментот кога децата ќе ми пораснат, ќе си одберат свое друштво онакво какви што се, скромно и без глумење и лицемерие од кое ми се гади.

Затоа што сѐ уште се премногу малечки за да ја сфатат суровоста на светот во кој живеат, иако некои од нив веќе ги инструираат како да се однесуваат кон другите деца - како да се повредни, подобри и да ги гледаат одвисоко и со понижување. 

Лошо е да се каже дека мразиш детски родендени, ама јас почнувам да се задушувам. Не од дечињата, туку од желбите на нивните родители да се покажат и докажат пред светот, па од обичен детски роденден се прават фешти.

Ние со Анабелче ќе славиме во зоолошка, ние со Матејчо изнајмивме цела кино сала, ние ќе го носиме целото одделение на paint ball… оди утре објасни му на твоето дете зошто не можеш да му направиш таков роденден.

Зошто неговите крем банани не биле дочекани со толку ентузијазам како трикатната торта од картонски парчиња, преполна слатки.

Па зошто не дошла Елса на роденденот, па зошто не ти биле Маша и Медо на роденденот… ама си проста, само една торта имаше кај тебе, тапа ти беше роденденот.

И тоа упорно споредување со другите деца… зошто им го правите тоа? Ти имаше најубав роденден, какви балони имаше кај тебе, да не беше поубаво кај Кристина, како да не?

Не ви е роденденот арена за натпревар и докажување кој колку има и кој колку ќе потроши на децата. Мислиш сета љубов се собрала во тоа купување и покажување пред другите.

Па родители, нема потреба од глумење и сета таа хипокризија на еднаквоста. Не сме еднакви. Ниту децата не ни се еднакви. Вие добро се погриживте да се чувствуваме сите нееднакво.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Секој маж може да добие дете, но тоа не го прави „татко“ Биолошкиот родител претпоставува дека ја заслужил љубовта на своите деца само за...
Mи недостига снегот во декември, мавањето со снежни топки на големите одмори и празничната еуфорија ... Се сеќавам дека од тезгите на градскиот плоштад купувавме честитки. Оние од по 3...
Другарка ми остана бремена, само за да направи забава за откривање на полот и мини свадба за прв род... Драги мои, неверојатно е колку модерното време ни ги промени животите. Сите оние...
Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...
Стефан Лазаров за CRNOBELO лексикон: „Ми ja дупнаа главата со стап како дете“ Се сеќавате ли на лексиконите што ги пополнувавме во училиште, но криевме кој ни...
„Ноќта кога почина мајка ми сфатив што е вистинска љубов - ми покажа татко ми со кого беше 55 години... „Јас сум среќен вечерва, а знаете ли зошто? Затоа што таа замина пред мене. ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg