Бабите ми се стари, роднините селски, пријателите неважни, а јас најпаметна

Јас нема да ги викнам роднините на свадба, многу ми се селски, кажа градската девојка од големото добро утро – и преживеа.

Babite-mi-se-stari-rodninite-selski-01.jpg

Баби и дедовци исто така не викам, стари се. Пријателите на моите ми се неважни. Кога подобро ќе размислам, има ли потреба и од моите родители на свадбата?

Има потреба бе девојче, има. Да не биле твоите родители немало да постоиш и да тресеш вакви глупости денес. Да не биле баба ти и дедо ти, ќе немало кој да те чува додека твоите биле на работа.

Ќе си немала спомени од зимски и летен распуст кај баба и дедо, десетици сплетени џемпери кои баба ти трпеливо ги правела само за тебе, додека прстите ѝ се вкочанувале поради иглите за плетење.

Сега се стари и немоќни, ама го забораваш времето кога трчаа по тебе за да не паднеш додека несмасно проодуваше. Го заборави и времето кога искрено се радуваа за секоја петка и кришум ставаа по некое париче во училишната книшка и индексот.

Ги заборави и сите пакетчиња под елката, моментите кога дедо ти неуспешно глумеше Дедо Мраз кој ѕвони на вратата, а потоа со брзина на полжав се обидува да избега за да не го видиш.

Љубов се вика тоа, безрезервна, искрена, топла, чиста љубов за која ти немаш основна идеја, иако тврдиш дека си ја нашла онаа на својот живот и ти дошло време за мажачка.

Кога само ќе си помислам колку сме им се качувале на дел од роднините на глава. Имам стрина која знае да шие и теснеше и ширеше и теснеше и ширеше фармерки во зависност од модата која се менуваше, без ниту еден збор да ни рече, без да нè погледне напреку, затоа што бевме ужасно напорни деца.А таа нè дочекуваше и испраќаше со насмевка, со она што се нашло по дома, со љубов.

Чичковци чии подароци поминале по 2.000 km, дојдени само со еден џемпер на себе, само за да има повеќе место во куферот за подароците наменети за другите. Тетките кои правеле тегли и тегли компоти, ајвари и мармалади само за да имаш што да јадеш додека си на факултет надвор од родниот град.

Кога се јавуваат само да те прашаат како си. Кога ти праќаат поздрав преку твоите и едно чоколадо да се заблажиш, иако имаш 25 години. Кога ти ги даваат последните 100 денари. Од паричникот да се почестиш кафе, со некоја извинувачки нежна насмевка како немаат за жал повеќе.

Бидејќи би ти дале сè што имаат. Барем оние роднини кои навистина ти мислат добро, те сакаат од срце, се радуваат за тебе, се гордеат со тебе. Не оние со кои си копате очи за наследството и се озборувате зад грб. Чкртни ја онаа категорија која ја гледаш само на погреби и свадби и никаде помеѓу.

Но, не ги одбегнувај оние кои ти се блиски. Кои се израснале од мрвка месо. Кои биле и сè уште се тука за тебе.

И не заборавај, и ти еден ден ќе бидеш нечија мајка, тетка, стрина, па дури и баба. Нема да си вечно млада. Ќе се збрчкаш, ќе остариш, ќе ти снеможе снагата, ќе ти се развее умот, ќе ти се тресат рацете.

И толку многу ќе сакаш некој да се сети на тебе, да те покани некаде на некоја убава пригода, да ти прозбори, да те праша како си, да те развесели, да се насмееш.

И за тебе некој ќе рече – не ја викам, стара е, селска е, ме срами.

Се срамиш ли?

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...
Баба Рога, самовили, страшни кловнови: Со што сè нè плашеа како деца? Пред неколку вечери, нешто пред полноќ, се возев во градски автобус, минувајќи г...
„Порака до швалерката на мојот маж: Не ни сонував дека еден ден ќе ти бидам благодарна“ „Неговото неверство ме повреди на начин на кој не можев ни да замислам, но ме ск...
16 години непребол од смртта на Тоше Проески: „Денес повеќе би сакал да ти дојдам на концерт, намест... „И 16 години по смртта, Тоше е непребол. Ме лазат морници кога шетам низ Крушево...
Бадник и Божиќ во мојот дом во Битола – Баба ми возбудено готви, јас дотеран за во црква Паметам кога бев малечок, уште во зорите на ладното зимско утро ќе ме разбудеа п...
„Ноќта кога почина мајка ми сфатив што е вистинска љубов - ми покажа татко ми со кого беше 55 години... „Јас сум среќен вечерва, а знаете ли зошто? Затоа што таа замина пред мене. ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg