По траумите од првото породување, размислував да го абортирам второто дете, но не го направив тоа и горда сум

По првото породување на една од скопските клиники и по низа компликации мислев дека никогаш повеќе нема да останам бремена. Цврсто бев решена дека едно дете ми е доволно и тоа е тоа! Едноставно ми беше страв од породувањето, од бременоста во целост, па и веќе се чувствував преморенa од многуте непроспиени ноќи. Но, тогаш се случи втората бременост... Што сè ми минуваше низ глава?

po-traumite-od-prvoto-poroduvanje-razmisluvav-vtoroto-dete-da-go-abortiram-srekjna-sum-shto-ne-sobrav-hrabrost-za-toa-01.jpg

Кога ќерка ми имаше година и осум месеци дознав дека сум останала бремена по вторпат. Тоа беше шок! Бев збунета, преплашена, несигурна... Знам дека во тие мигови ми прелетуваше мислата: „Таман се ослободив, сега пак од почеток истото!“

Во еден миг разговаравме со сопругот и тој ми рече:

„Одлуката е твоја, ако мислиш дека треба да го сториш тоа, може и да абортираш!“

Не! Немав срце да направам такво нешто. Да бидеме искрени, не сум од оние што отворено се против абортус, ниту пак имам некои длабоки религиски уверувања, ниту пак ги осудувам жените што од какви било причини се одлучиле на таков чекор, напротив сочувствувам со нив.

Но, таа реченица на сопругот ме освести, ме разбуди – сфатив дека во мене расте нов живот и дека како што сум му мајка на првото дете, така треба да му бидам мајка и на второто.

Сега од една подалечна перспектива може да издвојам неколку работи што, ете, јас ги искусив на сопствена кожа и сега можам да кажам дека не зажалив за одлуката и оти сум пресреќна што сум мајка на две дечиња.

Заборавете сѐ што сте мислеле дека знаете за породувањето

Како што кажав, првото породување беше мошне тешко: се породив со вештачки провокации, а во болница со пукнат воденик бев околу 40 часа.

По породувањето морав уште цела седмица да лежам во болница поради повреди.

Со второто дете се породив за само 4 часа, без никакви компликации, а дома си отидовме само по два дена.

Оттука, на своја кожа почувствував дека секое породување е посебна приказна.

bratce-sestricka-4.jpg

Второто бебе може да биде сосема различно од првото

Си дојдов дома со второто бебе и мислев дека знам сѐ, дека искуството со првото бебе е мерило за она што ќе ми се случува во иднина.

Така, со оглед на тоа што со првото бебе имавме проблеми со доењето, на второто бебе на секое плачење му давав да цица, па уште купив и дохрана, да не затреба, за секој случај.

Тоа не одбиваше да цица, ама затоа пак грчевите нѐ нападнаа уште по втората недела.

Брзо ми стана јасно дека го прејадувам, дека нема потреба од дохранување, а дека секое плачење не значи и потреба за храна.

Понатаму, ако со првото дете сѐ ми изгледаше како бескрајно плачење и цицање, со второто дете искусив што значи бебето да гуга, да се смее, да биде весело.

Како растат, така ги забележувам разликите кај нив...

Првото дете е опседнато со цртани и гледа сѐ што ќе му се види интересно, второто гледа само понекогаш и тоа само одредени цртани (има попрефинет вкус).

Првото дете постојано има потреба да биде во центар на внимание, второто знае само да се заигра со играчките и да си најде занимација итн.

bratce-sestricka-2.jpg

Второто дете учи од првото

Да! Помеѓу моите деца постои релативно мала разлика од околу 2 и пол години, па така, ако плаче едното, плаче и другото.

Поголемото затоа што сака да му се остварат желбите (сака некоја играчка, некоја храна, или пак едноставно му дошло до плачење), а второто затоа што плаче првото.

Така помалото дете почна со т.н. „тантруми“ уште кога имаше 8-9 месеци.

Од сестра му научи дека кога е незадоволен треба да вика и да се бунтува ако тоа не може да го искаже со зборови.

Првото прооде на година и пол, а второто бараше да го држиме исправено уште кога имаше 4 месеци затоа што сакаше што е можно побрзо да трча како сестра му.

Првото бои со дрвени боички од една година, второто почна да го прави истото уште кога имаше 9-10 месеци, затоа што така прави сестра му.

bratce-sestricka.jpg

Срцето ќе ви се топи кога ќе видите колку вашите деца се сакаат

Братчето или сестричката се најдобриот подарок што можете да му го дадете на вашето дете.

Да, тешко е на почеток. Да, непроспиените ноќи се трупаат. Да, некогаш ви се чини дека на маката ѝ нема крај. Ама кога ќе ја видите сликата како вашите деца се гушкаат, се сакаат, си играат заедно, ќе бидете пресреќни.

Ќе знаете дека на вашето дете сте му подариле нешто што е бесценето, а тоа пред сѐ е можноста да има најдобар пријател или „сојузник“ – знам дека има страшни приказни за ривалство и слично, ама вие сте тие што треба да ги научат децата да се сакаат.

И со восхит ќе гледате и ќе се потсмевнувате во себе кога ќе видите како едно со друго се прикриваат и си „се бранат“.

semejstvo.jpg

Поголемото дете ќе ви се чини дека е многу големо

Ќе има мигови кога сосема ќе заборавите дека поголемото дете е уште мало.

Пред да се породам со второто дете, мислев дека ќерка ми е малечка, уште ја третирав како бебе, а само два дена подоцна ми се чинеше дека преку ноќ пораснала.

Плачев кога отидов да се породам со второто дете, мислев дека ќе го запоставам првото, дека тоа што нема да сум со неа неколку дена таа ќе го доживее трауматично или дека ќе ја повредам.

Колку сум била само наивна?! Таа совршено се снашла за тие два дена, а кога си дојдов беше пресреќна затоа што сум дома, а ѝ донесов и бебе.

За крај имам уште нешто да ви кажам. Тоа што го родив второто дете, што не се откажав од него и што ги надминав стравовите само ме научи дека јас сум посилна од стравот и дека можам да направам сѐ што сум замислила.

Да, беше тешко во првите три години додека да застане на нозе и второто дете - да не се лажеме.

Нема да ви продавам бајки дека сѐ е како подмачкано, затоа што не е...

Но, на крајот на денот мора да кажам дека сум пресреќна затоа што имам две деца: децата не се пречка во животот, туку се мотивација – а две деца се двојна мотивација да бидеме поуспешни, подобри, поцврсти и посилни.

На крајот на краиштата никој не ви дава упатство за употреба и да ви каже што значи да бидеш мајка - се учите секојдневно, давате сѐ од себе, а имате само една цел: вашите деца да бидат среќни!

А две деца се две различни искуства и две различни приказни споени во една целина. Приказната за тоа како се станува и како е да се биде мајка.

Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Б. С. Б. | Црнобело / фото: pexels.com

Би можело да ве интересира:

Поучна кинеска приказна: Секое добро не е за добро и секое лошо не е за лошо Сè што се случува околу нас е комплексен процес. Невозможно е однапред да знаете...
Мали мудрости на кои може да нè научат само нашите мајки Мајка ми велеше: „Ако веќе разговараш со оние што не те сакаат, тогаш тоа нека б...
Секој маж може да добие дете, но тоа не го прави „татко“ Биолошкиот родител претпоставува дека ја заслужил љубовта на своите деца само за...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...
Ах, во мое време се собираше детска пошта, се играше ‘сакате ли војна’ и мангуп беше тој со велосипе... И јас на мои 35 години дочекав да ги повторувам моите сакани, да кажам „Во мое в...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg