Гледаме туторијали на YouTube, бараме совети на Фејсбук - Колку се промени мајчинството во последните неколку години?

За секој проблем со децата, бараме совет на интернет. Имаме модерни виртуелни семејства на форумите и на Фејсбук групите, но не смееме да заборавиме дека кога станува збор за здравјето на децата, понекогаш мора да консултираме и лекари. Не се советите на „интернет семејството“ секогаш најдобри. Иако информациите се достапни, тоа не значи дека треба да ги земаме „здраво за готово“, без да ги проверуваме.

mobilen-telefon-i-gugl-osnovna-alatka-za-sekoja-moderna-majka-01.jpg

Како и секоја нова мајка, така и јас кога добив деца се соочив со низа предизвици, а за секој проблем до себе го имав моето „виртуелно“ семејство на Фејсбук групите и форумите за родители, што веќе ги искусило истите проблеми, се соочило со истите предизвици и решило да ги сподели своите искуства.

Двете деца речиси пораснаа, а јас научив што значи да бидеш модерна мајка. Ако нешто не знам, тогаш ќе „изгуглам“.

На форумите, на порталите за мајки, на групите за мајки секогаш има информации.

Како и за сè друго во модерниот живот – така и за мајчинството „Google“ ми стана најдобар другар, а мобилниот телефон, најважна алатка.

ostavi-go-vekje-telefonot-zemi-nadoj-go-deteto-koga-gugl-e-osnovna-alatka-za-sekoja-moderna-majka-02.jpg

Но, да бидам искрена, не беше „Google“ секогаш во право.

Кога ќе се сетам на првите денови кога ја донесов ќерка ми дома – за неа требаше со сопругот да се грижиме сосема сами, без некој повозрасен да ни каже што треба и како треба да правиме.

За првото бањање гледавме туторијал на „YouTube“...

За проблемите со доењето, грчеви, запчиња повторно го прашував „Google“. За сè што требаше да се купи, секако, пак го прашував „Google“.

Уште во бременоста, редовно месец по месец пребарував како треба да се развива моето дете, кои се клучните фази од развојот што треба да ги очекувам и што би можело да ме загрижи.

Откако се роди ќерка ми, на интернет ги пребарував симптомите за секоја настинка, за сè што беше невообичаено.

ostavi-go-vekje-telefonot-zemi-nadoj-go-deteto-koga-gugl-e-osnovna-alatka-za-sekoja-moderna-majka-03.jpg

Се сеќавам на денот кога ќерка ми за првпат падна од креветчето. Се чувствував ужасно, како јас да сум виновна затоа што не сум внимавала на неа и секако повторно за да си олеснам и за да се осигурам на што треба понатаму да внимавам, откако ја смирив да не плаче, веднаш го земав телефонот.

За да знам кои се повредите што би можеле да се случат совет побарав од родителите на интернет, а советите на мајките на Фејсбук групите беа најразлични.

Имаше такви што ме осудија и обвинија „каде ми биле очите“ па не сум го видела детето дека паѓа, а и такви што сосема рамнодушно одговорија дека и нивните деца милион пати паднале, па сега се живи и здрави. Сѐ на сѐ, наместо да се чувствувам подобро, се чувствував уште полошо.

На крај отидовме на преглед, каде лекарот ми рече дека не е ништо страшно и дека имаме само малку поголема џумка, но дека во иднина треба повеќе да внимаваме.

Додека доев, секој купен продукт, секоја храна мораше да помине прво пребарување низ интернет, да се осигурам за тоа колку е безбеден и дали може да му наштети на моето дете.

„Дали смеам да јадам грав, грашок, банани, печурки, домати …“ – секој ден на списокот доаѓаше нешто ново што смеам или не смеам да го јадам. Потоа кога децата почнаа да јадат цврста храна, истото го правев и за нивната храна. 

ostavi-go-vekje-telefonot-zemi-nadoj-go-deteto-koga-gugl-e-osnovna-alatka-za-sekoja-moderna-majka-04.jpeg

Велат на бебињата не им се давало вода, веднаш пребарував: „зошто на бебињата не им се дава вода“, бебето не смеело да јаде мед до една година: „зошто бебето не смее да јаде мед?“

Така, во последниве пет години станав подвижна енциклопедија со сето знаење собрано од „Google“ и да – гордо велам дека сум модерна мајка.

Член сум на повеќе групи за мајки на социјалните мрежи. Често ги следам проблемите на другите мајки, понекогаш се вклучувам во дискусија и сакам да им помогнам и да го споделам сопственото знаење од она што сум го искусила, но и секако за она што сум го „изгуглала“.

Но, дали само „Google“ е доволен? Дали тоа што сите информации постојано ни се на дофат значи дека треба во целост да ги отфрлиме советите на повозрасните и на лекарите и да кажеме дека тие не знаат доволно и дека не се информирани?

Достапноста на информациите во голема мера е и она што нѐ прави различни од нашите баби и мајки. Ние како генерација на мајки можеби сме и многу позагрижени за сопствените деца, затоа што сме повеќе информирани.

Што значи да бидеш модерна мајка? Тоа значи „Google“ и мобилниот телефон да ти бидат најважна алатка, а сите совети од повозрасните прво да ги провериш таму, за потоа да знаеш дали се точни или се само обични „бабини деветини“.

Тоа значи дека треба и да внимаваш на советите што ги добиваш на интернет и да не преземаш непотребни ризици, затоа што не секој проблем може да се реши без лекарска интервенција и совет.

Исто така, значи да научиш и понекогаш да го оставиш телефонот и да не бараш вистински совет таму каде што нема да го добиеш, туку за сѐ што е посериозно да се обратиш на лекар.

Фејсбук групите и форумите се одлични за споделување искуства, но не и за да добиете конкретен совет на којшто реално можете да се потпрете. Напротив, во некои ситуации можете да се чувствувате уште полошо.

На крајот на краиштата, на тие групи не одговараат лекари, туку родители, кои целото знаење во голем број случаи го собрале од „Google“, од сопственото искуство или од бабите и мајките што им помогнале да ги изгледаат децата. 

Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Б. С. Б. | Црнобело/фото: Pexels

Би можело да ве интересира:

16 години непребол од смртта на Тоше Проески: „Денес повеќе би сакал да ти дојдам на концерт, намест... „И 16 години по смртта, Тоше е непребол. Ме лазат морници кога шетам низ Крушево...
Мали мудрости на кои може да нè научат само нашите мајки Мајка ми велеше: „Ако веќе разговараш со оние што не те сакаат, тогаш тоа нека б...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Некогаш летниот одмор беше во село кај баба и во камп приколки во Струга vs. денес - по цел ден на т... На календарот ги одбројуваме последните денови од август, а со тоа, е крајот на ...
Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Преку глава ми е Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Стани прва, собери ако некој нешто остав...
Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg