Последните акорди на моето срце

Ме гази тежината на платнено - пластифицираниот куфер. Ме убиваат тие мали тркалца, тој нивен проклет иритирачки звук. Тие го уништуваат сјајниот аеродромски мермер, но и мене ме кинат на милијарди делови, ме сечат и ме праќаат онаму каде излез не постои.

poslednite-akordi-na-moeto-srce-01.jpg

Се плашам. Страв ми е од самата помисла дека утре нема да се разбудам во мојот топол дом, нема да го видам поспаното лице на мојот брат, нема да го слушам алармот на мајка ми кој ѕвони по десет пати на десет минути, нема да го слушам гласното рчење на татко ми. Си велам: заминувам за мене, по моја желба.

Моите амбиции се преголеми за земјата во која сум родена. Воздухот кој го грабам во овие последни мигови не ги задоволува моите критериуми. Сонот кој лежи во мене е преголем за креветот во кој секоја ноќ ја потпирам својата глава.

Но, ете боли. Премногу боли. Се лажев себе. Иако ни проклета солза не пуштив во последните прегратки со мајка ми, со моите најмили. Последното збогум не сакам повеќе да го живеам и да се присеќавам. Збогум е исто како ранета птица без крилја, како турист во непозната земја со изгубен паричник, како најголем криминалец кој се крие од властите, како предавник, како невина која своето тело го продава за пари.

Си велиш: сè е во ред, ќе пребродам. Ќе започнам нов живот, ќе ги задоволам желбите и тогаш кога си на почетокот на новиот живот разбираш дека ќе ти  недостасува љубовта. Ах, таа љубов. Таа љубов што ме гризе, што не ми дава да го направам првиот чекор во новиот живот. Знам, знам дека проклето ќе ми недостасува, знам дека нема враќање, задоволството од грешката е пет минути, но горчината трае со часови, денови, седмици...

Мил мој премногу ми недостасуваш, еве ми недостига погледот во твоите очи, твојот мирис, твојата остра, маслинеста коса. Ми недостига времето минато со тебе. Знам, знам ти ветив ќе бидам истрајна, упорна, ќе се трудам за нас. Знам ти ветив, а од ветеното не се бега. Ќе речам поради тебе сум овде, па ќе ги вратам зборовите да не се налутиш.

Зошто? Зошто не ми дозволи да бидам како останатите? Зошто ти не ме научи да се задоволувам од мојот постигнат успех, зошто постојано ме тераше да се борам за својот сон? Во мојот сон беше и ти. Ти беше мојот патоказ, водичу мој. Советодавнику мој, пријател и непријател мој. Ти знаеше да ме прекориш, да се радуваш на мојот успех и тивко да ги бришеш моите солзи. А, сега каде си? Каде? Ме остави така сама да се борам, да продолжам и да успеам сама. Ќе можам ли најмил мој, ќе успеам ли без твојата рака за поддршка, прегратка и искрен збор.

Ја вадам нашата последна заедничка фотографија на аеродромската чекална и разбирам дека сум среќна. Среќна што те запознав, среќна што те имам само за мене. Ти ветувам колку и да боли, колку и да биде тешко јас ќе успеам, за мене, за нас. За онаа кратко, па слатко.

За неколку часа повеќе нема да бидам на оваа земја. Нема да дишеме заеднички воздух ниту со тебе, ниту со моите пријатели, ниту со моите роднини.

Се распрснавме насекаде како огледало кое паѓа на подот. Сите заминавме да ги храниме своите амбиции, сите ние глумиме дека со нетрпение го очекуваме датумот на нашето заминување, но потајно гледавме авионски билети за враќање на новогодишните празници. Патници сме на векот. Птици преселници. Со нетрпение ги очекувам нашите повторни средби, долгите разговори, заедничкото излегување во ноќните барови, седењето до раните утрински часови во малиот градски парк. Ми недостигаат и последните прегратки за збогум.

По неколку часовно размислување, чекање, авионот пристигна на авионската писта, патниците почнуваат да влегуваат во него. Доаѓа и мојот ред. Еве овде сум и размислувам да ја пуштам десната нога и да влезам или да потрчам надвор, да избегам, да се разбудам, да дојдам кај тебе, да го видам брат ми, да ја прегрнам мајка ми која умешно ги проголта своите солзи, топло ме прегрна, со својата божествена дланка помина по неколку прамени од мојата коса и тивко ми шепна: те молам биди среќна.

Моето семејство се преполовува, расфрлува. Додека јас стојам на крстосницава на животецов мој татко ми кој го сакам повеќе од сè пакува куфери за заминување во странство. Ах, тие проклети црни куфери.

Ја пуштам десната нога, а не левата за со добро да ми почне новиот живот. Се провлекувам меѓу столиците и седнувам покрај прозорецот. Во црнината на ноќта го гледам сопствениот одраз. Мојата сенка е толку црна, поцрнела од моите размислувања и филозофирања.

Еве на прагот сум од мојот нов живот.

Се очекува од мене да бидам успешна и среќна, ќе успеам ли!?

Автор: Нада Костадинова

Доколку и вие сакате вашиот текст да биде објавен, пишете ни тука!

Би можело да ве интересира:

Исповед на млада скопјанка: „Другарките ме заменија со нова девојка со 1.000 следбеници на Инстаграм... Jас лежерно во домашна атмосфера, отварам Инста и вечерно стори од нив три,...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg