Македонски студент: „Од 20 кадри го сликаме јадењето за на Инстаграм - очајни сме“

Моја најголема желба во моментот е да се претворам во човек чиишто зборови нема да ви протрчат низ уши, а да не застанат во вашите умови, барем за миг.

makedonski-student-od-20-kadri-go-slikame-jadenjeto-za-na-instagram-ochajni-sme-01.jpg

Одговорно тврдам дека нема човек кој не е доволно возрасен и зрел за да ја сфати разликата помеѓу позитивното и неповолното опкружување, помеѓу корисните и поганите навики, помеѓу полезното и штетното. 

Живееме во време кога светот е едно глобално село поврзано на најразлични начини, време кога на секој човек, секоја информација му е достапна со само еден клик. Период на технологија, период на друштвени мрежи... период на општ хаос. Период кога луѓето не ги ползуваат нивните умешности и им е здодеано од сè, па затоа бидуваат заглавени во место, несреќни и потиснати.

Многумина од нас живеат толку еднолично што сето тоа наликува на куче кое непрекинато си ја брка опашката. Бесцелно. Без никаква смисла. Време кога луѓето свесно не си го чуваат здравјето, не си ја негуваат личноста, просто се губат себеси.

Но зошто е тоа така?

Ние, претставниците на новите генерации сме  општопознати како непосветени, невнимателни, егоцентрични, важни, дури невоспитани, мрзливи и најважно - заробени во малите екрани во чие друштво  шетаме, јадеме, пиеме, се капеме и неретко, спиеме.

Луѓе, дали знаете дека 2015 година е година кога повеќе луѓе ги изгубиле своите животи додека пробувале да направат selfie отколку од напади на ајкули? Не ве чуди, нели? Се претворивме во растенија чијашто храна претставува коцкаста направа која се полни во штекер.

Станавме умешни во прикажувањето на нашиот прекрасен живот, живееме брзо и сега, сите нè гледаат како среќни и исполнети, иако сме тажни и разочарани. Сите знаеме што всушност правиме во животот. Жално, но ретко кој знае.

Дали сме свесни колку е загрижувачко фотографирањето на нашата храна по сто пати додека не го пронајдеме совршениот агол? За нас е јадењето или за нашите следбеници? Збирна множина од луѓе со оскудна самодоверба, никаков интегритет. Тоа сме ние...

Еволуиравме во млади луѓе кои не можат да го напуштат својот дом без преносните батерии, луѓе кои озборуваат и пијат кафе со пријателите зјапајќи во своите телефони сосема исклучени и отсутни. Луѓе кои молчат. Колатерални штети на новото време.

Најстрашна е ситуацијата со најмалите! Наместо со криенка, најмалите штитеници сурфаат пред да проговорат, апсолутно скратени од можноста да проживеат детство какво живеел секој човек во историјата на човештвото.

А знаете, децата до третата година се вистински сунѓер. Незаситни за љубов, знаење и посветеност. Тој е периодот во кој бараат најмногу внимание. Деца од три години стануваат апатични, имаат оштетен вид. Имаат желба за технологија која се граничи со нагон. Дојдовме до дереџе кога првите зборови на децата се на англиски јазик, луѓе! Свесно си го убиваме нашиот, мајчиниот, македонскиот јазик! Зошто е така? Што ни се случува?

Чиста биологија – нашето тело ослободува супстанција која провоцира среќа – допамин, како резултат на социјалните мрежи. Затоа ги броиме лајковите, затоа чекаме коментари, затоа проверуваме на секоја минута кој ни го има погледнато објавеното......

Допаминот е истата супстанција која е одговорна за среќата која ја чувствуваат пушачите, алкохоличарите, корисниците на дрога и опијати кога ги консумираат истите. Значи? Истото се случува кога некој ќе ни стисне лајк, кога некој ќе ни коментира, кога некој ќе стапи во интеракција со нас на мрежите. Друштвените мрежи и паметните телефони не се граничат со зависност – ТИЕ СЕ ЗАВИСНОСТ! А зависностите, нели се зло?

Парадоксално, но вистинито, опседнатоста со социјалните мрежи е доброприфатена! Таа е како добро утро, добар ден! Секој ден и секоја вечер примаме допамин во милионски дози. Предозирани суштества без никаква цел, без никаква амбиција.

Затоа заборавивме што значи флерт преку пијачка, затоа не можеме да воспоставиме нормален контакт, затоа заборавивме да поздравуваме соседи, затоа заборавивме да комуницираме. Затоа забораваме колку вредиме и кои сме. Затоа останавме без емпатија и општа култура. Затоа немаме свое јас. Затоа станавме завидливи и неинтересни. Затоа станавме бесчувствителни!

Другари, во вас е клучот. Дали ќе го искористите благодатот на интернетот во ваша надоградба или ќе продолжите да бидете робови на вашиот Инстаграм - Фејсбук - Твитер профил! Вие бирате дали ќе бидете школски пример за зависник од интернет или ќе бидете изграден и пријатен млад човек.

Сонувам за свет во кој влијателните личности кои не заслужуваат да бидат славни, би биле заменети со луѓе кои го посветиле животот за светот да го направат подобро место. Дале придонес, вложиле труд. Свет во кој девојките нема да се потпираат на општоприфатените нишки на карактеристичниот женски светоглед. Свет во кој тие ќе се трудат да станат силни и успешни жени и родители.

Вие сте оние кои одлучувате дали ќе останете неми во најважните моменти. Моменти кога знаењето и умешноста се единственото нешто кое ви треба. Човечкиот вид опстанува поради неговата борбеност, поради неговата верба во трудот и работата. Растојанието помеѓу желбата и успехот е дисциплината. Верувајте во неа! Работете на себе. Оставете го телефонот! Најголемата пречка на вашиот пат е угорнината која го носи вашето име и презиме.

Трудете се со страст на очајник да ги остварите своите цели, да го пронајдете нештото што ве исполнува, да помогнете на пријателот во неволја, да ги израдувате родителите, пријателите. Спортувајте, прекрасно е! Барајте инспирација и во најтемните сокаци на суровоста на животот.

Ништо не е апсолутно, сè е релативно. Никој не бира каков тен природата ќе му наслика, ниту пак религија и сексуална ориентација. Но секој бира каков човек ќе стане. Немојте да осудувате!

Дали сакате зрелите години да ги поминете во каење  поради работите што не сте ги направиле, поради книгата што не сте ја прочитале, поради девојката што не сте ја бакнале? Престанете да внесувате отрови во вашето тело! Глупаво е! Бесмислено е! Дали сакате вашата младост да се врти околу модерното време на пластични коцки со батерии, вашата суета и неморал поради истото?

Дали сакате вашите деца да немаат пристојно огледало? Зарем не би сакале да сте полни со мисли и мудрости во ваша старост и да сте интересен дедо/баба?  Вложете во студиите, купете ја книгата што сте сакале да ја прочитате. Едноставно, живејте во правилна смисла на зборот.
Затоа што колку и да се трудиме да ја предизвикаме смртта, дали свесно или несвесно секогаш од некаде се појавува животот. Никаква смисла нема истиот ако не се негува.

Што сè се случува драги мои пријатели во соочувањето со мигот кога ќе стане предоцна за секакви планови, а прерано за целосно предавање и заминување?

Верувам дека секој од вас се надева да не дојде до тој миг, до таа тага, до таа трагедија.

Автор: Студент

Доколку и вие сакате вашиот текст да биде објавен, пишете ни тука!

Би можело да ве интересира:

Исповед на млада скопјанка: „Другарките ме заменија со нова девојка со 1.000 следбеници на Инстаграм... Jас лежерно во домашна атмосфера, отварам Инста и вечерно стори од нив три,...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg