Возење во автобус без клима на +40, се тегнеш како мастика на асфалт - Едно обично лето во Скопје

Многу од луѓето што ги познавам ѝ се радуваат на летната сезона уште пред календарски да пристигне, и почнуваат да зујат како некои мајски бумбари, со невидена среќа и восклик дека ете – доаѓа летото.

Mrazam-leto-i-eve-zosto-001.jpg

Впрочем, не знам што изненадувачко има тука. Во Македонија не постојат 4 годишни времиња како што нè учат уште во основно, туку само две. Лето и зима. Или е кочан ладно и носиш 5 слоеви облека на себе, или се соочуваш со тропски температури и ти доаѓа да шеташ како од мајка роден.

Скопје има микро клима, изгор лето, кочан зима. Токму така.

Летото е совршено кога си на плажа, покрај вода, некаде каде што дувка ветре и е пријатно, со коктели и сандалчиња, кога ножните прсти ги зариваш во врелиот песок, а миг подоцна се освежуваш во водата на 10 чекори од тебе.

Летото не е совршено кога си во Скопје.

Не знам како луѓето се радуваат на вакво лето заглавени во оваа бетонска џунгла, каде што се топиш како сладолед и се растегнуваш како мастика на жежок асфалт.

Еве, се обидувам и не можам да ја сфатам радоста на возење во автобус без клима на +40 степени. Атмосферата е допoлнително зачинета со запотени луѓе, неизбањати едно 2 недели. Важно госпоѓата се напарфимирала, независно што „корне“ на лук, чиј мирис испарува од секоја нејзина пора. Ти се тргаш настрана пред да паднеш во кома и си го проколнуваш животот, а госпоѓата малку зачудена и навредена те гледа со обвинувачки поглед зошто го менуваш местото на седење. Ти раскинувам госпоѓице Луковска, не е до мене, до тебе е!

Кога е ненормално топло, сите луѓе го снижуваат прагот на толеранција и стануваат понервозни и полесно раздразливи. А и како не би станале, кога мозокот ти станува каша, бидејќи имаш чувство дека се вариш во казан.

Ги мразам синоптичарите и метеоролозите кога лажат за температурите. „Утре температурата ќе достигне до 33 степени“. Мене мобилниот ми покажува 43. Ама нее, тоа била температурата измерена во сенка, или под одредена крива крушка.

Уф, ми олесна, јас и онака само во сенка се движам.

И оние кутри романтични души, кои упорно те убедуваат како летото има некој шарм, како е лелеаво, создадено само за бакнежи... А ваму, се конзервирале дома под климата, со спуштени ролетни во мрачна соба, не виделе бел ден, ама важно сакаме лето, јеј!

Календарски штотуку пристигнато лето, веќе те мразам!

Рашлакана шминка, неможност да се прошеташ во кое било време, комарци и инсекти, бесни клима-уреди кои шибаат, нервозни луѓе, запотени, огромна сметка за струја, мали градови кои имаат проблем со вода најмногу во лето, нервози, мешаници, караници... а и лубеницата уште држи висока цена.

Уморна сум лето, оди си!

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Се ежам од луѓе слабаци Се ежам од луѓе слабаци, кукавици. Онакви несигурни, чиниш скршени, кои никогаш ...
Ах, во мое време се собираше детска пошта, се играше ‘сакате ли војна’ и мангуп беше тој со велосипе... И јас на мои 35 години дочекав да ги повторувам моите сакани, да кажам „Во мое в...
Некогаш летниот одмор беше во село кај баба и во камп приколки во Струга vs. денес - по цел ден на т... На календарот ги одбројуваме последните денови од август, а со тоа, е крајот на ...
2-ри мај и денес ме потсетува на излет, скара и денот кога го запознав Ричард Гир на Водно Се сеќавате дека до пред 15-тина години Денот на трудот се празнуваше на 1-ви и ...
Стефан Лазаров за CRNOBELO лексикон: „Ми ja дупнаа главата со стап како дете“ Се сеќавате ли на лексиконите што ги пополнувавме во училиште, но криевме кој ни...
„Мислев дека ќе се омажам за принц на бел коњ, не очекував дека среќата ќе ја најдам кога најмалку с... Го очекував долго време. Знаев дека некаде постои некоја таква душа скроена за м...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg