Дали здравјето навистина не може да се купи со пари?

Кога судбината, кармата, богот во кој верувате или вашиот неуреден животен стил решаваат да си го земат данокот, тогаш си го поставувате прашањето – навистина ли здравјето не може да се купи со пари?

Dali-zdravjeto-navistina-ne-moze-da-se-kupi-so-pari-01.jpg

Сите, од првиот до последниот човек не сме имуни на смртта и сите завршуваме на истото место, но кобниот час како и животниот пат прилично се разликуваат кога имаш доволно пари да се грижиш за себе и своето здравје.

Точно е дека болеста не ги разликува луѓето според паричникот, таа ги зарива своите канџи во сечие месо.

Но, има разлика во начинот на откривање, третирање на болеста, соочување и живеење со истата, кога имаш и кога немаш пари.

Сум слушнала стотици приказни кои се прераскажуваат како урбани легенди и секогаш завршуваат со истото: „Не е важно колку пари имаше, не успеа да се спаси“.

Точно, има вистина во ова. Понекогаш навистина парите не се пресудни за добро здравје и долговечен живот.

Но, понекогаш навистина се! И тоа е болната вистина, горчлива и тешко сварлива, неправедна и сурова приказна која се протега од најстарите времиња до денешницата.

Доколку имаш пари, нема да чекаш со недели за еден преглед, во услови коишто се мизерни и понижувачки за секое живо суштество.

Ќе го дијагностицираш проблемот навреме и шансите за излекување уште од самиот почеток се поголеми.

Доколку имаш пари, сите лекови ти се лесно достапни. Нема да се грижиш дали ќе ти дадат рецепта, дали во аптеката ќе ги има тие лекови.

Безгрижно можеш да си ги купиш сите знајни и незнајни лекови, оние домашните и оние странските кои ти ги препорачале, кои чинат колку еден солиден автомобил на старо, оние за кои обичниот човек може само да сонува да ги купи, а ти веќе ги имаш на дланката и ги голташ со чаша вода.

Болницата во која ќе се лекуваш е твој избор, а доколку тука нема солиден доктор, можеш да заминеш каде било за да побараш соодветна лекарска помош. Луѓето со ограничени финансии, од друга страна, се оставени на милост и немилост на здравството што го нуди системот.

Парите не означуваат само квалитетно лекување, тие нудат и поинаква сигурност. Онаа која вели дека не мора да се грижиш дали ќе стигнеш на работа, туку сега е важно да се сконцентрираш само на себе и своето здравје, додека на сиромавиот ќе му останат и тие дополнителни грижи – како да издржи на работа, како да ги покрие сметките и храната, како да се грижи за семејството.

Од сите хомеопатски, алтернативни и којзнае какви други медицински третмани и чуда те дели само еден телефонски повик и едно поминување на картичката. Другиот нема таков луксуз.

И да, понекогаш дури сите овие работи не се доволни да си ја спасиш кожата. Ќе станеш пепел и прав, зашто така ти било пишано во книгата, така ти било поделено во картите.

Но, понекогаш, можеш и да се спасиш. И тоа токму со парите. И тогаш со полно право може да се каже дека здравјето сепак, може да се купи со пари.

Да не зборуваме за маката кој ја има болен богат и сиромашен болен човек.

Тоа е просто неспоредливо и сè друго кажано во врска со оваа констатација, би било лага.

И доаѓаме до најтажниот момент. Што потоа? Што после смртта?

Луѓето не може да ги врати никој, тие не се купуваат. Болката е сеприсутна како лоша кашлица, те нагризува додека и ти не издишеш.

Но, постои мал момент на удобност кога по смртта на некој близок имаш одредена доза на финансиска сигурност и не треба да се грижиш како ќе преживееш. Можеш само тивко да ги оплакуваш и да се обидеш да ги одболуваш.

А одредена група, ќе се простат не само од саканите, туку и од пристојниот живот.

Грижите ќе продолжат да се напластуваат и да си го земаат данокот, додека полн трауми и страв од претходната болест која покосила, се молиш да не те снајде истата судбина.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Се сеќаваш ли еднаш кога ти кажаа дека не можеш? Види се сега малечка, и тоа како можеш! Се сеќаваш ли кога ти шепотеа дека нема да можеш да минеш низ тоа, дека сигурно ...
Стефан Лазаров за CRNOBELO лексикон: „Ми ja дупнаа главата со стап како дете“ Се сеќавате ли на лексиконите што ги пополнувавме во училиште, но криевме кој ни...
Заблуда е дека можеш да ги задржиш луѓето, кога сакаат да си одат од твојот живот Заблуда е дека можеш да ги задржиш луѓето, кога сакаат да си одат. Можеш само да...
16 години непребол од смртта на Тоше Проески: „Денес повеќе би сакал да ти дојдам на концерт, намест... „И 16 години по смртта, Тоше е непребол. Ме лазат морници кога шетам низ Крушево...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Мали мудрости на кои може да нè научат само нашите мајки Мајка ми велеше: „Ако веќе разговараш со оние што не те сакаат, тогаш тоа нека б...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg