Злобни експерти и дежурни коментатори не паметувајте, туку прославете ја титулата на „Вардар“

Чуден народ сме ние Македонците. Контрадикторни и наопаку свртени. Имаме некои чудни идоли, им се восхитуваме на неписмени, незаслужни „ѕвезди“. Им ласкаме, им обрнуваме внимание, кога нема простор за двете.

Zlobni-eksperti-i-dezurni-komentatori-proslavete-ja-titulata-na-Vardar-01.jpg

Ја славиме лошата поезија, просечните романи, нелогичните реклами. Кога давате конструктивна критика која „држи вода“ вие сте оценет како мразач на сопствената држава. Ве обвинуваат дека немате основно чувство за патриотизам, родољубие и национален идентитет.

И не можете да се докажете. Попусто тврдите дека аргументите ви се цврсти и оправдани и дека не може да кажеш дека нешто е добро, само затоа што е македонско.

Ќе фрлаат со дрва и камења по вас како плукате по сè што е „наше“, „домашно“. Ќе ве прогласат за државен непријател број еден, ќе ве ословуваат со „хејтер“ и предавник.

Еве го парадоксот – кога навистина има простор за славење, оддавање почит и внимание, тогаш се менуваат правилата на игра. Тогаш се плука и се навредува. Тогаш не постојат зборовите како „македонско“ и „наше“, тогаш се изнаоѓаат маани и се бара „влакно во јајцето“. Тогаш сите се претвораат во критичари, експерти, наместо да се гордеат и да слават.

Последната ваква ситуација е победата на Вардар во европското ракометно првенство. Се јавија сите дежурни солачи на памет. Како немало потреба од толкава помпа. Како сопственикот на тимот не бил наш човек, како во тимот имало само 2-3 Македонци. Што сме се трескале толку?

Не им било јасно зошто се радуваме.

Во ред, прифаќам дека секој има право на мислење и свој вкус. Ама поработете си малку на објективноста. Вардар нè сплоти како никој и ништо во последниве десетина години. Ваква радост не сме почувствувале од шампионската титула на Кометал пред цели 15 години.

Возбудено собирање да се гледа натпреварот. Спонтано собирање да се прослави победата. Грлата печеа од викање и навивање. Очите ни се заматија од солзи, срцата ни се исполнија со среќа. Си ги испокрцкавме сите ковчиња од гушкање, си ги расипавме сирените на автомобилите од долгото притискање.

Конечно да го развееш македонското знаме со душа полна гордост. Конечно да видиш чиста неизвалкана енергија на едно место, толку среќни и насмеани лица. Тон емоции.

Тие играчи го дадоа срцето, душата и последната капка пот за имињата Вардар и Македонија силно да одекнат низ светот. Да осамнат на сите портали и насловни страници. Ако тоа не е промовирање на државата, не знам тогаш што е.

Ако тоа не е љубов и причина за прослава, не можам да се сетам на подобра.

А „душебрижниците“ ги имало и секогаш ќе ги има. Ќе ве убедуваат како неМакедонци ги дале одлучувачките голови, па не заслужуваат почит. И кога конечно има простор за фалење и гордост, наопаку свртениот парадоксален македонски дух – ќе плукне по убавото.

Тие играчишта утре со гордост ќе изјават дека освоиле титула со клубот Вардар од Македонија. И мене повторно ќе ми заигра срцето од среќа и одвај ќе ги задржам солзите од радост што го слушам името на мојата држава, мојот дом.

Тие се причината поради која не мора повеќе да викаме „Важно е да се учествува“ и да се тешиме.

Важно е да се победи – а тие и ние го направивме токму тоа. Победивме.

Нека конечно проработи објективноста кај секој од нас. Радувајте се за вистински, реални нешта како шампионската титула на Вардар. Не паметувајте, не барајте изговори.

И доколку сте во можност отидете да ги пречекате со најсилниот аплауз кој го плеснале вашите дланки досега, бидејќи не заслужуваат ништо поинаку и помалку.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

16 години непребол од смртта на Тоше Проески: „Денес повеќе би сакал да ти дојдам на концерт, намест... „И 16 години по смртта, Тоше е непребол. Ме лазат морници кога шетам низ Крушево...
Плажите на Вардар, езерото Треска и базенот под Кале - Носталгија за скопските лета Скопје и лето, тоа е таа пеколна комбинација, од која секоја сака да избега што ...
Стефан Лазаров за CRNOBELO лексикон: „Ми ja дупнаа главата со стап како дете“ Се сеќавате ли на лексиконите што ги пополнувавме во училиште, но криевме кој ни...
Тијана Дапчевиќ за CRNOBELO лексикон: „Му скршив заб на девојче во петто одделение“ „Kога сум била во градинка, на 4-5 години, сум зела вазна со вода, сум се полила...
За жените по 40-тата животот допрва почнува! По 40-тата, жените престануваат да бројат калории. Затоа што љубовта, интересот,...
„Отворено писмо до мојот татко кој никогаш не беше тука за мене“ „Никогаш нема да можеш да ми ги вратиш оние години што ги пропушти. Никогаш нема...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg