Фебрилни конвулзии кај деца: Кои се причините, како да ги препознаете и како да реагирате?

Ако сè се прави правилно и во консултација со лекар, фебрилните конвулзии кај повеќето деца не доведуваат до оштетување на мозокот и не оставаат негативни последици по интелектуалниот развој на детето. Што треба да знаете за оваа појава?

febrilni-konvulzii-kaj-deca-koi-se-prichinite-kako-da-gi-prepoznaete-i-kako-da-reagirate-01.jpg

Фебрилните конвулзии се едни од најчестите невролошки нарушувања во раното детство и се предизвикани од висока температура. Тие се реакција на незрелиот детски мозок и на ненадејниот скок на телесната температура.

Најчесто се јавуваат кај деца на возраст од 6 месеци до 5 години. Колку е постаро детето во моментот на првата епизода на фебрилни конвулзии, толку е помала веројатноста тие да се повторат.

Главната причина за високата температура којашто доведува до ова нарушување се вирусни респираторни инфекции, бактериски инфекции на органите за варење, уринарни инфекции и акутно воспаление на средното уво. Се смета дека оваа состојба почесто се јавува кај деца кои веќе во своето семејство имале некој со слична реакција во раното детство.

Иако изгледа драматично и крајно застрашувачко за родителите, оваа состојба е минлива и во повеќето случаи не остава сериозни последици.

febrilni-konvulzii-kaj-deca-koi-se-prichinite-kako-da-gi-prepoznaete-i-kako-da-reagirate-02.jpg

Како да ги препознаете фебрилните конвулзии?

Фебрилните конвулзии вообичаено се јавуваат ненадејно, кога температурата на телото се качува над 38,5°C. Детето одеднаш го вкочанува погледот, ги превртува очите и ја губи свеста, усните му помодруваат и почнува да се тресе.

Целото тело е згрчено (наизменично стегање и опуштање на мускулите), слично на епилепсија, а оваа драматична слика предизвикува паника кај родителите.

Детето во конвулзии понекогаш ’рчи или тешко дише, а исто така може да дише и со прекини. Паузата во дишењето може да биде толку долга, што родителите дополнително се плашат. Може да се појави и зголемено лачење плунка или неконтролирано мокрење.

Вообичаената поделба на фебрилните конвулзии е на типични и атипични.

Атипичните фебрилни конвулзии (комплексни, комплицирани) се одредуваат според следниве критериуми:

  • Појава на конвулзии пред шестиот месец и после петтата година од животот
  • Траење подолго од 15 минути
  • Добивање конвулзии со малку покачена температура, под 38°C
  • Присуство на невролошки и развојни нарушувања кај децата
  • Три или повеќе напади во различни фебрилни состојби
  • Фамилијарна појава на епилепсија
  • Промени на ЕЕГ

Типичните фебрилни конвулзии се краткотрајни, клиничкото закрепнување е брзо и целосно. Тие се одликуваат со следново:

  • Се појавуваат на возраст од 6 месеци до 4 години
  • Се јавуваат при повисока температура, над 38°C
  • Се појавуваат еднаш до двапати во животот
  • Нападот трае неколку минути, а најдолго до 20 минути
  • По нападот, невролошкиот статус е уреден
  • Имаат негативна фамилијарна анамнеза
  • По нападот, најчесто ЕЕГ наодот е уреден

febrilni-konvulzii-kaj-deca-koi-se-prichinite-kako-da-gi-prepoznaete-i-kako-da-reagirate-03.jpg

Како да реагирате во случај на фебрилни конвулзии кај детето?

Пред сè, иако е тешко, важно е да бидете смирени и да не паничете. Треба да го легнете детето на страна за да спречите голтање на јазикот, вдишување од повраќана содржина или одредена повреда.

Потоа, ставете супозиторија за ублажување на температурата на детето или лек за фебрилни конвулзии (дијазепам), секако, доколку ви е препишан од лекар.

Никако не отворајте му ја насилно устата на детето ниту, пак, му полевајте вода.

Кога нападот ќе помине, однесете го детето на преглед во здравствена установа.

Доколку детето е помало од шест месеци или нападите траат подолго од 5 минути, повикајте итна помош.

febrilni-konvulzii-kaj-deca-koi-se-prichinite-kako-da-gi-prepoznaete-i-kako-da-reagirate-04.jpg

Како да се спречат фебрилните конвулзии?

Имајте на ум дека фебрилните конвулзии може да се повторат веќе по неколку часа. Доколку детето претходно имало напад или знаете дека во семејството има историја со грчеви, треба да му дадете антипиретици веднаш штом неговата телесна температура ќе достигне 38°C.

Применете ги сите други општи мерки за да спречите покачување на температурата – давајте доволно течности, истуширајте го со млака вода и проветрете ја просторијата.

Ако сè се прави правилно и во консултација со лекар, фебрилните конвулзии кај повеќето деца не доведуваат до оштетување на мозокот и не оставаат негативни последици по интелектуалниот развој на детето.

За какви било дополнителни прашања, без разлика дали станува збор за превентивно знаење и снабдување со лекови или грижа за детето по фебрилните конвулзии, задолжително консултирајте се со вашиот лекар и ништо не оставајте на случајностa.

М. Ѓ | Црнобело / фото: freepik.com

Би можело да ве интересира:

Симптоми кои се јасен знак дека треба да го однесете детето на очен лекар Го покрива едното око, го држи телефонот премногу близу до лицето или многу чест...
Ларингитис кај деца: Кои се најчестите симптоми и како најбрзо да му помогнете на вашето дете? Во бањата пуштете врела вода за да се создаде пареа. Потоа детето треба да го вн...
Констипација кај деца – совети и трикови како во домашни услови да им помогнете Погрижете се вашето дете да пие доволно количина вода во текот на дено...
Предупредувачки симптоми кои се знак дека веднаш треба да одите на лекар Многу силна главоболка која се појавила одеднаш, како и силна треска со температ...
Голема кашлица: Колку е опасна за деца и возрасни и како да се заштитите? Таканаречената голема кашлица е респираторна инфекција која најчесто се јавува к...
Зошто понекогаш окото ни „игра“ и дали е знак за сериозен проблем? Играњето на окото е појава со која сме се соочиле скоро сите. Во повеќето случаи...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg