Лепче со паричка се крши за Василица, а не за Бадник - Зошто?

Лепче со паричка се крши за Василица или за Бадник? Ова е прашање за коешто се дебатира секоја празнична сезона. Зошто според правилото лепчето треба да се крши на Василица?

lepche-so-parichka-se-krshi-za-vasilica-a-ne-za-badnik-zoshto01.jpg

Зборот „традиција“ означува нешто „кое се пренесува натаму“, а се користи на повеќе начини, но најчесто се стреми да означи збир на верувања или обичаи во одредена област, на пример: христијанска традиција, традиција на прослава и слично.

Но, не секоја традиција е правилна, а воедно и во согласност со верата (во овој случај православната вера) која е суштински и неизоставен дел од нашиот живот. Тука доаѓа примерот за континуираната дебата секоја година за тоа кога треба да се крши лепче со паричка, односно - дали е правилно на Бадник или на Василица?

За да можеме соодветно и правилно да одговориме на ова прашање, потребно е да го согледаме логичното историско значење на овој обичај. Василопитата претставува новогодишен леб, лепче или пита во православниот свет, а посебно на Балканот, која содржи скриена паричка во чест на чудото поврзано со Свети Василиј Велики.

Кога велиме „новогодишно лепче“, мислиме на Стара нова година, односно Василица (01 јануари по јулијанскиот календар, односно 14 јануари по грегоријанскиот календар).

lepche-so-parichka-se-krshi-za-vasilica-a-ne-za-badnik-zoshto-06.jpg

Важно е да се знае дека сè во православната традиција има смисла и логика, поткрепено со историски докази и факти. Последователно на ова, кршењето и делењето на лепче (или пита) со паричка смисловно и историски е поврзана со Василица, а не со Бадник. Според Македонската православна црква, лепчето се крши на 14 јануари, но истото може да се стори и вечерта на 13 јануари, во пресрет на празникот.

Ајде детално да дознаеме за настанот поради кој месиме лепче со паричка на Василица во спомен на Светиот Василиј Велики и чудото на Нова година:

Свети Василиј Велики е еден од најголемите Отци на Црквата Христова. Заедно со Светиот Јован Златоуст и светиот Григориј Богослов, се нарекуваат Свети Три Ерарси.

Свети Василиј Велики се родил во 330 година во Неокесарија, во Понт, од татко Василиј и мајка Емилија, кои двајцата потекнувале од познати и богати фамилии. Најголемото образование го стекнал во Атина каде ја изучувал филозофијата, дијалектиката, реториката, астрономијата, па дури и медицината. Есента 370 година станал епископ на Кесарија.

Историјата на „василопитата“ е еден настан, кој се случи во IV век во градот Кесарија Кападокиска, во Мала Азија. Во тоа време, како што споменавме погоре, Свети Василиј Велики бил епископ на Кесарија и живеел во единство со неговите сограѓани, со љубов, разбирање и помагање еден на друг.

lepche-so-parichka-se-krshi-za-vasilica-a-ne-za-badnik-zoshto-04.jpg

Еден ден, кога Јулијан Отстапникот, нечесен цар и гонител на Христијаните, сакал да оди за Персија и да војува со Сасанидите, тој поминал близу Кесарија. Тогаш Св. Василиј, кој добро го познавал, бидејќи биле соученици во Атина, излегол заедно со народот да го пречека и почести. Јулијан побарал дарови, очекувајќи злато и скапоцености.

Но, светиот немал ништо друго, освен три леба од јачмен, кои му ги принел на злобниот цар. Треба да се знае дека тој не принел скапоцености не бидејќи не сакал да даде нешто повредно, туку бидејќи мнозинството на жители во Кесарија било навистина сиромашно.

Кога го видел тоа, Јулијан им наредил на своите слуги да соберат трева од ливадата и да му ја дадат на епископот за возврат. Тогаш светиот праведно му одговорил на Јулијан: „Ние, цару, откако ни побара, ти принесовме од нашата храна, па и ти, очигледно, ни возврати од тоа што и самиот го јадеш“.

Кога ги слушнал овие зборови, Јулијан многу се налутил и ветил дека кога ќе извојува победа во Персија, ќе се врати во Кесарија, ќе го запали градот и ќе ги пороби неговите жители, а Василиј ќе го награди со иста мера.

Поради тоа, Св. Василиј побарал од народот да го соберат сето злато што го имаат и да го зачуваат некаде, за да му го дадат на среброљубивиот Јулијан кога ќе се врати, па така, можеби, да го намалат неговиот гнев. Исто така, епископот им наложил на христијаните да постат и да се молат, додека не се врати Јулијан.

lepche-so-parichka-se-krshi-za-vasilica-a-ne-za-badnik-zoshto-05.jpg

За време на богослужбата, светиот имал небесно видение: Пресветата Мајка Божја, носена на ангелски престоли, наредила да го повикаат маченикот Меркуриј и го испратила со војска од ангели против Јулијан, непријателот на нејзиниот Син. Тогаш го видел и Св. Меркуриј, вооружен и јавнат на коњ, како заедно со ангелските војски, тргнал против безумниот цар и го убил со своето копје.

Освестувајќи се од ова видение, св. Василиј, во придружба на неколку клирици, побрзал во храмот на свети Меркуриј, кој сто години пред тоа имал пострадано во Кападокија и виделе дека од храмот биле исчезнати неговите мошти и копјето, кои таму се чувале.

Подоцна дошле во градот вести дека Јулијан е убиен. Всушност, тоа што го видел великиот Василиј, било токму тоа, што во истиот миг, навистина се случило на едно место недалеку од Кесарија.

lepche-so-parichka-se-krshi-za-vasilica-a-ne-za-badnik-zoshto-0022_copy.jpg

Така се спасил градот Кесарија. Но, тогаш свети Василиј се нашол во многу тешка положба. Требало да го подели златото, кое граѓаните го собрале за да се избават од гневот на Јулијан, но таа поделба да е праведна, односно, секој да си го добие своето.

Се помолил светителот и Бог го просветил што да направи. Тој ги повикал своите ѓакони и помошници и им рекол да замесат лебови и во секој леб да стават по малку од златните предмети.

Кога лебовите биле готови, епископот ги поделил како благослов на сите жители на градот Кесарија. Во почетокот сите се зачудиле, а потоа нивното изненадување станало уште поголемо: кога секое семејство го пресекло лебот, во него нашло злато, но не кое било, туку токму она што му го имало дадено на својот епископ.

Така значи, со тогашната „василопита“, Св. Василиј им донел и благослов на луѓето и радост заради избавувањето.

Оттогаш и ние, на денот на свети Василиј, 1-ви јануари (односно 14-ти јануари по нов стил), месиме василопита и внатре ставаме златник, во спомен на чудото, кое се случило во Кесарија.

lepche-so-parichka-se-krshi-za-vasilica-a-ne-za-badnik-zoshto-07.jpg

Кога семејството се собира за Василица, лепчето се разделува така што првото парче е наменето за спомен на Господ Исус Христос, второто за Пресвета Богородица, третото за свети Василиј Велики. Понатаму лепчето им се разделува на присутните.

Поради овој историски настан, ние потребно е правилно да си спомнуваме за чудото поврзано со Свети Василиј Велики. Затоа накратко, според православието, лепче со паричка е правилно да се прави само за Василица.

Од друга страна, за Бадник исто така се меси лепче – посна погача која е симбол на предбожиќната трпеза. Се нарекува уште и поскура, чесница и кравајче, но не треба да содржи паричка.

lepche-so-parichka-se-krshi-za-vasilica-a-ne-za-badnik-zoshto-6.jpg

Македонската православна црква секоја година потсетува дека е потребно обичајот на кршење лепче со паричка на Бадник да исчезнува, и да се прави правилно на Василица. А воедно, потребно е и народот да не верува дека паричката носи среќа.

Несоодветно е верувањето дека Бог би издвоил некој и би му дал среќа преку целата година, а не на сите. Едноставно тие се погрешни народски верувања, додека пак кршењето на лепче со паричка на Бадник е само фолклорен обичај, наместо религиозен и верски.

Најважното нешто кое ние како православни христијани можеме да го направиме, е правилно да ја исповедаме православната вера. А тоа се прави повеќе со дела, отколку со зборови; повеќе со посетување на храмови и присуство на богослужби, отколку споделување на икони на социјални мрежи; повеќе со правилни обичаи, отколку со неосновани преданија.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

К. А. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Денес се слави Свети Василиј Велики – Ден за имендени и карневали Честит именден Василиј, Васил, Васе, Василија... Денес е првиот ден од Новата го...
Секоја чест! Михајло од Скопје 5 дена се обидуваше да спаси кученце од опасно место - и успеа во тоа „Четврти ден е во тек акција за спасување на кученце кое влегло (не знам како) в...
Секоја чест! Миа Костова собра преку 250 донации за лекувањето на Леонид за само 5 часа „Уште немаме увид во продажба, но не можам да ви објаснам колку сум горда на ови...
Денес се слави Св. Архангел Михаил – Ангелот кој одлучува кој ќе биде спасен, а кому му чукнал судни... Православните христијани на 21-ви ноември го празнуваат празникот Свети Архангел...
Миро Кацаров ја направи првата од двете свадби: „Ивана носеше фустан како Северина, од црква отидовм... „Со Ивана се венчавме во една од најубавите цркви во Скопје, Св. Јован Крстител ...
Денес се слават светите Кузман и Дамјан, заштитници на лекарите - Што не треба да правите на овој де... Светите браќа целиот свој живот го посветиле на лекување на луѓето, а не барале ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg