Што нѐ очекува во финалето на Лигата на шампиони во фудбал?

Денес се игра финалниот натпревар од Лигата на шампионите. Реал Мадрид и Ливерпул се двата финалисти, кои ќе ги одмерат силите во Киев. 

Sto-ne-ocekuva-vo-finaleto-na-ligata-na-sampionite1.jpg

Дали Реал ќе стигне до третата титула по ред, или пак Ливерпул ќе стигне до шестата титула, останува да видиме.

Зинедин Зидан против Јирген Клоп

„Среќен сум што ќе се соочам со Зидан од тренерското место, а не на теренот“ - Изјави Клоп пред натпреварот.

Ова ќе биде првата нивна меѓусебна средба, како и прв натпревар на францускиот стратег против екипата на Ливерпул како тренер. Клоп како тренер на Борусија Дортмунд, досега има неколку интересни резултати против Реал Мадрид.

Тој на 6 одиграни натпревари има 3 победи, едно реми и 2 пораза. И двата тренери милуваат сличен стил на игра, па така нивниот дуел ветува отворен напаѓачки натпревар без премногу тактизирање и одолговлекување.

Навас против Кариус

И двата голмана се далеку од врвни чувари на мрежата. Кејлор Навас беше тешко поврзуван со трансфер во Ливерпул во текот на целата сезона. Тоа не е ни чудно, затоа што Лорис Кариус до пред доаѓањето на Ван Дајк во тимот, беше прилично несигурен помеѓу стативите. Овој дуел ќе зависи во голема мера од самата одбрана пред голманите.

Марсело против Салах

Марсело е можеби најдобриот лев бек во светот во моментов, но дали е доволно добар за да го спречи египетскиот крал Мо Салах? Египќанецот имаше неверојатна деби сезона, и е во тешка конкуренција за Златната топка.

Тој на 54 одиграни натпревари во сите натпреварувања има 46 погодоци и 14 асистенции. Овој дуел се очекува да биде пресуден за конечниот исход.

Рамос и Варан против Фирмино

Капитенот на кралскиот клуб во моментов е еден од најдобрите централни дефанзивци. И покрај тоа што често знае да се најде на социјалните мрежи поради неговите грешки во и надвор од теренот, Серхио Рамос ќе биде еден од одлучувачките фактори на овој натпревар.

Неговиот партнер во дефанзивните обврски е Рафаел Варан, кој има одлична сезона. Варан во моментов важи за еден од најдобрите млади дефанзивци во светот, па така противничкиот напад ќе има прилично тешка задача да постигне гол преку овие двајца.

Нивна задача ќе биде да го сопрат бразилецот Роберто Фирмино. Тешко критикуваниот напаѓач минатите неколку сезони, оваа сезона добива само пофални зборови.

Под водство на Клоп, тој се претвори во еден од најкомплетните напаѓачи во Премиер Лигата, не само поради постигнувањето на голови, туку и поради начинот на кој отвoра простор за своите соиграчи.

Карвахал против Мане

Дани Карвахал е еден од најдобрите десни бекови во светот, но оваа сезона тој мака мачеше со повредите, па не е во неговата најдобра форма. Негов соперник на левото крило ќе биде Сенегалецот Садио Мане, кој е во неверојатна форма.

Често критикуван за неговата „себичност“, според многумина има многу послаба сезона од минатата, но статистиката го вели спротивното. Доколку брзиот Сенегалец се одлучи да ги проигрува соиграчите, тој може да биде пресуден за конечниот исход.

Касемиро против Вајналдум

Деструктивецот од средниот ред, Касемиро, на хартија е можеби еден од најслабите во тимот на Реал Мадрид, но на терен тој е далеку од тоа. Касемиро има одлични неколку сезони во кралскиот тим, и полека но сигурно се претвори во клучен играч од средниот ред.

Касемиро е играч со кој Реал добива многу во дефанзивата, но губи од креативноста во нападот. Негов соперник ќе биде Холанѓанецот Џини Вајналдум. Вајналдум има одлична сезона, на неколку наврати беше незапирлив (како против Арсенал), и доминираше на средината на теренот.

Овој дуел ќе зависи највеќе од формата на Холанѓанецот, бидејќи кога „му е денот“, тој е еден од најдобрите поединци на секој натпревар.

Модриќ против Милнер

Хрватскиот репрезентативец минатата сезона беше дел од најдобрите 11 во светот. Тој со неговата креативност може да ја претвори секоја ситуација во шанса за гол. Противниците ќе мора да отворат четири очи на него, и на долгите топки кои знае да ги префрли до напаѓачкото трио.

Негов ривал ќе биде Џејмс Милнер, кој сезонава го собори рекордот за асистенции во Лигата на Шампионите во една сезона, бележејќи 9. Милнер, заедно со неговиот партнер на средината, Хендерсон е дел од „моторот“ на тимот.

За него нема изгубена топка, па се очекува да му направи доста проблеми на хрватскиот интернационалец.

Крос против Хендерсон

Тони Крос исто како и Модриќ беше дел од најдобрите 11 минатата сезона. Тој е еден од најпрецизните додавачи во светот, и е движечка сила во тимот на Реал Мадрид. Негов директен соперник ќе биде Џордан Хендерсон.

Капитенот на англиската репрезентација беше доста критикуван последниве неколку години, и е далеку од својата најдобра форма. Ова ќе биде дуелот помеѓу двата „мотора“ на тимовите.

Кристијано Роналдо против Александер Арнолд

На хартија дискутабилно најдобриот играч на планетата ќе има лесна задача против деветнаесетгодишното момче кое ја игра својата деби сезона, но оваа сезона младиот Трент Александер Арнолд покажа дека не смее да биде потценет.

Тој знаеше и против Манчестер Сити, и против Рома дека ќе биде најслабата алка на која противникот ќе удри, па одговори со 4 неверојатни натпревари.

Кристијано Роналдо оваа сезона одигра само 45 натпревари, меѓутоа постигна исто толку голови, а забележа и 8 асистенции. Тој е дефинитивно во конкуренција за Златната топка, па младиот „Скаузер“ ќе има прилично тешка задача.

Бензема против Ван Дајк и Ловрен

Карим Бензема има далеку од добра сезона. Тој на 44 натпревари има постигнато само 10 гола и 11 асистенции, што е преслабо за еден напаѓач. Негови противници ќе бидат Вирџил Ван Дајк и Дејан Ловрен.

Ван Дајк го собори рекордот оваа сезона со неговиот трансфер, и стана најскапиот дефанзивец на сите времиња. Својата вредност тој ја докажа уште на првите неколку натпревари.

Оваа сезона е најдобриот дефанзивец во освоени воздушни дуели, и дефинитивно ја подобри одбраната на овој тим, која беше толку фрагилна пред да дојде.

Дејан Ловрен е човекот кој може да го реши натпреварот во корист на двата тима. Од неверојатна грешка, до гол во 90-та минута, овој човек е можеби најважниот фактор на овој натпревар.

Кога тој игра добро, целиот тим игра добро, и одбраната е непробојна, но кога игра лошо... Ливерпул е послаб од било кој третолигаш.

Бејл против Робертсон

Герет Бејл оваа сезона се намачи со повредите и има одиграно само 39 натпревари, на кои постигна 22 гола. Тој е еден од најважните „променливи“ на теренот, затоа што кога тој е во неговата препознатлива форма, ретко кој може да го сопре.

Негов соперник ќе биде Ендру Робертсон. 24 годишниот Шкотланѓанец ја има најдобрата сезона во својата кариера. Неговото доаѓање на Енфилд ги чинеше „скаузерите“ само 8 милиони фунти, а им ја реши најслабата точка во тимот.

Левиот бек доколку одигра на своето ниво, ќе биде голема препрека на патот на Велшанецот.


Заклучок:

Иако на хартија ѕвездениот тим на Реал Мадрид има далеку подобри играчи од тимот на Ливерпул, во никој случај не смееме да ги отпишеме „црвените“.

Ливерпул оваа сезона го има најдобриот напад, постигнувајќи 40 гола во Лигата на Шампионите. Реал Мадрид го има најдобриот стрелец Кристијано Роналдо, кој оваа сезона има 15 гола, меѓутоа Ливерпул е единствениот тим во историјата кој има 3 играчи кои постигнале 10 гола или повеќе во една сезона во Лигата на Шампионите.

Дали ќе биде тоа „среќната“ 13-ка за Реал Мадрид, или пак 6-ка за Ливерпул, останува да видиме во сабота.

еНВи | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Живее во дрвен бунгалов, не може да најде девојка – Што знаеме за Карлос Алкарaз, момчето што го поб... Татко му сакал да биде тенисер, но немал доволно финансии, па затоа станал трене...
Шахистите на „Алкалоид“ петти во светот, сребрен медал за Недев на втората табла ШК Алкалоид го освои петтото место на Светското екипно првенство во шах за сенио...
Интернационалниот мајстор Тони Лазов го освои шаховскиот турнир „Шах-шех Вавилон Опен“ Шахистот на ШК Алкалоид, ИМ Тони Лазов, освои 8 од можни 9 поени и го освои прво...
Му праќал пораки дека сака да го гледа на US Open: 6-годишниот Рики од САД е најголем фан на Новак Ѓ... „Здраво Рики, ја имаш најубавата насмевка на светот“ – му порача Новак Ѓоковиќ н...
Вирално видео: Девојка заврши со скршен нос откако Мбапе ја удри со топка - тој истрча да ѝ помогне,... „Му станува навика да ги крши носовите на обожавателите“ – коментираат дел од тв...
Перо Антиќ се врати во Атланта: Во клубот го пречекаа како ѕвезда, се дружеше со Богдан Богдановиќ „Перо - македонската мамба“, напишаа фановите Перо Антиќ на официјалната Инстагр...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg