Животот ни стана циркус од прослави, бидејќи најважно е „што ќе кажат другите“

Не знам дали постои друго место на светов каде што луѓето толку многу патат по внимание и самопотврда како кај нас. Сите тврдиме дека ситниците го прават животот и дека се задоволуваме со малечки, едноставни нешта, но постапките едноставно не ни ги оправдуваат зборовите.

zivotot-ni-stana-cirkus-od-proslavi-bidejki-najvazno-e-sto-ke-kazat-drugite-001.jpg

Каде на друго место владее таква мегаломанија како кај нас, што е парадоксално и смешно согласно сиромаштијата која си ја влечеме како хронична алергија? Изгледа правилото кај нас е – колку посиромашни сме, толку повеќе треба да се покажеме пред народот.

А сé некако ми изгледа дека никогаш работите не ги правиме за себе. Целиот труд е за другите, што ќе кажат роднините, сосетките, колешките од работа, пријателите.

И сите убави пригоди станаа некако вештачки и изнасилени, како мини парада на нашиот очај за самодокажување, помешан со мегаломанскиот дух и декориран со неинвентивноста.

Па така некако завршуваме со матури кои потсетуваат на свадби. Со свадби кои потсетуваат на ултра мега спектакл на турбо-фолк ѕвезди, само со предјадење, главно јадење и десерт.

Одиме на детски родендени каде што секогаш има повеќе возрасни луѓе отколку дечиња. Се досадуваме на мекиците каде што се вртат ора и неизбежно споменуваме сите – ама порано не беше вака. На мекици одеа само жени. Или – мекиците се носеа од врата на врата, со шеќерче. На мекици не се седи многу, кратко само, повторуваме како папагали додека наздравуваме со петтата пијачка и се врти десеттото оро.

Од сé правиме циркуз. Повеќе пиење, повеќе јадење, повеќе гости. Поскапи подароци.

Ни остана тоа некаде длабоко во потсвеста, немаш дома толку луксузен сет за јадење, ама ете, за тие и тие луѓе ќе се помачиш да го купиш и ќе го однесеш. Дома миксерот може да ти експлодира во рака додека матиш или уште си се мачиш со таа жицата, ама срамота е да се однесе поскромен подарок кај луѓето, утре ќе нé озборуваат.

Ги испомешавме сите лончиња, баби и жаби. Се изгуби магијата на спонтаноста, на едноставноста и скромноста, сето уживање. Сé е изнасилено и просто погрешно.

Дечињата во градинка ги сликаат за алманах, па им ги наплаќаат по сума која носи со себе етикета – грабеж. Ама никој не сака да се побуни. Никој не сака да стане и да каже јасно и гласно – луѓе, ова е глупост! За што даваме пари? Моето дете не знае уште да каже кога му се мочка, ама еве го, во алманах е.

Громко ги премолчуваме сите овие бесмислени нешта или пак потврдуваме дека се бесмислени и дека од страна изгледаме смешно, ама пак си тераме по старо.

Сé се врти околу парите кои се трошат и самопромовирање, ништо повеќе. Не остана смеа од срце. Луѓето заборавија да танцуваат додека не ги здоболат нозете, да пеат гласно додека не им се фати грлото.

Престижот е во фокусот, кој како се облекол, кој колку заработува, кој каков подарок однел или добил.

Споредбите со другите, натпреварувањето со другите, тоа како да ни стана целата поента на животот. И „срамот“ – тој фамозен срам да не речат - види ги колку се смотани, седнале и слават прв роденден со една торта дома. Не, спектакл нека се направи, циркузи.

Професионален фотограф, слатки маси, балони, машина за други балони од сапуница. Наместени пози, извештачени насмевки, скапи подароци, едно расплакано детенце кое не знае што се случува во хаосот.

Глума, насекаде глума, лажна возбуда, лицемерие и досада, досада до болка, до бесвест и онесвестување.

Улица вчера се затвори во центарот на градот по повод матура. Добро бре, дали сме нормални? Улица во централно градско подрачје блокирана, се слави невидениов успех, завршено 4-годишно задолжително средно образование.

Уште не завршиле всушност, школската година трае, ама мегаломанијата е веќе всадена, нема бегање. Напумпани усни, вештачки тен, вештачки трепки, вештачка еуфорија.

Прочитав коментар по повод полуматура на осмооделенци. Едно девојче кажало дека ќе носи бели бермуди, патичиња и маичка со цвеќенца, за да може да си ги носи повторно после тоа.

Сонце најубаво, остани такво цветче, иако во ова опкружување навистина тешко е да се постигне тоа. Пркоси им на сите што уживаат да создаваат и да претставуваат лажна слика од себеси.

И обиди да се забавуваш и да си поминеш убаво, во светот каде што секој настан стана проклето фасадиран и загипсиран со грижата „што ќе кажат другите“.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Се ежам од луѓе слабаци Се ежам од луѓе слабаци, кукавици. Онакви несигурни, чиниш скршени, кои никогаш ...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Ах, во мое време се собираше детска пошта, се играше ‘сакате ли војна’ и мангуп беше тој со велосипе... И јас на мои 35 години дочекав да ги повторувам моите сакани, да кажам „Во мое в...
Mи недостига снегот во декември, мавањето со снежни топки на големите одмори и празничната еуфорија ... Се сеќавам дека од тезгите на градскиот плоштад купувавме честитки. Оние од по 3...
Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Преку глава ми е Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Стани прва, собери ако некој нешто остав...
Некогаш летниот одмор беше во село кај баба и во камп приколки во Струга vs. денес - по цел ден на т... На календарот ги одбројуваме последните денови од август, а со тоа, е крајот на ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg