15 знаци кои укажуваат дека го криете и потиснувате гневот

Сте размислиле ли како потиснувањето на гневот и незадоволството прави да се чувствувате некако заглавено и заробено во сопствениот живот? Дали сте од оние луѓе кои за себе велат – јас никогаш не побеснувам?

15-znaci-koi-ukazuvaat-deka-go-kriete-i-potisnuvate-gnevot-01.jpg

Истовремено, дали сте од оној тип на луѓе на кои животот никако не може да им тргне во вистинската насока, никогаш немате доволно енергија и не чувствувате среќа? Претчувствувате како колегите го одбегнуваат вашето друштво, постојано негодувате или честопати сте болни и настинати?

Време е да се соочите со вистината – вие страдате од потиснат гнев, а ова се 15 сигурни знаци кои укажуваат на ваквата состојба:

Постојано сте зафатени

Кога си го пополнувате времето со многубројни обврски, тогаш немате доволно време да чувствувате некои нешта. Најчесто завршувате како рамо за плачење или поддршка на луѓето околу вас и ги третирате и решавате нивните проблеми пред сопствените. Фактот дека е воедно можно да сте воркохоличар, исто така не е исклучен.

Никогаш не сте гневни, туку страдате од блага депресија

Кога ги блокирате овие емоции, процесот честопати ги пореметува и останатите емоции, како среќа и возбуда. Потребно е многу енергија, насоченост и концентрација за да го потиснете гневот и лутината, па ова најчесто ве преморува, оставајќи ве без грам енергија. Тоа автоматски прави да се чувствувате тажни, меланхолични и малку депресивни.

Познати сте по својот сарказам

Во ред, сарказмот е вообичаено одлика на интелигентните луѓе. Но, кога постојано сте саркастични и цинични за сé околу вас, време е да му дадете пауза на сарказмот кој очигледно го употребувате како штит за одбрана. Ставот „Не ми е гајле за ништо“ иако може да ја прелаже околината за момент, всушност покажува дека вам ви е навистина гајле за сé.

Склони сте кон самоуништување

Доцните на работа, иако сте станале навреме или намерно не одите на предавања на факултет. Не им обрнувате внимание, ниту им давате шанса на новоукажаните можности за успех, а обично се освестувате предоцна кога „возот веќе заминал“.

Мразите одбивања

Оние кои го потиснуваат гневот и се вистински мајстори во тоа најчесто пораснале во средини каде што покажувањето на емоциите било непожелно, па поради тоа растеле изолирано.

Ваквиот развој остава долготрајни последици во позрелиот период. Тие најчесто се рефлектираат на работа, па дури и во љубовните врски каде што реагирате на секоја една мала критика, и не умеете да се соочите со одбивање.

Ситниците ви пречат и ве нервираат

Губите енергија на мали ситни нешта кои вообичаено никој не ги забележува. Зошто луѓето не ги враќаат теговите на своето место после вежбањето, зошто некој ви го преместил сокот во долниот дел од фрижидерот... ова се случува поради тоа што никогаш не избувнувате за големи и суштински битни работи, а гневот едноставно си бара издувен вентил од организмот. Така завршувате кенкави и фрустрирани за најобични ситници.

Често имате вкочанети мускули

Немојте да мислите дека потиснувањето на гневот се одразува само ментално. Телото умее да ги препознае знаците, па најчесто се соочувате со вкочанета вилица, врат или `рбет. Честопати имате главоболки или грчеви во стомакот? Размислете што сака да ви каже телото.

Страдате од замор, настинки и хронична болка

Ова совршено го надополнува претходниот заклучок. Потиснувањето на гневот води до вознемиреност, која пак влијае на квалитетот на сонот. Несоницата и пореметувањата на сонот го слабеат имунитетот, па оттука следуваат сите здравствени проблеми. Некои дури веруваат дека хроничната физичка болка е само начин да ја игнорирате психичката вознемиреност и потиснатите емоции, и иако е контроверзно, сепак мора да признаеме дека има малку логика.

Имате нервозни лоши навики

Грицкање на ноктите, кубење на перчиња од косата, џвакање на празно во внатрешноста на устата или тикови кои не можете да ги контролирате. Чепкањето на кожата на лицето е исто така сигурен знак дека потиснувате некаков гнев во себе.

Страдате од некоја зависност

Не мора да значи дека станува збор за дрога или алкохол. Може да биде и пушење цигари, премногу сте зависни од шопинг, храна, љубов или претерана физичка активност.  Зависноста е можеби најлесниот начин да се самозалажеме дека сé е во ред со нас и дека не чувствувате болка или лутина, кога всушност потајно вриеме.

Сакате да контролирате сé околу вас

Вашиот живот и секој аспект поврзан со него. Тоа секако е невозможно, но вие се убедувате дека не сакате изненадувања и сте најсигурни кога го држите конците во своите раце.

Ве етикетираат како пасивно-агресивен карактер

Наместо да го изразувате гневот директно, вие тоа го правите индиректно. На пример, културни и фини сте со колегите, а подоцна ги озборувате позади грб. Или му кажувате на пртнерот дека не сте лути бидејќи потрошил поголема сума на пари за нешто што одамна го посакувал, а подоцна го нарекувате мрзелив и недомаќин.

Не знаете да кажете НЕ

Здравиот гнев нé насочува кон точно поставување граници, а кога не знаете и не умеете да го изразите, тогаш не знаете ниту како да кажете НЕ, бидејќи прво сметате дека сте семоќни и може да постигнете сé, а второ дека луѓето ќе ви се налутат доколку ги одбиете, што автоматски ве прави лоша личност.

Кога конечно ќе се налутите настанува апокалипса

Трпите, собирате во себе, упорно молчите и кога конечно ќе решите да се налутите еднаш во годината го истурате гневот и лутината на најлош можен начин, без да водите сметка за чувствата на останатите и последиците. Ова се случува кога емоциите се напластуваат толку долго и не – не е здраво.

Постојано сте среќни, „љубов и мир за сите во светот“

Ваквото однесување не е нормално. Всушност, вие живеете во лага и се самозалажувате. Никој не може да е толку смирен, среќен и љубезен 24/7. Никој не се чувствува постојано така, едноставно не постои таков еднодимензионален живот. Животот е бура, а гневот и лутината се нормален дел од сложувалката.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

12 совети како да се грижите за вашето ментално здравје Ако сте имале некаква траума,, како сообраќајна незгода, сексуален напад или смр...
Како да се справите со вошките и што треба да знаете пред да почнете да го чистите детето? На гнидите им требаат од 5 до 10 дена за да се развијат во мали вошки, на кои па...
Вие прашувате, психолог одговара: „Страв ми е да летам со авион, мислам дека ќе добијам паничен напа... На прашањата од нашите читатели одговара лиценциран психолог/терапевт. На пра...
4 предупредувачки знаци дека менталното здравје треба да ви стане приоритет Дали лесно станувате гневни, дури и за најбаналните работи? А, дали ви се чини д...
Работи кои НЕ треба да ги правите ако се будите среде ноќ (за да заспиете полесно) Не го допирајте телефонот и не гледајте колку е часот. Што да НЕ правите ако чес...
Вие прашувате, психолог одговара: „Добивам панични напади во гужва и затворен простор – супермаркети... На прашањата од нашите читатели одговара лиценциран психолог/ терапевт. На пр...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg