Филип Тодоровски, пилот во Wizz Air: „Капетанот ја има најголемата одговорност за безбедноста на авионот“
Како гледаат постарите колеги на тебе како млад пилот? Има ли многу млади пилоти? Има ли жени пилоти?
Јас на сите мои колеги гледам со почит, без разлика на нивната возраст, пол или националност, сепак, сите мои колеги се професионалци во својата работа и секогаш доколку чувствувам потреба се консултирам со нив.
Како и во сите други професии, често дискутираме за различни аспекти од нашата професија и така учиме еден од друг и меѓусебно си помагаме.
Во Wizz Аir колегијалната атмосфера е фантастична и не се прават поделби по кој било основ.
Имаме и сè повеќе и повеќе жени пилоти, а поради одличните можности за напредување во кариерата има и многу млади пилоти, но без разлика на годините секој мора да ја помине потребната обука за да ги достигне потребните стандарди за да може професионално да си ја извршува својата работа.
Јас секогаш се трудам да им помогнам на моите колеги и се надевам дека имам оставено добар впечаток досега.
Си имал ли некои панични ситуации досега, која е постапката?
Нема простор за паника во пилотската кабина, ние сме таму да ја осигураме безбедноста на летот и обучени сме за тоа.
Пред сè, во секој момент се трудиме да ги преземеме сите можни чекори да не се доведеме до некоја посериозна ситуација, но доколку тоа сепак се случи има точно пропишани процедури кои мораме да ги следиме и да ја вратиме стабилноста и безбедноста на авионот.
Не би можел да издвојам некоја посебна ситуација, сепак флотата на Wizz Аir е една од најмладите на пазарот и навистина сите авиони кои ги летаме се добро одржувани од страна на лиценцирани механичари, кои ги извршуваат сите потребни проверки.
До која дестинација леташ периодов? Кој ти бил најдолг лет? Кај сè имаш летано?
Како и што реков претходно, нема една единствена дестинација до којашто летаме. Сите дестинации кои ги имаме од Скопје ги летаме во зависност од месечниот распоред.
Нема ограничувања во однос на дестинациите од мрежата на Wizz Аir и исто така можеме да летаме и од други бази.
Најдолг лет ми е од Скопје до Лондон Лутон, но од други бази има и подолги летови.
Имам летано практично низ цела Европа, и тоа Австрија, Англија, Германија, Франција, Шпанија, Италија, Полска, Холандија, Белгија, Унгарија, Словенија, Словачка, Србија, Бугарија, Норвешка, Шведска, Финска, Данска, Црна Гора, Кипар, Малта, Литванија, Латвија, Романија, Украина и други.
Кои се твоите одговорности при еден лет?
Би рекол дека ги има многу, но само неколку од нив се проверка на потребната документација за летот и авионот, проверка на техничкиот статус на авионот, подготовка на летот, одлука за количина на гориво и дефинирање на потребните чекори што треба да се преземат за да се одработи летот според сите пропишани правила и прописи при што особено внимание треба да се посвети на безбедноста и ефикасноста на летот, брифинг со останатиот дел од екипажот и слично.
Кои се најчестите грешки кои ги прават патниците?
Најчесто стануваат од своите места и кога знакот за врзување е сè уште приклучен.
Како изгледа процесот на интервјуа и вработување?
Како пилот почнав да работам од 2017 година, откако ги завршив сите потребни обуки. Не би рекол дека патот е лесен, но не е несовладлив.
Се почнува со иницијален лекарски преглед, а потоа следи обука за приватна лиценца за едно-моторен авион којашто се состои од теорија и практична обука, при што прво се лета со инструктор, а потоа и сам.
После тоа следат обуките за инструментално летање, за ноќно летање, за летање со повеќе-моторен авион коишто се составен дел од обуката за добивање на дозвола за управување со комерцијален авион, односно авион со патници.
Исто така, во тој период додека траат овие практични обуки, паралелно се следи и теоретска настава од 14 многу обемни предмети коишто се витални за еден комерцијален пилот и потоа се полагаат теоретски испити.
Откако сè ќе се положи се добива комерцијална лиценца со којашто може да се аплицира за работа.
Потоа, потребна е и специјализација за одреден тип на авион, којашто може да се направи пред да најдеш работа или после тоа.
Во мојот случај обуката за типот на авион Ербас А320/321 којшто го летам и денес беше откако добив работа во Wizz Аir.
Затоа и Wizz Аir е добра компанија, бидејќи прво ги вработува, а потоа и им помага на своите млади пилоти околу финансирањето на обуката за тип на авион којашто воопшто не е евтина.
Во однос на процесот на интервјуа и вработување, тој генерално се состои од неколку фази, при што се проверуваат знаењата стекнати при обуката за пилот, како дел од теоријата, основна математика и физика, исто така се проверува и познавањето на англискиот јазик, когнитивните и психомоторни способности, се бара да имаш и добра меморија и добра ориентација во простор и вештини од областа на меѓучовечките односи.
Доколку успешно се помине селекцијата се почнува со обука за компаниски прописи и процедури.
Работи кои секогаш ги правиш пред почетокот од летот…
Прво го проверувам планот за летот и техничкиот статус на авионот којшто треба да го летаме тој ден, потоа правам брифинг со останатиот дел од екипажот, па правиме надворешна проверка на авионот, потоа ги програмираме компјутерските системи на авионот со потребните навигациски податоци, па пресметуваме перформанси на авионот и ги правиме сите потребни проверки и „чек листи“.
Те нервира ли аплаузот кој го има некогаш на крај од летот? Го сметаш ли за соодветен?
Не, не можам да кажам дека ме нервира, напротив убаво ми е кога ќе слушнам аплауз, сепак, тоа значи дека си завршил добра работа.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело