Моника Конеска, фенг-шуи архитект: „Модерните црни кујни на Македонците се неповолни, брачниот кревет не треба да е залепен до ѕид“
- Детали
- вторник, 17 декември 2024
„Македонците го гушат просторот со мебел, просторот мора да дише и да обезбедува оптимален енергетски проток, но друга грешка е и во оние кои градат животен простор - недоволно природна светлина и воздух, присуство на масивни греди и столбови кои се сериозна енергетска блокада, неправилни форми на простории и станови“ - раскажува за CRNOBELO.com Моника Конеска, дипломиран архитект и сертифициран Фенг шуи консултант.
Моника Конеска по професија е дипломиран архитект инженер од 2009 година, со искуство во проектирање и изведба на станбени, деловни и индустриски објекти, но дополнително, таа е и Фенг шуи консултант.
Своите стручни познавања од областа на архитектурата ги спојува со Фенг шуи практиките, па доставува решенија за домовите, животниот и деловниот простор на сите оние кои сакаат да постигнат хармонија и благосостојба преку соодветно уредување на животниот простор.
„Јас сум сертифициран Фенг шуи практикант на неколку Фенг шуи центри и институти и имам повеќе од 10-годишно искуство во примена на Фенг шуи принципите во станбени објекти и повеќе категории на дејност кај деловни објекти.
Ангажирана сум при избор на локација за градење, избор на простор или објект за купување или развој на Фенг шуи Концепт Проект пред изградба.
Сум одржала неколку едукативни работилници за Фенг шуи наменети за архитекти, и воедно имаме отворена соработка со архитектонски студија во однос на примена на Фенг шуи“ - вели за CRNOBELO.com Моника.
Поразговаравме со неа за интересот кон Фенг шуи, стекнатото знаење, како го применува, кои се грешките кои најчесто се прават кај нас - прочитајте подетално во интервјуто во продолжение:
Од каде интересот за Фенг шуи?
Интересот за Фенг шуи областа произлезе околу 2010-2011 година, првично како потреба одредени проектантски одлуки да се донесат во согласност со повисока цел насочена за добробит на корисниците на тој простор/објект.
Кога проектирате објект или ентериер, секогаш има повеќе начини на кои може да се изведе тоа, а и секогаш е присутно одредено несогласување меѓу проектантот како професионалец и желбите на клиентот, и во тој дел Фенг шуи даде одговор како да се донесуваат одлуки во насока на благосостојба на клиентите и корисниците на просторот.
Појаснете ни прво како се станува Фенг шуи архитект? Постојат ли едукативни центри кај нас и во регионот каде што може да се научат овие принципи?
Фенг шуи Архитект е мој производ кој ги соединува архитектурата и Фенг шуи во едно. Едукативни Фенг шуи центри кај нас не ми се познати, а просторот на поранешна Југославија има неколку.
Јас стекнував едукација и пракса на еден од нив, како и на Qi Mag Feng Shui & Geobiology Institute во Германија и уште една академија од Малезија.
Генерално, европските држави располагаат со Фенг шуи Институти (Германија, Англија, Швајцарија, Италија, Шпанија). Западните држави исто така располагаат со Фенг шуи центри, за источните веќе знаеме дека е така.
Важно е да нагласам дека она што работи Фенг шуи Архитект не се стекнува комплетно на едукативните Фенг шуи Центри, туку е стекнато и на специјализирани Фенг шуи центри наменети за професионалци од областа на архитектура, урбанизам, градежништво и недвижнини, а таквите се многу помалку на број.
Морам да нагласам дека како и во секоја струка, така и во Фенг шуи секогаш има можност за надградување и континуирана професионална едукација.
Во јавноста често постои мислењето дека Фенг шуи се сведува на бои и распоред, но вистината е дека овој принцип се применува уште во самата изградба на просторот? Кои принципи најчесто треба да се почитуваат и постои ли интерес кај Македонците за вакви консултации пред да започне самата изградба на домовите?
Така е, иако на нашите простори постои генералното мислење дека Фенг шуи е за непосредно уредување на домот и тоа конкретно со поставување на Фенг шуи фигури и слично, вистината е дека Фенг шуи принципите се наменети воопшто за уредување на физичкото опкружување на човекот, од најмалиот микропростор на човекот (стан) кон поголем макропростор (објект,зграда) и повисоко ниво за примена на Фенг шуи е урбан простор (планирање на населба, град...).
За одговор на прашањето ќе се задржам на примена на Фенг шуи принципите во градска средина, при изградба на објектите и планирање на просторот она што мора да се почитува е светлината и воздухот, односно внес на доволна количина на природна осветленост во објектот, и обезбедување на доволна оддалеченост и правилно позиционирањње на објектите во однос на опкружувањето, како би можело да се обезбеди природно струење на водухот.
Друг принцип кој е основно да се испочитува ако зборуваме за станбените објекти е локацијата да биде поволна за станбена намена. Често се градат станбени објекти во зони со индустриска намена и тоа воопшто не е поволно, самото земјиште има акумулирано одреден тип на зрачења и има неповолни содржини за домување како метал, врева, чад.
Морам да признаам дека во последниве години постои подигнато ниво на свесност кај македонскиот народ и поголема заинтересираност за примена на Фенг шуи во процесот на проектирање и пред изградба на објектите.
А што е со веќе изградените објекти? Постои ли можност и во нив да се применат Фенг шуи принципите? Во кои градби е најтешко да се спроведе овој принцип?
Секако дека може да се работи Фенг шуи уредување во постоечките станови, идеално во фаза на опремување на просторот или реновирање како би имале повеќе слобода при примената на Фенг шуи принципите и би постигнале поголема ефикасност од уредувањето.
За станбени градби во кои е најтешко да се применат Фенг шуи принципите како што ги споменав и претходно се станбени објекти изградени на неповолна локација, на пример на локација од индустриски карактер каде е значително присутна бучава, гасови, метали, фреквенција на возила, а и земјиштето и околината веќе ги попримиле овие енергетски зрачења.
Становите со еднострана ориентација, бидејќи имаат ограничен енергетски потенцијал, исто така се голем предизвик за третирање.
Како се одредуваат секторите на љубов/финансии и сл. во домот? И зошто се менуваат секоја година?
Не би сакала површно да одговорам на ова прашање и да ги доведам читателите до заблуда или непотполно знаење. Ова е прашање на кое дефинитивно е потребно повеќе простор за објаснување, можеби и посета на еден курс за да се добие одговор.
Тука можам да дополнам дека кај различни Фенг шуи мајстори односно школи, и различно се одредуваат секторите на овие животни аспекти (љубов, финансии).
На пример, San He школата (Ba Zhi или 8 палати) има различен пристап во идентификацијата на секторите на овие животни аспекти од San Yuan школата (Xuan Kong или методот на Летечки Ѕвезди).
Во однос на менувањето секоја година, тоа се однесува на оние школи кои ги вклучуваат временските – астролошките аспекти, а тоа е San Yuan школата (Xuan Kong) популарно познат како методот на Летечки Ѕвезди.
Знаете, Фенг шуи системите изработуваат анализи помеѓу следниве влезни параметри – опкружувањето односно околината со нејзината физичка конфигурација, физичкото – објектот со своите особини, човекот со своите енергетски параметри и времето како фактор при што се анализираат астролошките влијанија (ниедно енергетско влијание не е трајно, туку се менува низ времето).
Кај голем дел од Македонците сè уште постои навика да се чуваат стари и непотребни предмети кои би можеле некогаш да ни се најдат за нешто... Колку оваа навика негативно влијае врз нашиот секојдневен живот и ни ја нарушува енергијата?
Повеќе од 10 години ги набљудувам овие состојби кај клиентите, и можам да потврдам од искуство дека навистина задржувањето на стари и непотребни предмети е секогаш поврзано со непожелен психолошки профил на однесување.
Советот е едноставен, иако не секогаш е лесно да се примени во пракса. Побарајте од некого да ви помогне, разговарајте за предметите и нивната употребна вредност, селектирајте што навистина не користите и не ви е потребно и секако за почеток можете најмалку 10% од предметите да ги ослободите, а потоа пак навратете се и селектирајте други 10% и на овој начин се олеснува процесот.
Идеално е на предметите да им се продолжи животниот циклус, да се подарат некому или да се дадат некаде каде би им се продолжил животниот век, да се рециклираат, а ако баш мора, во краен случај се фрлаат во отпад.
Како вообичаено тече процесот на Фенг шуи уредување на еден животен простор?
Често клиентите очекуваат дека со самото доаѓање на терен ќе добијат готово Фенг шуи, но тоа не е така. Потребно е да се примат потребните податоци – задолжителен е нацрт план на просторот со впишан мебел и потребни се податоци за клиентите како година на раѓање и нивна професионална ориентација, потоа имаме теренско снимање на објектот и околината, мерење на компасни ориентации и мерење од страна на радиестезиски стручњак.
По приемот на сите горенаведени податоци, се изработуваат Фенг шуи анализите на основ на кои се изработува Фенг шуи Проект кој се предава на клиентот во писмена форма и ги содржи сите препораки (препорачани интервенции, неутрализации, енергизатори итн).
Понатаму, клиентот самостојно ги спроведува препораките со повремена ревизија од наша страна и со обезбедување на карактеристичните Фенг шуи корективни средства од наша страна.
Во случај да делуваме пред изградба на објект, се изработува Фенг шуи Концепт Проект кој понатаму го користи архитектот проектирајќи во согласност со истиот.