На сите им посакувам несреќен брак како оној на Меланија и Доналд Трамп

na-site-im-posakuvam-nesrekjen-brak-kako-onoj-na-melanija-i-donald-tramp-01.jpg

Во овие две години откако Трамп стана претседател нема ден медиумите да не пишуваат за него. Каков политичар е тој не е она што сакам да го коментирам овде. Тоа што најмногу ме нервира е сите тие натписи вистини и невистини- како Доналд и Меланија не се сакаат, како спијат во одделни соби, како тој не ја заштитува со чадорот кога се на дождот или пак не се држат за рака.

Ете луѓето решија по сликите и по тоа дека не е присутна одредено време дека тие кутрите се во несреќен брак па дури и во криза.

Добро тогаш, ако се суди по она што навидум го гледаме тогаш јас сум македонската Меланија, само што мојот сопруг не е толку богат како Трамп.

Всушност тој и се шегува дека е Трамп, но оној од цртаниот Lady and the Trump. Она што сакам да кажам е дека не секоја љубов е комфорна за експонирање. Дајте еднаш да престанеме да критикуваме нечиј брак само затоа што во нашите очи не изгледа совршен. А што всушност е совршен брак?

Тоа е како да го споредувам мојот сопруг со сите мажи во светот. Можам да споредам боја на очи, нос, висина, тежина. Како да ја мерам убавината?

А бракот? Бракот по што да го мериме? По бројот на кавги, сексуални активности и приготвени јадења? Или по албумите на Фејсбук? Не секој човек се чувствува пријатно јавно да искажува емоции. Кога јас сум надвор од домот најголемиот гест што го добивам е носењето на кесата од продавница, додека јас пак ја влечам вреќата со 5 килограми портокали, не поради што сакам да покажам родова еднаквост (знае тој колку сум способна) туку не сакам на него цел товар да е.

Ние немаме слики на Фејсбук зошто и немаме Фејсбук, а немаме ни слики многу во сите овие 12 години. Кога одиме во природа телефоните се дома (иако бизнисот наложува постојана комуникација).

Пробавме еднаш, но возењето велосипед заврши со мене во провалија со два прилично нови телефони, па ете секој пат на плажа, скијање, планинарење или што било не го овековечуваме со фотографија.

Мене не ми е важно да ме држи за рака додека шетаме, ама ми е и тоа како важно да ме држи в раце кога плачам како дете зошто душата ми вреска. Јас не сакам да ме бакнува постојано додека сме надвор, сакам неговата љубов да ми ја покажува во кревет.

И додека ме осудуваат што сопругот не дошол со мене на некој социјален настан, јас знам дека оној кој е среќен дека сум присутна нема да замери на неговото отсуство. Додека има такви кои мислат дека се омажив за пари, малку од нив знаат дека кога го запознав имаше само идеја, но не и бизнис.

Само поради фактот дека не се експониравме во првите години од врската не значи дека јас не бев покрај него кога немаше ништо.

Малку и знаат дека мајка ми трчаше да ни ја плати сметката за струјата. И кога го слушнав оној коментар како стрела во глава „Абе, друго сте вие, мажот ти има бизнис веќе години“. Драга моја, нема мажот ми! Ние имаме! Јас си дадов отказ од мојата „високо платена работа“ да му помогнам да го започне бизнисот. Јас сум таа која тропаше од врата на врата на јазик кој едвај го знаев, барајќи фирми за клиенти зошто тој го имаше знаењето, а не умеењето.

Тоа што не се жалам колку ми е тешко не значи дека помалку работам, само повеќе уживам во она што го правам. И додека едни судат за пари, други пак мислат дека се омажив за виза. Да точно, живееме во Германија. Ама пак никој не знае дека баш поради таа виза и неговото заминување ние ставивме крај на таа врска.

Штотуку ја имав најголемата семејна трагедија, а тој ми предложи да заминам со него. Го одбрав семејството! Бев млада и не можев да донесам таква одлука оставајќи ги далеку оние кои ми значат живот.

11 месеци ми пишуваше на имејл кога можеше, за да прочитам кога сакам без да ми додева. Ми пишуваше за новиот живот, за селидбите, цимерите, колегите, за сендвичите и сладоледите, за губењето на работата…Не доби ни еден одговор, ниту постави прашање.

Кога видов колку му е тешко во последното писмо не можев да издржам, му пишав дека си дадов отказ и со последната плата купив карта да одам да го видам. Јас не го запрев да оди каде сакаше, тој не ме натера да дојдам каде сметав дека не припаѓам. Не му ветив дека ќе го чекам ниту побарав од него да ми се колне на верност.

Натаму е историја.

Не излегуваме во парови, голем дел од денот сме заедно, кога ќе излезам сакам да си ја раскажувам последната епизода од Outlander со другарките или тој да ужива со своите.

Никогаш не го прашувам каде и со кого е… впрочем и зошто би? А ако ме изневерува? А што ако го контролирам - нема? Знам нема јас да го изневерам, за него не гарантирам. Сум била во сите страни на приказната - и изневерена, и сум изневерувала и сум била таа со која некој изневерувал.

Сакате да знаете што е најболно? Изневерувањето на самите себе, сопствената личност- тоа е најтешко. Па, ако тој реши нема да го барам проблемот во себе.

Немам потреба да се облекувам „colour coded“ за на свадби, да можат да ми го препознаат партнерот, срцето ми знае чија сум. Ние немаме заедничко хоби, тој трча, а јас вежбам дома, а некогаш и воопшто не правам ништо.

Јас сакам да цртам, тој сака да чита книги. Јас сакам кино, тој сака да игра на компјутер. Не си праќаме песни по ѕидовите и посвети, си имаме свои глупави измислени песни на кои се смееме секогаш до солзи од нечија изведба. Понекогаш ќе пуштиме некој филм и тоа може да трае само 15 минути затоа што еден од нас заспал, а може и со часови потоа да разговараме за сè и сешто како двајца пријатели кои се немаат видено со месеци; од марксизам, психологија, капитализам, па сè до работничката и мигрантската криза во Германија, па назад до спомени од детството.

Јас некогаш легнувам во 2 по полноќ, а тој станува во 6 наутро. И да, често еден од нас спие во гостинската соба.

Не е мојата цел да кажувам каков е мојот брак! Ова сме ние само двајца луѓе. Колку од вас најдоа сличности, а сепак не е тоа вашиот брак?

Мојот брак е мој! Мој е кога се караме и поминуваме со часови затворени во одделни соби. Мој е кога мене ми доаѓа да екплодирам кога сме по шалтери, а тој ме турка да зборува место мене. Мој е кога тој ќе дојде исцрпен од некој настан и видно изреволтиран, а јас ќе успеам да го насмеам.

И сè така без ниедна слика, без ниту еден момент споделен со сите очи на пошироката јавност. Не носиме ни бурми, едноставно беа тоа залудно потрошени пари во моменти кога 500 евра се пресметуваа во месец кирија.

Всушност мојот сопруг никогаш не клекна ни да ме запроси зошто знаеше дека не сакам маж кој ќе клечи пред мене, ниту пак да ја намали својата големина за да се спушти на мое ниво (а никогаш ништо не му реков). Само ме праша дали сакам да направиме чекор заедно напред.

И така ете чекор по чекор заедно сме 12 години. Не е бракот три скока, се запознаваш, се венчаваш и умираш заедно. Измеѓу има толку да се покаже и преброди. Не си ветивме дека така ќе е засекогаш како што еднаш беше, туку дека ќе се менуваме и ќе се поддржуваме во што и да било.

Тој знаеше дека сум негова жена кога оставив сè и заминав да го видам само зошто не му одеше најдобро, да го бодрам да не се откажува од сонот.

И сè така додека трае, а до кога ќе трае зависи од нас, којзнае може еден ден сето ова ќе го нема. Дотогаш, јас ќе продолжам да се борам да останам во овој несреќен, од пари, интерес, ладен без љубов и внимание брак. Како оној на „Трампевци“. Не осудувам ниедна нежност во јавност, напротив ја славам љубовта и ми е драго кога ја гледам. Молам да престанеме да судиме за нечиј живот. Некогаш колку и да сме силни боли.

Доаѓа до нашите уши и само нè оддалечува од луѓето кои некогаш ни биле блиски, а сега не сакаат да разберат дека не ги следиме социјалните норми.

Не правете слики и идеали! Не влегувајте со очекувања. Ваш е бракот, чувајте го на секој можен начин онака како што заедно умеете.

А да, немаме сè уште деца, не знам ете, не дошло на ред. И двајцата сакаме да се оствариме во таа улога ама не сега. Колку од вас мислат дека еден ден ќе се каам? Можеби ќе е наше дете, можеби не.

Онаму каде не може природата може медицината, таму каде таа не успева, Бог дарува, онаму каде Бог плетка прсти постојат судбини и деца на кои им треба дом.

Па, којзнае може од двајца „несреќни“ родители ќе излезе едно или повеќе среќни деца? Си велам, ако можам да сакам едно човечко суштество како сопругот, што не ми е крв, зошто да не е и друго? Кој знае останува да видиме.

А по утрото денот се познава. Знаев каков ќе е мојот брак кога едно утро додека бевме пар јас мамурна зошто испив некоја чашка плус минатата вечер го поздравив во кујната, а видов дека не се закрепнал од кашлицата, ставив патики и заминав по супа и лимони додека тој мислејќи дека сум на долниот кат во тоалетот ми сварил кафе.

Автор: Несреќничка

Доколку сакате да ни раскажете некој сегмент од вашето секојдневие, да споделите животен предизвик или радост, пишете ни тука!

Би можело да ве интересира:

Исповед на млада скопјанка: „Другарките ме заменија со нова девојка со 1.000 следбеници на Инстаграм... Jас лежерно во домашна атмосфера, отварам Инста и вечерно стори од нив три,...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg