Живејте го животот како секој ден да е последен, зошто некогаш навистина ќе биде

Секој божји ден ги слушам луѓето како велат не ми оди во животот, ич да се немало среќа, баксуз и пол сум, работата хаос, во љубовта како да ми се случува некоја елементарна непогода, ова, она било, и така до бесконечност и назад.

zhivejte-go-zhivotot-kako-sekoj-den-da-e-posleden-zoshto-nekogash-navistina-kje-bide-01.jpg

Не знам дали е за смеење или за плачење, но знам, жалењето и кукањето ни станаа „Добар ден“. Но со тоа не само што не си правиме услуга, туку сѐ повеќе тонеме, дозволуваме, без око да ни трепне, животот да ни се лизга од раце, наместо да го чуваме како капка вода на дланка. Каков-таков, еден го имаме, нема реприза.

Владее невидена пандемија на жалење, само негодуваме и кукаме, а дали тоа ни ги реши проблемите? Ни ги плати ли сметките за струја, дали досега смени нешто?

Не, нема ни од сега.

Можеби во моментот имаме причина да не се чувствуваме баш најдобро во сопствената кожа и сопствениот живот не вади од такт, но ако бараме одговорен за тоа што сме денес, за она што сме биле вчера, за она завчера или за она што допрва следува, погледнете во огледало.

Да, вие и никој друг!

Можеби е тешко, но не и невозможно.

Да почнеме од помислата, живи сме. Гледаме, слушаме, чекориме, трчаме, слободни сме. Сѐ ова сме ние, додека некој друг за тоа сонува дека ќе се случи еден ден, се надева дека денес е баш тој ден. 

Да не се правиме глуви и слепи, добро знаеме дека улиците ни се полни со гладни дечиња кои питаат, шетаат голи и боси, со искинати алишта и празни стомачиња, кои кркорат од глад за една корка леб.

Наместо да ги чуваме и да ни се најлојалните пријатели кои сме ги имале некогаш, животните ги препуштаме на милост и немилост.

Насекаде луѓе кои патот од дома ги води во болници, каде бараат рака за спас, со една единствена желба да оздрават. Многу трагедии кои ја кинат душата, многу потешки од нашите. Затоа, нема жалење.

Работата не оди, па што!

Ќе дозволиме ли еден ветер да го заниша нашиот брод?

Има мал милион работи во кои сме единствени, ни одат од рака, нѐ исполнуваат и за среќа, не нè фрустрираат. Тие работи чекаат на нас, да мрднеме со прст!

Кога љубовта е во прашање, би сакале да имаме копче за нагодување, но забораваме дека ние не сме роботи и како што пееше нашиот единствен и неповторлив Тоше Проески - срце није камен!

Чувајте место во вашето срце за вистинска љубов, онаа што повеќе нема да ви ја собира ни во градите, онаа која нема да можете да ја опишете со зборови.

Во животот е така - една врата се затвора, но друга се отвора. Нештата ни се случуваат со причина, сакале да веруваме во тоа или не. Сѐ е една добра, добра школа, сè што не нè убива, нѐ прави посилни.

Зад некој агол сигурно се случува некое чудо и за нас. Она што е наше ќе си дојде, она што не, слободно нека нѐ одмине.

Имаме право на поправен испит сѐ дури чекаме на перонот на среќата.

Затоа, живејте го животот како секој ден да е последен, зошто еден ден навистина ќе биде.

И не заборавајте, животот меша карти, НИЕ играме!

Автор: Марија Тасевска

Доколку сакате да ни раскажете некој сегмент од вашето секојдневие, да споделите животен предизвик или радост, пишете ни тука!

Би можело да ве интересира:

Исповед на млада скопјанка: „Другарките ме заменија со нова девојка со 1.000 следбеници на Инстаграм... Jас лежерно во домашна атмосфера, отварам Инста и вечерно стори од нив три,...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg