Ако се преселите од Македонија, заборавете на секојдневни кафиња, кафеани и дружби

Ветрот им ја вееше косата и нежно им ги галеше очите полни со блесок и сјај, додека тие се движеа со бавни чекори по тревата.

surovata-realnost-nasproti-svetlinata-vo-ochite-01.jpg

Прстите на рацете им беа испреплетени и топли, погледите им се сретнуваа од момент во момент и секој миг посакуваа да се прегрнат за да се почувствуваат еден со друг, а без притоа да се свесни дека срцето ќе им отскокне од радост.

Не престануваше таа светлина во нивните очи, како да им запираше дишењето без тие да забележат.

Нешто посебно се случуваше додека зборуваа, додека се погледнуваа. Настануваше миг на потполна хармонија и мир, како никој да нема околу нив, а часовите им стануваа минути.

Правеа планови да се сретнат подоцна, утре, задутре, забораваа други настани, случувања. Ноќите ги поминуваа гушкајќи ја перницата и неуморно, повторно и повторно се потсетуваа на миговите заедно додека да се раздени.

Тие чувства, тие емоции доаѓаат така неповикано, непланирано. Не се планираат. Не се бараат.

Зарем некој човек може со договор и сила да го почувствува тоа? Доколку е со сила, тоа не е реално, не е вистинско, не прави да се чувствуваме целосни. Најважно од сѐ, ќе биде една навика, една обична монотонија и никогаш нема да ни го даде сјајот во очите и трепетот во срцето.

Вистинската љубов не знае за граници, нѐ исполнува, нѐ прави среќни, ни дава енергија, нѐ воздигнува, допира до сите наши сетила. Влегува во нашата потсвест, нѐ прави расеани, разиграни, весели...

Лицето на саканата личност е секогаш пред нас, пред нашите очи и постојано нѐ обзема во мислите во секојдневието. Тоа е бескрајна среќа која луѓето ја оставаат, заминуваат без да трепнат, ги пакуваат куферите без нималку размислување и напуштаат сѐ.

Македонскиот народ не мисли на љубовта, семејството, пријателите. Заборава на сјајот во очите после љубовниот состанок, заборава на сѐ и секој и заминува во друга земја на печалба, каде ќе биде целосен странец. Каде во одредени моменти ќе се соочи со самотија како да нема никој светот.

Но, за подобра иднина се остава сѐ, се напушта.

Зарем сакаме одеднаш да го достигнеме врвот, зарем да погледнеме во височините веднаш, сè што ќе постигнеме да биде најдобро, најубаво?

Искрено, себичноста е сурова реалност кај луѓето кои ја ставаат цигарата во уста и викаат ако детето фатило некоја играчка во некоја продавница. Плаќаат сметки во кафеани, а велат дека немаат за сметките дома. Плаќаат во козметички салони, а немаат за екскурзија. Плаќаат кредити за автомобили, мотори, а велат дека платата не им стига.

Да, во Македонија платите се мали за убав живот што би го живееле со семејството, пријателите. Жално, но вистинито, луѓето напуштаат сѐ и заминуваат.

Дали доларите и еврата, или која било друга валута заработена во некоја земја е повредна од светлината во очите со саканите, од првата насмевка, првото запче, првите чекори, првите зборови, првите оценки? Дали тие треба да се гледаат на камера, на интернет? Зборувам за луѓето кои се заминати сами, без семејството…

Жално е колку парите растураат фамилии, раздвојуваат некоја голема љубов, големо пријателство, растураат долгогодишен семеен бизнис. Солзи се пролеани за големи разделби, и сето тоа за поголем буџет, за подобра иднина. Зошто државата продолжува да го дозволува ова?

Во Македонија луѓето живеат за другите луѓе, па затоа не можат да бидат среќни и успешни и сето тоа доведува до мизерија во секоја област во нашата земја. Да се запрашаме колку е голема љубовта, ако е помалку вредна од доларите во Америка, еврата или која било друга валута заработена во друга земја.

Без да се мисли на очите на децата и на љубовта спрема саканите, себично се заминува и се мете во некој хотел, чисти во некој тоалет и се прават сендвичи во некоја сендвичарница.

Има и луѓе кои навистина успеале во друга земја, но тие или се многу ретки, или поминале многу години разделени од сите, па низ мака постигнале нешто. Зошто да се штедат пари за да се купи карта за во некој слободен викенд да се видат семејството и пријателите?

Луѓето ги кажуваат само убавите случаи, па од нив се црпат примери. Заборавете на козметички салони, секојдневни кафиња, кафеани, чекање родендени на децата во игротеки и социјален живот со најблиските доколку заминете во друга земја. Луѓето станаа крути, себични, злонамерни, со материјални сфаќања. Ги забораваат љубовта и семејството кога помислуваат на нов автомобил, нов мобилен, поубав стан, поубава куќа, поскапа гардероба. Додека луѓето кои се богати и успешни и се од другите земји велат: „Не доаѓајте, тука е тешко и монотоно“.

Оваа наша земја мора да најде решение, бидејќи ќе остане без жители. Најважната тема во сите семејни и пријателски собири е како се нема пари, платите се мали, се бара начин за одење во странство.

Ах, кога ќе ги остават најубавите очи, и така ќе заминат, колкава носталгија и болка ќе чувствуваат? Толку е тажно, што е исто толку и сурово реално. Скромниот живот не го прави ни еден човек среќен, колку и да кажува дека е така. Со страв ја чека сметката за струја, со страв чека на каса додека касиерката ги поминува производите, чека цела редица во банка за да земе кредит да исплати некој долг…

Да, но има и луѓе кои земаат кредити за подмладување, за летен одмор, за нова облека…

Боли оној ладен поглед во студените ноќи, тоа отсуство на среќа и љубовни воздишки во некоја друга земја. Не треба центарот на вниманието да е туѓото мислење, тоа не треба да е најважно. Најважна треба да е љубовта кон најсаканите.

Таа треба да нѐ води низ сите битки, до сите успеси. Себичноста не треба да постои во нашите животи. Задоволувањето само на сопственото его може да нѐ одведе во бескрајна самотија и болка.

Затворете очи и помислете на сето она што сакате да го имате. Сега држете ги затворени очите и помислете дали доколку би ги имале сите материјални работи, би биле среќни без саканите луѓе до вас?!

Немојте заради себичност, туѓо мислење и наивност да си ги уништите љубовта, среќата и семејството. Секој проблем има решение, па затоа оставете ги настрана мобилните и со разговор решете го.

Не оставајте ги никогаш работите за подоцна - најдете решение сега, одма, во истиот момент. Не дозволувајте парите, интернетот и туѓото мислење да ви се поважни од едно, најважното на целиот свет - СЕМЕЈСТВОТО!

Автор: Андријана

Доколку сакате да ни раскажете некој сегмент од вашето секојдневие, да споделите животен предизвик или радост, пишете ни тука!

Би можело да ве интересира:

Исповед на млада скопјанка: „Другарките ме заменија со нова девојка со 1.000 следбеници на Инстаграм... Jас лежерно во домашна атмосфера, отварам Инста и вечерно стори од нив три,...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg