Дел од мојот дневник: Живеам во Италија, тажна и осамена - туѓино, проклета да си!

И оваа вечер заспивам гледајќи низ прозорецот. Гледајќи ја месечината.

del-od-mojot-dnevnik-tugjino-prokleta-da-si-01.jpg

Блеска преку прозорецот како еден од уличните фенери што ги имаше пред мојата куќа. Така заспивав и дома. Се плашев да заспијам во темница, па секогаш оставав малку фенерот да ми ѕирка во собата.

Еве, неколку вечери по ред, заспивам со солзи во очите, а се будам со накисната перница стисната во прегратка. Господе, зошто сум толку тажна? Туѓино, зошто ли те одбрав тебе?

Денес се чувствувам многу тажна и осамена. Нè известија дека нашата општина, а и оние околу, ќе бидат затворени скоро цел месец поради моментално познатиот коронавирус.

Да, живеам во Италија. Овде бројот на заразени расте од ден на ден, двојно, тројно… Знаев и дека ќе дојде денот, дека ќе нè затворат. Ќе нè забарикадираат од сите страни. Ќе биде ова најдолгиот и најкобниот месец досега.

Еве, пак известуваат дека дури и ќе те казнат ако излезеш од дома без потреба. Ало бре? Каде е слободата? Дали требаше да стигне до овој степен и волку да се прошири вирусот за да преземете мерки? Нели Европа бе? Семоќно е овде? Бар така мислев додека живеев во Македонија. Си мислев дека овде рози цветаат. Сега ќе се криеме дома, како да надвор војна се води.

Ништо не е исто. Ја нема таа слобода, ја нема таа топлина во народот. Нема никаква близина. Нонстоп некој брза некаде.

И сонцето овде не свети исто. Не грее исто. Ја нема топлината којашто ја чувствувам во мојот роден крај. 

Одбрав да живеам далеку од моето семејство. Далеку од татко ми, мајка ми, брат ми и сестра ми. Ми фалат сите. Роднините, пријателите, верните другари со коишто пораснавме заедно.

Ми фалат и едни други очи. Едни за коишто молчам. Вешто ги кријам во градите. Бар они ме топлат во овие мрачни денови. И таа негова прегратка, најцврста е. Во којашто се чувствувам најзаштитено на цел свет.

Се плашам. Ми фали мајка ми, многу. Да ми подаде рака и да ми каже „Сè ќе биде добро ќерко, само ти чувај се. Сè ќе помине“.

Ми фали мојата соба и прозорецот од каде што ми ѕиркаше уличниот фенер. И мојот кревет, таму каде што заспивав безгрижна. Безгрижна затоа што знаев дека мајка ми и татко ми спијат во собата до мене. Бакнежите за добра ноќ и појадокот со брат ми и сестра ми. Лепче, маргарин и чај. Омиленото мое!

Ох како ми фали сето тоа. Туѓино, проклета да си!

Автор: П. А.

Доколку сакате да ни раскажете некој сегмент од вашето секојдневие, да споделите животен предизвик или радост, пишете ни тука!

Би можело да ве интересира:

Исповед на млада скопјанка: „Другарките ме заменија со нова девојка со 1.000 следбеници на Инстаграм... Jас лежерно во домашна атмосфера, отварам Инста и вечерно стори од нив три,...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg