Останува само едно - да извлечеме голема лекција од војната со невидливиот пријател

Беше јануари, обичен ден од новата 2020 година, обичен студен ден. Веќе почнав да одам на мојата нова работа. Како за нов почеток, се чувствував некако исполнето и смирено. Рано е, знам, да донесувам заклучоци, но како да си пронајдов некој мир, за разлика од претходниот хаос.

ostanuva-samo-edno-da-izvlecheme-golema-lekcija-od-vojnata-so-nevidliviot-prijatel-01.jpg

Нормално, сите среќни, оптимистички настроени, со нови идеи, мисли, замисли, цели, за тоа што сè ќе прават оваа 2020 година. Како сè ќе биде хаос, лудило, превртување, газење.

Како ќе бидеме подобри, посамоуверени, ќе почнеме да одиме во теретана, ќе читаме повеќе, ќе јадеме здраво, ќе штедиме, ќе се сакаме и уште многу, ама баш многу желби кои, верувајте, се забораваат во моментот кога ќе „фатиме хоризонтала“ во кревет, проследено со една мисла – Еј, ајде од утре почнувам!

Ситуацијата иста како и секоја година претходно - се „фура“ иста шема, односно зимување, кое е задолжително и неопходно за да му покажеш на народот дека, ете, ти шеташ, ти знаеш да скијаш, знаеш да уживаш во џакузито од хотелот, знаеш многу добри пози за слики, кои сигурно завршуваат на Instagram или Facebook, со милиони хаштагови.

За таква зимска бајка задолжени се многуте сајтови, каде што си купуваш евтина зделка уште во ноември и, збогум сиромаштијо, одам догодина на зимување.

Секако, изборот е тој секоја година - златната тројка Банско, Боровец или Копаоник (за оние побогатите). А, за оние кои сакаат да одат да се „издуваат“ на ден-два, тука се нашите Шапка, Маврово и Крушево. Што не се никако за потценување. 

И така, ден по ден си проаѓа и првиов месец сè е добро, но некако не е. Слушаме вести дека во Кина има нов вирус, од лилјаците, кој ги напаѓа белите дробови, кој е опасен, смртоносен, можна е пандемија... ама ние сме далеку од Кина, нели? Муабети во стилот: „Е, како да не, нема вирус, секоја година сè нешто се појавува“, шеги, видеа за вирусот...

И ние продолжуваме да си тераме по старо, сè до моментот кога веќе вирусот доаѓа и во Европа.

Чекајте малку, ова навистина не е шега. Зема замав и прави пустош, не бира ни време ни место. Сите испаничени, потресени, по сите медиуми и портали се зборува само за тоа.

Нè учат и советуваат како да миеме раце, како да се заштитиме, како да одржуваме растојание, како да дишеме, да кашламе. Маски, ракавици и гелови за дезинфекција се задолжителни. Јавен превоз да не се користи, училиштата и градинките се затворени, кафетерии, ресторани, молови - затворени. Прогласуваат вонредна состојба, полициски час.

Не! Не! Не! Како? Кога? Зошто?

До пред малку, сè беше во ред.  Во еден миг, сè се смени за 360 степени. Нè опамети. Животот почна да има друг тек. Да забавува.

Економска криза низ цел свет, луѓе останаа без работа, им намалија плати, бизнисите пропаднаа. Започнаа веднаш теории на заговор, од типот дека овој вирус е намерно пуштен за да се намали старото население, полемиката околу 5G мрежата, ги вмешаа и имигрантите, имало и политичка позадина и што уште не.

Кој треба и не треба се правеше експерт и даваше свое мислење и став за тоа како сè ова е „гола вода“, не постои вирусов, па сè до тој степен дека ова е крај на светот и природата ни враќа.

Можеби и ни враќа, не велам не. Можеби ни враќа за секојпат кога бевме нелуѓе и ја загадувавме, за секојпат кога бевме некултурни и безобразни и не ја сфаќавме нејзината вредност, за секојпат кога ја гушевме без престан. Редно време беше да продиши и природата заедно со планетата Земја. Можеби не на овој начин, но ете, ние луѓето некогаш мораме да учиме на најтешкиот начин.

И додека возрасните се плашеа дека ова ќе резултира со тешка сиромаштија, ќе немаат како да си ги платат кредитите, мораа да направат големи залихи на основните намирници за не дај Боже, младите, на почетокот на ова гледаа како добитна комбинација.

Ќе седиме дома, ќе спиеме, ќе гледаме филмови, серии, ќе се снимаме за социјалните мрежи, но не излезе баш така. Поголемиот дел од нив сфатија дека немаат ниедно хоби и дека ќе полудат дома. Но, сè е за доброто на сите.

И така, седејќи дома и слушајќи речиси три месеци по ред за едно исто нешто, за нашиот невидлив непријател, почнуваш да се запрашуваш дали пред КОВИД-19 сè беше некако поубаво, или не?

Што знам. Сите некако бевме во брзање. Сакавме да бидеме пред времето. Брзавме за на работа, брзавме да купиме за јадење, брзавме да отидеме на кафе, брзавме да го фатиме семафорот на зелено, брзавме да пораснеме.

Животот ни беше една обична рутина. Сè се знаеше однапред. Во која кафетерија ќе се пие кафе, која слика ќе се стави на Инстаграм, каде ќе се оди за Велигден, каде ќе се прави скара за 1-ви мај, каде ќе се собереме да пиеме, каде на летување...

Еј, еј , еј... малку полека - сета таа рутина падна во вода откако војуваме со вирусот. Можеби е време да забавиме малку. Да посветиме повеќе време на самите себе, да најдеме хоби, да пишуваме, читаме, да посветиме повеќе време на семејството, да видиме што навистина сакаме. Да седиме во двор и да уживаме во звукот на врапчињата, на бубачките. Да нè опие мирисот на дрвцата. Пролет е.

Кафето да го испиеме полека, со мерак. Сами со своите мисли или со блиските. Вирусов ќе помине, знам, сè поминало. Битката ќе ја добиеме, иако некои, за жал, ја изгубија.

Можеби нема сè да биде исто како порано, но сега останува само едно - да извлечеме една голема лекција од целата ситуација. Никогаш повеќе да не брзаме кон иднината. Да не се мачиме да ја дознаеме однапред. Ќе дојде и таа.

Со нас е сегашноста. Ти си во сегашноста. Сите ние сме во сегашноста. Фати ја цврсто за рака и уживај со неа. Танцувај со неа. Смеј се со неа. Плачи со неа. Пеј со неа. Бидејќи само таа реално постои. А, сите ние твориме и живееме во неа.

Цени го секој момент од денот, месецот, годината. Не наоѓај изговори за да не се видиш со некој пријател, не наоѓај изговори да не се преселиш со момчето, не наоѓај изговори за сè.

Одлуките донесувај ги врз основа на тоа дали ТЕБЕ ќе те направат среќен. Бидејќи среќата се шири. Научи да си среќен и да не брзаш никаде.

Сè што треба ќе си дојде кога му е време. А, дали на вирусот му беше сега време, ќе видиме...

Автор: Winter Fairy

Доколку сакате да ни раскажете некој сегмент од вашето секојдневие, да споделите животен предизвик или радост, пишете ни тука!

Би можело да ве интересира:

Исповед на млада скопјанка: „Другарките ме заменија со нова девојка со 1.000 следбеници на Инстаграм... Jас лежерно во домашна атмосфера, отварам Инста и вечерно стори од нив три,...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg