Вие прашувате, психолог одговара: „Откако ме дијагностицираа со мултипла склероза, сопругата ме остави“

На прашањата од нашите читатели одговара лиценциран психолог/терапевт.

vie-prashuvate-psiholog-odgovara-otkako-me-dijagnosticiraa-so-multipla-skleroza-soprugata-me-ostavi-kako-da-ne-mislam-na-minatoto-01.jpg

Прашањата за психолозите може да ни ги испраќате на нашиот мејл Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите. – истите треба да бидат концизни и со кирилична поддршка.

Прашање од читател:

„Имам 40 години и боледувам од мултипла склероза. Бев претходно среќно оженет и имам дете, a откога ми ја открија болеста сопругата се разведе од мене – болеста почна да ми го влошува организмот.

Моето прашање е - како да прекинам да размислувам за мојот минат живот?“

Одговор од психолог Ана Тодоровска:

Ви благодарам за поставеното прашање и за довербата да ви одговорам.

Во животот ќе се соочиме со најразлични ситуации и состојби кои ќе го променат текот на нашето секојдневно функционирање и многу често нема да сме подготвени за промените, особено доколку се вон наша контрола.

Сепак, тоа не значи дека не можеме да имаме квалитетен живот – човекот е суштество кое го карактеризира способноста за адаптација кон различни животни услови.

Вие се соочувате со комплексна состојба која носи и донела големи промени, а од вашиот допис разбирам дека, од една страна, размислувате за чувството на исполнетост пред да ја откриете појавата на мултипла склероза, а од друга страна, имате мотивација и желба да го зголемите квалитетот на живеењето со оваа промена и да живеете присутно во сегашноста.

Би ги препорачала следните чекори:

1. Најнапред, дајте си простор за прифаќање на промените и обработка на сите емоции кои се јавуваат – дозволете си да ги почувствувате сите нијанси на ова искуство, сосема е природно да се појави чувство на тага поради загуба и жалење поради значајни промени.

Низ овој процес не мора да патувате сами – разговарајте со лице кое го чувствувате блиско и во кое имате доверба, и/или побарајте поддршка од психолог/психотерапевт.

2. Користете дневник како алатка за справување со промени – водењето дневник е корисно за менталното здравје, особено кога се соочуваме со повторувачки мисли.

Препорачувам да ги забележувате вашите мисли и чувства во формат кој ви одговара – со пишување, цртање, аудио или видео снимка, со што ќе можете да го следите сопствениот процес низ текот на времето, а истовремено полесно да ги обработите состојбите низ кои минувате.

3. Трансформирајте ги сопствените негативни мисли за сегашноста и дајте им нов контекст: на пример, ако се јавува мисла „Порано бев посреќен“, обидете се да ѝ дадете нова форма, на пример „Благодарен сум за искуствата во минатото, но сега наоѓам нови начини да бидам среќен“.

4. Воведете активности кои ќе ви помогнат да бидете присутни во сегашниот момент – на оваа тема ви ја препорачувам литературата на Екарт Тол, чии книги се достапни на македонски јазик.

Можете да се обидете со практики на свесно дишење, свесно движење и вежби, водена фантазија, креативна визуализација, специјализирани апликации кои ќе ве потсетуваат на свесни практики и слично.

5. Воведете нови дневни рутини прилагодени на вашата состојба и обидете се да поставите нови цели. Од оваа точка во која се наоѓате во моментот, во која насока би сакале да тргнете?

Земајќи ја предвид моменталната состојба, на кој начин би сакале да ги минувате деновите? Со кои мали навики и активности може да го збогатите секојдневието?

Откријте и истражете нови интереси и активности во кои би можеле да уживате. Дајте си една главна задача на денот.

6. Поврзете се. Особено денес, со помош на интернетот, имаме пристап до најразлични заедници. Поврзете се со групи и лица кои се соочуваат со иста или слична состојба, или групи со кои споделувате заеднички интереси.

Организирајте и учествувајте во заеднички онлајн или активности во живо – споделете го вашето искуство и направете размена на практики.

Доколку не постои таква група или заедница во вашето опкружување, ова е добра прилика да ја започнете. Групата е моќен ресурс за поддршка.

Најважно од сè, имајте трпение со себе. Силно ви препорачувам во овој процес да побарате психолошка поддршка, во индивидуален или групен контекст.

Побарајте бесплатна консултација или закажете сесија со Ана Тодоровска, дипл. психолог ТУКА.

Разговарајте со лиценциран психолог и надминете ги предизвиците.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

фото: приватна архива / depositphotos.com

Би можело да ве интересира:

Чело, грб, рамена: Зошто се појавуваат акни на разни делови од телото? Генерално, акните се појавуваат поради претерано лачење масти, но можат да се по...
Како да се справите со вошките и што треба да знаете пред да почнете да го чистите детето? На гнидите им требаат од 5 до 10 дена за да се развијат во мали вошки, на кои па...
Кои промени на стапалата и ноктите можат да бидат знак за некаков проблем со здравјето? Ако имате многу сува кожа којашто се лупи, и покрај добрата нега на стапалата, м...
Вие прашувате, психолог одговара: „Страв ми е да летам со авион, мислам дека ќе добијам паничен напа... На прашањата од нашите читатели одговара лиценциран психолог/терапевт. На пра...
Вие прашувате, психолог одговара: „Како да разговарам со ќерката која е во пубертет за дрога, секс и... На прашањата од нашите читатели одговара лиценциран психолог/терапевт. На пра...
Како да реагирате доколку наидете на лице со деменција кое е изгубено? Не ја оставајте личноста сама и кога разговарате со неа, зборувајте јасно и со к...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg