Лондон 2012 – отворање на Игрите во 21:12

london-2012-otvoranje-na-igrite-vo-2112-01

Свеченото отворање на 30-те Летни олимписки игри (ЛОИ) ќе започне во петок, симболично во 20:12 часот по британско време (21:12 по македонско време).

Церемонијата на свеченото отворање, која ќе се случи на новоизградениот Олимписки стадион во источен Лондон, е наречена „Остров на чудата“, а ќе ја следат 62.000 гледачи.

Целата церемонија на отворањето на ЛОИ, која првобитно беше предвидено да трае 210 минути, организаторот ја скрати за половина час, со цел многубројните гледачи да можат да си заминат дома со јавниот превоз.

Церемонијата на отворањето е во режија на Дени Бојл, а чини 36 милиони евра. ЛОИ ќе се одржат на спортските терени во Олимпиското село и во Лондон, како и на одредени места надвор од градот, а на нив ќе учествуваат 10.500 спортисти од 204 земји во светот.

Според програмата на Игрите предвидени се натпревари во 26 олимписки спортови, во целокупната организација на 30-те ЛОИ се вложени 11,6 милијарди евра.

Факелот, со кој ќе биде запален олимпискиот оган и ќе биде означен почетокот на Игрите, на патот од древната Олимпија до стадионот во Стратфорд мина 12.875 километри.

За безбедноста на Игрите ќе се грижат 20.000 луѓе, од кои 16.000 се професионални војници, за безбедноста на спортистите ќе се грижат и 3.000 волонтери како и лондонската полиција.

Домаќинот на ЛОИ, Велика Британија, со голем оптимизам го очекува почетокот на натпреварувањата, со надеж дека ќе освои најголем број на медали во својата олимписка историја.

Пред четири години во Пекинг, спортистите од Велика Британија освоија 47 медали, од кои 19 беа златни. Поради тоа Олимпискиот комитет на Велика Британија наведе дека целта е да се освојат најмалку 48 медали.

Британскиот тим на Игрите ќе биде претставен од 542 спортисти, што е најголем број на натпреварувачи со кои Велика Британија настапила на едни ОИ.

Лондон е единствениот град во олимписката историја кој по трет пат е домаќин на ОИ, претходно англиската престолнина била домаќин во 1908 и 1948 година.

Лондон домаќинството го доби на 6.јули 2005 година, за време на 117-та седница на Меѓународниот олимписки одбор во Сингапур, победувајќи во конкуренција на Москва, Париз, Мадрид и Њујорк.

Игрите кои ќе траат од 27. јули до 12. август, се во заедничка организација на Олимпискиот комитет на Велика Британија и Меѓународниот олимписки комитет.

На церемонијата на свеченото отворање се очекува да присуствуваат 120 шефови на држави и влади, меѓу нив ќе биде и македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов.

Македонија во Лондон ќе ја претставуваат четворица спортисти – атлетичарите Христијан Ефремов и Христина Ристевска, како и пливачите Симона Маринова и Марко Блажевски кој на отворањето ќе го носи државното знаме.

27.07.2012 (Макфакс)

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg
Не е страшно да се умре со неисполнети соништа, страшно е да не се сонува... Не е срамно да не се достигнат ѕвездите, срамно е да се нема ѕвезди за достигнување.
Бенџамин Мејз (1894-1984)