Стефан Маневски живее во Стразбур: „Велосипед е основно превозно средство, рестораните работат само во одредени периоди од денот“

„Живеењето во Стразбур веројатно не може да се замисли без велосипед како основно превозно средство. Градот е претворен во голема пешачка и велосипедска зона, а возилата се забранети скоро насекаде низ централниот дел на градот. Темпото на живот во градот е поспоро од големите метрополи, но сепак доволно динамично за да никогаш не е здодевно“, раскажува Стефан Маневски, кој работи во Советот на Европа, за CRNOBELO.com.

stefan manevski od sovet na evropa govorot na omraza e fenomen koj jasno gi pokazuva netrpelivostite i predrasudite na edno opstestvo 13

Стефан Маневски од Куманово, еден од основачите на здружението Центар за интеркултурен дијалог (ЦИД), денес живее и работи во Стразбур во одделот за борбата против говор на омраза во Советот на Европа.

Во продолжение Стефан ни раскажува за неговото професионално искуство, но и за тоа по што е посебен Стразбур и како да се живее во него.

Стефан ги исполнува своите искуства:

Стефан од 2017 година живееш и работиш во Стразбур, а претходно со години беше посветен на здружението Центар за интеркултурен дијалог (ЦИД) во Куманово на кој си еден и од основачите. Која беше причината својата кариера да ја продолжиш надвор од границите на Македонија?

Благодарам за поканата, ретко имам ваква можност да разговарам со македонски медиум. Мојата преселба во Франција дојде поради работното место во Советот на Европа.

Уште со моите почетоци во ЦИД се фокусирав на работа со млади како младински работник и преку неформално образование. Една од клучните обуки кои ги добив во тој период, што ми помогна да работам професионално како обучувач за млади беше токму од Советот на Европа и Европската Унија.

Кога го отворија конкурсот многу пријатели ме поддржаа да се пријавам и на крај, после неколку тестови и интервјуа, добив понуда за работа. Вакви работни позиции има само три, од кои само една во Стразбур, така што без размислување се одлучив да ја прифатам оваа можност.

Со тоа станав вториот Македонец кој работел како образовен советник во Европските младински центри, што говори многу за одличниот квалитет на работа на младинските организации кај нас, овозможувајќи добра подготовка на младите да се носат со одговорни и комплексни задачи насекаде низ светот.

Претходно живеев кратко во Брисел и во Грција, па преселбите не ми претставуваат проблем. Првпат го посетив Стразбур на младинска размена кога имав 16 години, но никогаш не помислував дека многу години подоцна овој град ќе стане мојот дом и место каде се чувствувам најпријатно и удобно.

stefan manevski od sovet na evropa govorot na omraza e fenomen koj jasno gi pokazuva netrpelivostite i predrasudite na edno opstestvo 1

Работеше во Европскиот младински центар на Советот на Европа. Со какви предизвици и искуства се соочи во овој период од животот?

На 17 години за првпат учествував на младински семинар во Европскиот младински центар во Стразбур. Овој центар е отворен пред повеќе од 50 години со цел да овозможи на младите да учат за човековите права, да разменат искуства и да придонесат со своите идеи за создавање на континент во кој ќе се почитуваат правата и демократијата.

Како образовен советник имав можност да работам со различни групи на млади на најразлични теми како на пример социјална вклученост и недискриминација за малцинства, пристап до права за младите, права на лица со попреченост, вклученост на млади Роми во општеството, родова еднаквост и права на ЛГБТИ лица, соработка со Арапските држави и образование за новите интернет технологии кои користат алгоритми.

Овие проекти ми овозможија да стекнам многу ново знаење, да работам со различни владини и невладини структури, и секако да создадам палета на контакти и пријателства од сите европски држави, па и пошироко.

stefan manevski od sovet na evropa govorot na omraza e fenomen koj jasno gi pokazuva netrpelivostite i predrasudite na edno opstestvo 6

Твојата кариера ја продолжи во одделот за борба против говор на омраза. Колку говорот на омраза е застапен на социјалните мрежи и кои се најуспешните методи за справување со омразата?

За жал, социјалните медиуми овозможуваат на многу луѓе под превезот на анонимност да објавуваат, споделуваат и создаваат содржини кои никогаш не би ги кажале директно, бидејќи и самите знаат дека тие содржини се дискриминаторски, навредливи и со зли намери.

Говорот на омраза е феномен кој јасно ги покажува нетрпеливостите и предрасудите во едно општество, а честопати се користи со одредена намера да се наштети на некој.

Најчесто жртви на говор на омраза се малцинствата, ЛГБТИ лицата, Ромите, лицата со попреченост, мигрантите и бегалците, жените многу понагласено од мажите. Овие лица се соочуваат со многу предизвици да живеат достоинствено и најчесто се жртви на секојдневни предрасуди, а говорот на омраза поттикнува уште повеќе вакви инциденти, навреди и омаловажувања.

Советот на Европа има развиено сет на препораки за справување со говорот на омраза, и истите се достапни на македонски јазик на мрежното место на Програмската канцеларија на организацијата во Скопје.

Но, на страна од овие препораки, наједноставно нешто што би можеле да го направиме е да размислиме пред нешто да споделиме или напишеме, дали тоа се потврдени информации, со која цел тие содржини се креирани и дали истите омаловажуваат некоја група на луѓе. Едноставно речено, дали ако некој го каже истото нешто за вас, вие би се чувствувале убаво.

stefan manevski od sovet na evropa govorot na omraza e fenomen koj jasno gi pokazuva netrpelivostite i predrasudite na edno opstestvo 4

Зошто е важно една млада личност дел од своето време да посвети на неформално образование и да стекне што е можно повеќе искуство на различни теми?

Неформалното образование е ефикасно за градење на т.н. меки вештини како на пример, комуникациски вештини, активно слушање, креативност, решавање на проблеми, но и вредности како што се почитување на разноликоста и прифаќање на различни идеи и погледи на светот, промоција на достоинство и еднаквост, активно учество, солидарност и придонес за заедницата.

Преку овие искуства, но и преку патувања, волонтирање и истражување на светот, секоја млада личност може да си го најде својот интерес и да изгради независен и здрав карактер. Преку ваквите искуства учиме да станеме самокритични и да се унапредуваме преку целиот живот, да развиеме апетит за напредок и нови искуства и да се откриеме самите себеси и границите на нашиот потенцијал.

Не мора секоја млада личност да учествува на активности од неформално образование, ниту пак да патува во странство доколку не сака, истите ефекти може да ги добие преку активно учество во својата локална заедница, волонтирање во различни клубови и организации, предлагање и организирање на настани и запознавање на најразлични луѓе надвор од средината во која сте растеле.

stefan manevski od sovet na evropa govorot na omraza e fenomen koj jasno gi pokazuva netrpelivostite i predrasudite na edno opstestvo 9

Сега може да поразговараме малку и за Стразбур. Освен погледот на готската катедрала, извртените улички на стариот град, таверните во најпознатиот дел од градот Мала Франција и ЕУ квартот што е она што Стразбур го прави посебен?

Стразбур е мал град со многу историја и симбол на помирувањето помеѓу Франција и Германија, што му го дало епитетот главен град на Европа. Иако е како половина Скопје по број на жители, градот изобилува со знаменитости и настани, меѓу кои најпопуларен е неговиот божиќен пазар.

За Божиќ градот го посетуваат повеќе од два милиони туристи.

Посебноста на Стразбур е во неговата разноликост, и тоа во секоја смисла на зборот – архитектонска, историска, културна, јазична, гастрономска, забавна, спортска, природна итн. Сите овие навидум спротивставености во Стразбур живеат во хармонија и се надополнуваат на еден навистина уникатен начин.

На улиците може да се чуе францускиот, германскиот, алзашкиот, англискиот, шпанскиот, арапскиот, турскиот јазик и многу често во рамки на истото друштво за време на вечера се зборува на повеќе различни јазици. Стразбур е и студентски град, познат по својот универзитет од кој излегле лауреати на Нобеловата награда.

Градот нуди многу можности за забава, концерти, клубови, но и активности за дружење, како на пример играње на друштвени игри и планинарење по Вогезите.

stefan manevski od sovet na evropa govorot na omraza e fenomen koj jasno gi pokazuva netrpelivostite i predrasudite na edno opstestvo 8

Продолжува на следната страница...



Би можело да ве интересира:

Стефан Савевски за патувањето во Јордан: „Ја посетив Петра 4 пати, за Македонците треба виза, а лока... „Невозможно е да пропаднеш во водата на Мртвото Море дури и да вложиш напор, сам...
Марија Стамболиќ за патувањето во Јапонија: „Мажи во костуми на полноќ играат Покемон и пијат виски ... „Во Јапонија не беше културно да се зборува во метро и исто така телефоните мора...
Ивана Угриновска за патувањето во Тајланд: „Сама возев мотор низ џунгла во 3 наутро“ „Секој сака да ужива во луксузни хотели, но јас сакам да искусам многу повеќе од...
Милош Боев: „Работам во Нигерија како инженер - полиција со оружје ме чува 24/7, едвај се навикнав“ „И одењето во ноќен клуб е со режим за безбедност. Ми приоѓаа луѓе кои сакаат за...
Битолчанката Дивна 13 години работи на брод: „Од аниматор за деца стигнав до директор на одделот, Ма... „Со оглед дека во Македонија беше тешко да се добие работна позиција по завршува...
Владимир од Скопје патува низ светот: „Скокав од авион во Дубаи, најевтино е во Јордан, а најскапо в... За CRNOBELO.com, Владимир од Скопје вели дека најдобра храна вкусил во Мексико, ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg