На одмор со Виктор Апостоловски: „Бевме ‘пензионерски’ во Неа Рода на третиот крак, на 20m од плажа - кафе имаше за 1 евро“
Исто, за разлика од претходните години, кога баравме да сме што поблиску до случувањата, оваа година одбравме да сме малку понастрана од центарот, а да останеме блиску до плажа.
Па така си букиравме едно апартманче кое беше идеално за со дете.

Мирно место, поглед кон морето, десно имаш планинче и црквиче на карпи, лево имаш плажа на 20 метри - за мерак!
Шеталиштето беше на некои 5-10 минути пешки, па така сè ни беше на идеална далечина. Да можеме и да прошетаме и Адам раат да спие.

Реално, ако правиме муабет за одмор-одмор, тогаш би било најубаво да не мора ништо да се прави, арно ама, тоа не значи дека кај што ќе одиш ќе ти ги погодат оброците.
Мене ми е сеедно во однос на храната, ама Милена си има поспецифичен вкус, што значи најчесто или Виктор врши достава или Милена ќе бендиса некој ресторан и таму ќе се јаде секој ден!

Како и да е, обично избегнуваме да подготвуваме храна кога сме на одмор, ама годинава сакале-нејќеле, мораше да се спрема храна за младиот господин.
А бидејќи знаеше да заспие прилично рано, се случуваше да си направиме по некое сендвиче или да си купиме гиро и така да се храниме.

До лани ги посетувавме сите најубави плажи во местата каде што одевме. Оваа година си се оптегнавме на нашето плажиче и си изуживавме без малтретирање.
Го носевме Адам во кенгурчето, ранец за нас, ранец за него, чадор, шатор, столче за господинот, јадење, пиење, чуууда.
Среќа што не сакаме лежалки и немавме гуми за пливање, но од година, здравје и тоа ќе се влечка по плажи.
