На одмор со Виктор Апостоловски: „Бевме ‘пензионерски’ во Неа Рода на третиот крак, на 20m од плажа - кафе имаше за 1 евро“
Неа Рода е одлично место за одмор со дете! Пензионерско скроз! Има шеталиште, ресторанчиња и бич барови, ама не се многу, нема гужви (барем во јуни) и е одлично за фамилијарен одмор!
Морето е топ, чисто и температурата е тамам! Плажите се празни, нема гужви и има простор да си се постелиш.
Не знам како е среде сезона, ама кога бевме ние беше топ!

За лежалките не знам какви беа цените, ние си бевме со шатор, а и не сум голем фан на лежалки секако. Господ дал златен песок, топол, убав, јас ќе седам на некоја лежалка прецвикана.
Гирото беше 4 и пол до 5 евра, кафе почнуваше од 1 евро нагоре, а таверните беа стандард како и претходните години.
Јас лично не приметив некоја голема разлика ценовно, дури можам да речам дека годинава, поради раното заспивање на Адам, си поминавме и доста поевтино, бидејќи не можевме да одиме на вечера секоја вечер (ха, ха).

Искрено очекував дека ќе биде мнооогу понапорно летувањето со бебе, арно ама, испадна дека одмор со ‘беблак’ е топ!
Само треба добро подготвување и размислување однапред, ако имаш сè шtо ти треба, многу е полесно.

На пример, си носевме наше креветче за Адам, ќе го ставиш внатре и можеш да си спремаш што ти треба раат, знаеш дека е на сигурно.
Исто така, шаторот е златна работа - си има УВ заштита, затворен е, може детето да си седи, да си игра, да нана, да јаде, кога ќе заспие можеш да ја затвориш само мрежата против комарци и да си се капите двајцата раат и да можете да го гледате, да го пазите. Значи ако ти е сè спремно, ептен е лабаво.

Инаку деновите обично ни почнуваа со нашиот природен аларм - Адам.
Ќе почнеше накај 6-7 сабајле ‘Та та та та та та’ и тука еден станува спрема јадење, друг чантите, ќе се накрка господинот и директ на плажа!

Таму бевме докај 10-11, потоа се враќавме назад, Адамче крка пак и удира трета дремка (обично подолга), ние си ручавме, потоа ќе станеше малиот ќе си се гушкавме, па ќе стоевме на тераса и ќе гледаше сè што поминува, од пеперутки, до птици, луѓе, коли, и со сè беше пресреќен.
Подоцна се спремавме и пак на плажа! Таму Адамче обавезно удираше дремка за мама и тато малку да уживаат заедно, па после, кога ќе се разбудеше си се ‘шлапнуваше’ тој во морето, си се шетавме по плажата и уживавме“.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело