Роби, Сашо и Кети за камперските авантури: „Кампување на диво е рај, Ситонија е магична - инвестиравме во кампери“
- Детали
- недела, 05 јули 2026
„Истражувам доста пред да се упатам во некој камп. Гледам да е мал и да има локации за приватност и да има правила за однесување што се однесува на буката и мирот“, вели Роберт од Куманово за CRNOBELO.com, кој кампува веќе 6 години, а со Кети и Сашо ја создале страницата „КамперистикаМКД“ и велат дека кампувањето е заразно.

Роби и Сашо од Куманово и Кети од Скопје за себе велат дека се вљубеници во природата и камперскиот начин на одмор.
Овие фамилијарни луѓе ја водат Фејсбук страницата – „КамперистикаМКД“.
Тие велат:
„Со камперски возила кампуваме веќе околу 4 години и секој од нас има своја приказна за своите почетоци. Сите тројца се дружиме веќе трета година и се запознавме на камперски спонтани дружби.
Пред можеби месец дена на една таква решивме како на шега, ај да направиме страница и да си ги објавуваме дружбите.
Ја крстивме „КамперистикаМКД“ и си почнавме со објави од минати дружби и места кои секој од нас, дали заедно или сам, ги посетил. Се надевавме дека можеби ќе има истомисленици да ни се придружат.
И денес, од таа шега излезе обврска за 10.000 следачи. Па, да тргнеме по ред со нашите почетоци во кампирањето“.
Секој од нив ја споделува својата приказна за CRNOBELO.com:
Кети
„Почетоците ни беа со шатор, па подоцна комбе-кампер олдтајмерче, модел Мазда Е-серија 2200, кое го средивме со сите нишани за кампирање.

Идејата ја добивме од Радован Ковач и емисијата „Изазови авантуру“. Тој кампираше со Т3 и некако ни се допадна таквиот начин на одмор.

Највеќе што ми се допаѓа кај кампирањето е слободата – не сме врзани на едно место и сме поблиску до природата.
Не сакаме гужви и секогаш се трудиме да најдеме мирни места, дали се работи за диви локации или организирани камп-места.

Почетоците со шатор ни беа поголем предизвик, бидејќи немаш простор за садови, а сега веќе е полесно затоа што сè си носиме со нас.
Комплетно сме опремени за сите предизвици и годишни времиња.

Надвор од Македонија имаме кампирано низ Албанија и Грција и носиме само позитивни впечатоци.
Во Македонија ги имаме посетено најпознатите излетнички места, а сега истражуваме и помалку познати и недопрени локации.

Целта ни е убава дружба, нови познанства со истомисленици и затоа повикуваме на дружење од ваков тип. Инаку, кога ќе почнеш со кампирање, веќе не можеш да влезеш во хотел.


Сега спремаме поголем кампер, „Пежо Боксер“. Сите услови ги имаме во него.
Лесно се мести, само се паркираш, нивелираш, пушташ тенда и уживаш. Од овие дружби се изродија и многу убави пријателства што траат и ден денес“.

