Внукот на Владо Јаневски: „Се случи многу брзо, но секогаш имаше време за нас, а за него ми се јавија 50 девојки откако почина“
- Детали
- четврток, 02 јули 2026
„Неговиот ден се сведуваше на пишување текст, здрава исхрана и добар тренинг. Тој си уживаше секој ден на свој начин. Се дистанцираше од сите и живееше како сакаше, без стрес од фамилија, жени, деца. Во младоста ми велеше: 'Не се нервирај за девојки, чувај нерви за жена', сега сум среќно оженет и имам дете, тоа ми е најдобар совет од него“ - вели Дејан Стојановиќ, внук на Владо Јаневски.

Нашиот најголем романтичар на естрадата, Владо Јаневски, на 28.06.2026, почина на 65-годишна возраст по кратко боледување.
Неговите колеги, пријатели и обожаватели останаа во неверување по веста дека повеќе го нема, а дури и неговото семејство, иако знаеле за неговата болест.
Еден ден пред неговото испраќање во вечното почивалиште, на платото пред Арената „Борис Трајковски“, се собра толпа народ која со солзи, но и со неговите песни во позадина, се простија од омилениот пејач.

Таму беше и внукот на Владо, Дејан Стојановиќ, кој даде изјава за подкастот на Кристијан Ландов, „Претрес“.
Во разговорот тој открива каков човек бил неговиот вујко, споделува приватни моменти и работи кои досега не сме ги знаеле за „чаирскиот романтичар“, како што многумина го нарекуваа.

Дејан Стојановиќ, внук на Владо Јаневски:
„Сè се случи многу брзо, и нас како фамилија, не нè фати на препад, но беше многу брзо. Мислевме дека е обична болка, но испадна дека е тоа што е.
Владо како приватен, имаше школка од надворешниот свет. Ние го знаевме како многу дарежлив, фамилијарен човек, но беше дистанциран во неговиот свет.
Никогаш не го доживував како пејач, кога ќе ми кажеа вујко ти што песна напишал, за мене бил вујко и сум го гледал поинаку.
Но има ете една песна што ме допира, од неговите први албуми – „Зборови“ мислам дека се вика. Таму се спомнуваат многу километри, што тој можеби ги имал со некоја сакана личност од Скопје, заради тоа што ми раскажувал, затоа ми се допаѓала.

Тој си уживаше секој ден на свој начин, може така да кажеме. Се дистанцираше од сите и живееше како сакаше, без стрес од фамилија, жени, деца, гледаше ништо да не може да го допре и затоа се дистанцираше за да има долготраен живот без стрес, но ете се случи што се случи.
Го изгубивме и нас ни се јавија од болница, не можам да споделам повеќе заради приватност, се случи брзо, очекувавме, но можеби и се надевавме потајно, човечки е да се надеваш дека тоа ќе помине добро.
Колку и да беше егоцентричен и ајде на скопски, „пун со себе“, секогаш имаше време за фамилијата, нè почитуваше, нè сакаше, иако во последно време немавме толку контакт, ковидот сите нè раздели.
Неколку години му бев и менаџер, одевме заедно на концерти, но семејството му беше една страна.
Еве ќе споделам искрено, последниот ден јас добив повици од 50 различни девојки за Владо, што на индиректен начин некако бил поврзан со нив, па ми ги враќаа филмовите, од каде ме знаат од порано.
