Ѓорѓи (26) од Кавадарци работи на Универзитет за медицина во Берлин: „Се преселив пред 4 години, ми пречи нехигиената во градот“
Градот е познат како интернационален, со луѓе од цел свет... Запозна ли локалци, Германци? И ако да - дали се навистина толку студени како што мислиме?
Каде и да тргнете, каде и да одете низ Берлин мислам дека повеќе би слушнале странски јазици, а германски јазик многу ретко.
Тоа не значи дека во градот нема Германци или дека се иселени, популацијата на Берлин во 2025 беше 3,9 милиони жители со повеќе од 190 различни нации (туристите не влегуваат во оваа бројка).
Едноставно градов е преплавен од туристи и луѓе како јас кои емигрирале. Доста е застапен англискиот јазик, дури и на настани на кои сум фотографирал, тие се воделе на два јазика.
Имам Германци колеги и пријатели исто. Со некои се среќавам секојдневно, со некои повремено и би рекол дека е многу битен пристапот до нив.

Во суштина и најчесто се многу љубезни, драги и фини, секогаш има некаква шега и баш се опуштени.
Тие изгледаат студено поради тоа што некако самите се дистанцираат и изолираат, не ги интересира што прават другите или што мислат другите за нив, и мислам дека не постои веќе толку многу големо студенило во нив.
Имам доста често контакти со Германци поради тоа што работам во Универзитетска клиника, па секојдневно телефонирам и разговарам со луѓе кои не ги познавам, секојдневно се случува пензионери кои тешко се снаоѓаат во болницата да ме застанат и прашаат нешто, во маркети, аптеки, институции и администрација секаде се насмеани, ведри, смирени и пристојни.
Сепак ова се мои искуства овде, не мора да значи дека кај сите е така.

Со кого се дружиш таму? Има ли дружење како кај нас, пријатели со кои можеш во секое време да излезеш на кафе, на ручек?
Мојата дружба овде можам да кажам дека ми е доста квалитетна, но не толку многу честа. Ретка и квалитетна.
Знам дека голем дел од луѓето мислат дека тоа е поради животот овде и дека немам време, но не е точно.
Јас тоа време го инвестирам во себе и други активности кои подоцна ми придонесуваат да се градам како личност, да градам кариера по пат на едукација, работилници, патувања и релаксација.
Моите пријатели често знаат да ми замерат за тоа што ме нема многу, но некако се надополнува и тоа со добра музика во некој паб.
Овде имам роднини кои не се многу голема разлика во возраста од мене, па тоа ми дозволува доколку немам прилика да сум во Македонија, барем овде со нив да поминам некој значаен празник, роденден, а и општо секојдневен ручек.
Со нив сум доста често кога сум слободен. Некогаш и заедно патуваме, дали до Македонија или некаде низ Германија - тие ми се верна дружина кои не ми замеруваат за ништо.
И неизмерно сум им благодарен што безбедно ме интегрираа во градот, кој знае во дадени ситуации да биде и опасна закана по развојот и животот.

Каква е локалната храна? Кој е најпознатиот специјалитет во тој дел од Германија?
Со тоа што градов е интернационален, има толку голем избор за храна, што некогаш и ми смета тој избор во носење на одлуката што сакаме да јадеме.
Во Берлин мислам дека најзастапена е уличната и брзата храна. Убедливо на прво место би бил донер кебап, па currywurst (тип на колбас) и бургери.
Берлин е познат по Imbiss culture, односно мали места каде јадеш брзо и евтино. Во овој град има преку 900+ локации на донер и просечно се продаваат околу 400.000 донери дневно или 60 тони месо.
Но, градот е и еден од најсилните европски градови за веганска храна. Има огромен број vegan cafés и ресторани. Поради имиграцијата има голем избор - турска, арапска, виетнамска, италјанска, индиска кујна.

Ти доаѓаат ли гости од Македонија? Каде ги шеташ? А кои ти се омилени места во градот?
Откога живеам овде, прв гостин ми беше брат ми. Добро се сеќавам тогаш уште живеев во станот кај мој братучед.
Беше чудно на мои 24 години да го добијам мојот прв гостин - брат ми.
Оваа година имав доста посети во нововселениот стан, прв гостин ми беше другар Бојан кој дојде со покана за свадба заедно со неговата сопруга.
Тој сега исто живее во Германија, но не во Берлин, а јас бев една од повеќето мотивции тој да се пресели овде.

Еден ден после него ми пристигна мојот прв другар Мартин, со кој се познавам од моите средношколски денови.
Во еден период беше мој соработник, ортак, а денес ми е само другар, патиштата така нè одведоа.
Прошетките на гостите зависи најмногу од самите нив, зависи тие за што се расположени и заинтересирани.
Некогаш голема улога играат и временските услови, па сме принудени да најдеме некоја алтернатива.
Главно ги водам на туристички места, знаменитостите на Берлин, а тоа се околу 7-8 локации.
Некои од нив се многу заинтересирани за музеите низ Берлин бидејќи има околу 170 музеи од кои 5 се светски познати.

Но, на пример, брат ми не го интересираат музеите колку што го интересираше ноќниот живот, а и општо журките и рејвовите во Берлин, па затоа велам зависи од гостите…
Јас сум човек кој го бара и сака мирот, тука имам мала борба со тоа во ваков голем, интернационален и динамичен град - да ја најдам тишината.
Но сепак постои и тоа, моментално не живеам во централен Берлин, живеам јужно каде што населбата е повеќе со куќи и вили, а најголем дел од населението е германско. Па според овие околности имам спокоен и топол дом.
Во лето кога излегувам често одам на некое езеро, Берлин располага со 13 езера, но сè уште не ги имам посетено сите.
Најпосетувано ми е езерото Шлахтензе, секое лето минимум петпати одам таму, а во зима за релаксација ги посетувам Tropical Islands Berlin, место за уживање.
Ноќниот живот не е исклучен од мојот живот тука, се наоѓа време и прилики исто и за тоа.
