Зборовите на Владо Јаневски за најемотивната песна: „Не ми е јасно зошто ја напишав 'Полско цвеќе' за Тоше, на млад дечко за смрт“
- Детали
- вторник, 30 јуни 2026
„Не ми е јасно што ми текна на дечко од 25 години да му напишам песна за смрт. Но Тоше дојде и ми рече: ‘Имам мелодија, сакам да ми напишеш текст, нешто драмско, епско, длабоко’. И мене така ми текна, за млад човек, да напишам 'па ако не ме сака нека ме земе црна земја'. Тој не претчувствувал ништо“ - потсетување на зборовите на Владо Јаневски за најемотивната песна.

Владо Јаневски на 28.06.2026 почина на 65-годишна возраст по кратко боледување, а зад себе остави огромно музичко наследство, кое никогаш нема да биде заборавено.

Многумина уште не можат да поверуваат дека повеќе го нема најголемиот романтичар на македонската естрада, кој освен што ги има отпеано некои од најубавите песни, има и напишано многу емотивни и длабоки текстови.
Еден од нив е текстот за песната „Полско цвеќе“, што ја отпеа Тоше Проески, а за која имаше многу дискусии по неговата трагична смрт на 26-годишна возраст, заради стиховите кои заледуваа крв:
Полско цвеќе млад нека ме покрие
Душа нек ми љубат облаци, кога неќеш ти
Камо среќа да ми згаснат очиве
Ако врз тебе се послани туѓи бакнежи.

Погледнете видео од нивна заедничка изведба на песната во 2006 година:
Во една прилика, пред неколку години, во гостување во емисијата „Еден на еден“, Владо Јаневски зборуваше за инспирацијата за оваа песна.
Се потсетуваме на неговите зборови за текстот:
„Само не ми е јасно и ден денеска што ми текна и зошто „Полско цвеќе“ го напишав за Тоше. На дечко од 25 години да му напишеш песна за смрт, мене ми е необјасниво, ама мене така ми дојде.
И малце е тажно, кога ќе прочитам коментари на интернет. За млад човек можеш да напишеш многу теми, но он бараше драмски, бараше епско, драмско, длабоко.
Кога дојде, рече: Имам прва мелодија, сакам првиот текст ти да ми го напишеш. Цел живот те ценам... Ми се фаќа грлото, веќе емоција ми иде, кнедла имам во грло, и ми вика: Напиши, мелодијата ми е широка висока распеана од дно до плафон, дај ми емоција безвременска...

И мене највеќе што ми текна, за млад човек што треба да живее уште толку, дека он би умрел за љубов. Најголемата жртва, ако не ме сакаш па нека ме земе црна земја.
И јас со тој пристап, слушајќи го човекот што сака, ја напишав „Полско цвеќе“, каде што он посакува, ако не е она негова, па ако треба нека умрам, џабе живеам.
И после ќе прочитам, морбидно, ама на интернет пишуваат он мора да претчувствувал. Он не претчувствувал ништо, кој на 25-26 години претчувствува било што.

Ама луѓето понекогаш знаат да бидат површно злобни и мене ми е болно кога некој мисли дека дечко млад претчувствувал, затоа што го знаев човекот.
Пишувањето за други луѓе е исто захтевно како за себе, ама ја веќе немам толку репроматеријал“.
М. М. | Црнобело