Дечко од Скопје: „Во Охрид 2 големи пици, пиво и винце платив 1.170 денари, до езерото среде сезона - не фрлајте отров по охриѓани“
- Детали
- четврток, 07 август 2025
„И годинава традиционално се фрла отров по Охрид, нормално, се изначитавме безброј лаги, врвот беше она со наплаќањето салфетки или полнење телефон (од рубриката се нема случено – нели?), но јас бев таму и ситуацијата беше поинаква“, вели Мартин Јовановски од Скопје.

Мартин Јовановски од Скопје, работи како овластен сметководител, а ја има напишано и книгата „Зошто јас? Мојата борба со стравовите и паничните напади“, во која открива како успешно се има справено со паничните напади и неоснованите стравови.
Охрид му е омилена дестинација и неретко оди таму, а сега ги прокоментира цените таму, односно откри дека биле сосема нормални.
Тој порачува да не се фрла залудно со отровни цели по охридските угостители, кога сосема е нормално среде ек на сезона цените во овој туристички бисер да бидат повисоки од скопските.
Мартин на својот Фејсбук профил откри:
„2 големи пици, пиво и винце, пицерија во центар на Охрид, 20 метри од езеро во сред сезона - 1.170 ДЕНАРИ!
Значи, 1.170 ДЕНАРИ (на фискална, оданочени)!

И годинава традиционално се фрла отров по Охрид, нормално, се изначитавме безброј лаги, врвот беше она со наплаќањето салфетки или полнење телефон (од рубриката се нема случено – нели?)...

Само поради фактот што веруваме во злобни, измислени приказни од длабоко фрустрирани личности, правиме непроценлива штета по сопствениот туризам и домашната економија.
Омразата, особено изразена на социјалните мрежи е, во најмала рака „језива“.

Проблемот е во очекувањата. Не можеш да бараш на Илинден во Охрид, цените да се пониски од оние во Скопје. Едноставно не можеш.
И... ако си со просечни примања, едноставно не можеш да влегуваш во првиот ресторан што ќе го видиш, без да го ѕирнеш менито и цените.
Па, погледнете ги странските туристи само, сигурно не се глупави кога застануваат и прашуваат за цените во локалите по 3 пати.

Има места за сечиј џеб и затоа редно е да престанеме да се однесуваме како разгалени мрзи, очајни да изгледаат богато.
Постои само добар и лош човек, истото важи и за скопјани, и за охриѓани.

Охрид е магичен!
Охрид е полн љубов!

И е наш, македонски!
И мора да си го чуваме!“
Фотографија од Мартин направена во Радожда
Прочитајте и „Бев во Радожда - ловев риба, се качив во црквичката во карпа и не можев да се наситам од глетката“
С. С. | Црнобело
