Наде се прослави во „Танц со ѕвездите“, а сега живее во Њујорк: „Се преселив тука од Лондон, летните 45˚C ми се шок“
- Детали
- среда, 15 јули 2026
„Во 2014 година ја напуштив мојата родна Битола и се преселив во Рим, потоа 10 години живеев во Велика Британија, а сега Њујорк ми е дом“, вели Наде Миленкова Пејчиновска (37) која се прослави како танчарка во шоуто „Танц со ѕвездите“ – првата сезона со Васил Зафирчев, а втората со Владимир Крстевски – Франц, а сега е извршен директор на две Arthur Murray танцови студија во САД.

Наде Миленкова Пејчиновска (37) од Битола е магистер по граѓанско право, а во моментов работи како извршен директор (Executive Director) на две Arthur Murray танцови студија во Соединетите Американски Држави – едното во Њујорк, а другото во Њу Џерси.
Во Њујорк Наде живее само два месеци, но ѝ се допаѓаат можностите кои ги нуди овој град.
Таа носи преубави спомени и од животот во Италија и Велика Британија.

Наде ги споделува своите искуства за CRNOBELO.com:
Кога ја напушти Македонија и дали си живеела и на друго место, освен во САД?
Во 2014 година ја напуштив мојата родна Битола и се преселив во Рим, Италија, каде што ја започнав мојата меѓународна кариера како танцов инструктор во Arthur Murray.
По една година добив понуда да бидам менаџер и супервизор во Arthur Murray во Обединетото Кралствo, поточно во Лондон.
Од 2016 до 2026 година живеев и работев во Лондон и Манчестер, каде што изградив успешна кариера, а во меѓувреме стекнав и британско државјанство.
Моментално, од месец мај живеам и работам во Њујорк и Њу Џерси.

Како е да се будиш во Њујорк?
Искрено, сѐ уште не сум целосно свесна дека моментално живеам во Њујорк. Сѐ уште се соочувам со културен и временски шок и секој ден учам и се адаптирам на новиот начин на живот.
Една од најголемите разлики е климата.
По десет години живот во Велика Британија, каде што дождот и облачното време се секојдневие, летните температури во Њујорк, кои достигнуваат и до 45 степени, ce вистинско изненадување за мене.
Но, морам да признаам дека чувството да се разбудиш во Њујорк е навистина посебно. Тоа е град за кој многумина сонуваат, а јас денес имам привилегија да живеам и работам тука.
За мене, тоа е чувство како да си достигнал едно од најголемите животни достигнувања и дополнителна мотивација секој ден да давам cé од себе.

Има ли метеж додека одиш на работа или веќе си навикната на градскиот ритам?
Метежот за мене е сосема нормална појава, па дури и уживам во него. Сакам брз живот и динамична атмосфера.
Њујорк е град што пулсира 24 часа на ден. Њујорк е град во кој секој ден носи ново искуство, нова можност и нов предизвик.
Токму затоа се чувствувам како да сум на вистинското место.

Што ти се допаѓа најмногу, а што најмалку?
Најмногу ми се допаѓа динамичниот начин на живот. Њујорк нуди неверојатна енергија, богата културна сцена, музеи, ресторани, џез-клубови и можност секој ден да запознаваш луѓе од различни култури.
Она што најмалку ми се допаѓа е нечистотијата на улицитe, особено навечер кога се остава отпадот пред зградите, како и повремените доцнења во јавниот превоз.
По десет години живот во Велика Британија, каде што сè функционира многу организирано, сè уште се привикнувам на тие разлики.
Исто така, ми недостигаат супермаркетите во Англија, кои нудат многу побогат и поквалитетен асортиман на производи.

Како една млада и дома веќе успешна девојка преселена во друга земја да се снајде? Колку е тешко?
Најпрво, благодарам за комплиментот. За среќа, сѐ уште се чувствувам млада, а токму тоа чувство ми дава сила да ги следам моите соништа.
Искуството си го прави своето.
Ова е трета држава во која се преселувам – по Италија и Велика Британија, сега сум во САД. Како правник, административните и институционалните процедури никогаш не ми претставувале тешкотија.
Има една мисла која вели: „Човек кој повеќепати го спакувал својот куфер, се разделил со познатото и храбро тргнал кон нов почеток, знае дека нема предизвик што не може да го надмине“.

Кои се клучните три работишто ги направи по преселбата?
Првите три чекори што ги направив по преселбата беа практични и неопходни за започнување нов живот: набавив американска SIM-картичка, започнав со потрага по стан под кирија, што претставуваше голем предизвик, и го регулирав Social Security Number, кој е основен документ за работа и нормално функционирање во САД.
Дали Њујорк е подобро место за живот од другите американски градови, според тебе?
Досега сум била само во Мајами и Њу Џерси, но се надевам во иднина да ги посетам и другите големи американски градови.
Според мене, Њујорк е посебен бидејќи нуди неверојатна енергија, различни култури и многу можности.
Секако, има и свои предизвици – брзиот ритам и високите трошоци за живот, но за луѓе кои сакаат динамика и напредок, Њујорк е навистина инспиративно место.

Зошто го избра токму Њујорк?
Искрено, јас воопшто не го избрав Њујорк. Никогаш не ми било предизвик да живеам тука, туку отсекогаш го гледав само како место за посета и патување.
Но, изгледа судбината имала поинаков план за мене. Њујорк ме избра мене (xa-xa).
Добив понуда која беше невозможно да се одбие и така започна едно ново поглавје во мојот живот.
