Наде се прослави во „Танц со ѕвездите“, а сега живее во Њујорк: „Се преселив тука од Лондон, летните 45˚C ми се шок“
Тешко ли беше да се спакуваат куферите и да се напушти Македонија?
Родната Битола ја напуштив уште во 2007 година, кога на 17 години заминав да студирам во Скопје. Тоа значи дека уште од млада возраст не живеам дома и сум навикната на промени и на самостојност.
Македонија ја напуштив во 2014 година. Веројатно затоа што бев помлада, одлуките за преселба ги носев храбро и со голема желба за нови предизвици и можности.

Чувствуваш ли носталгија, доаѓаш ли често во Македонија?
По природа не сум многу емотивна и носталгична личност, но нормално дека ми недостигаат семејството, пријателите и, секако, македонската храна.
Додека живеев во Англија, најмногу ми недостигаа сончевите денови и вкусовите од дома.
Имам пробано различни светски кујни, но морам да признаам - како македонската храна, нема.
Се трудам да се враќам два до три пати годишно.

Дали Њујорк ќе биде доволно голем за тебе и твоите амбиции? Или за една амбициозна девојка на моменти и светот е премал?
За тоа ќе оставам времето и судбината да покажат. Можеби звучи нескромно, но имам чувство дека светот ми е на дланка.
Каде и да одам, знам дека ќе се снајдам, бидејќи искуството и годините си го прават своето.
Mене најважно е да продолжам да се развивам, да прифаќам нови предизвици и да не поставувам граници на моите соништа.

Како се снајде на поле кариера?
Hа полето на кариерата, животот имаше поинаков план за мене. Иако мојата примарна професија е магистер по граѓанско право, мојата прва љубов и најголема страст – танцот – на крајот го пронајде својот пат.
Со спортски танц се занимавам од 7-годишна возраст, учествувајќи на бројни натпревари во Македонија и надвор од неа.

Едно од моите најголеми достигнувања беше учеството на Светско првенство во латино танци, како и две сезони во шоуто „Танц со ѕвездите“ – првата сезона со Васил Зафирчев, а втората со Владимир Крстевски – Франц.
Подоцна добив понуда да станам инструктор по спортски танц во Arthur Murray, американска франшиза со над 300 студија низ светот – компанија која во светот на танцот може да се спореди со луксузни брендови како Chanel, Dior, или Louis Vuitton.
Мојата посветеност и работата ме доведоа до менаџерска и супервизорска позиција во студио во Лондон, а денес сум извршен директор на две Arthur Murray студија во Соединетите Американски Држави.

Имаш ли некоја забавна приказна од животот таму?
Една од најзабавните работи по преселбата во Њујорк е јазичната разлика. По десет години живот во Велика Британија, несвесно имам усвоено многу британски зборови и изрази, па моите нови колеги често се шегуваат со мене.
На пример, јас велам „holiday“ наместо „vacation“, „rubbish“ наместо „trash“ и „queue“ наместо „line“. Британците се познати по својата исклучителна учтивост, понекогаш дури и над границите на нормалното, па и тоа ми остана навика.
Често велам „thank you“, „please“ и „sorry“ дури и кога нема потреба, а моите колеги тука ме гледаат зачудено.
Интересно искуство e да ги спојувам британските навики со американскиот начин на живот. Ce надевам дека нема целосно да го „измешам“ британскиот акцент со американскиот.

Како изгледа еден совршен викенд за тебе во Њујорк?
Совршен викенд за мене во Њујорк започнува со долги прошетки. Имам среќа што живеам на Upper East Side во Менхетен, само седум минути пеш од Централ Парк, кој за мене е едно од најубавите места за одмор и полнење енергија.
Верувам дека парковите се најдобрите бесплатни психолози.
Многу го сакам Roosevelt Island, место кое нуди прекрасен поглед кон импресивниот хоризонт на Менхетен. Посебно уживам во возењето со жичницата над градот, бидејќи од таа перспектива Њујорк изгледа навистина магично.
Исто така, обожавам долги прошетки преку Brooklyn Bridge, откривање на шармот на West и East Village, како и уживање во енергијата на градот низ неговите улици, кафулиња и продавници.
Секако, не можам да одолеам и на малку шопинг во Macy’s, место кое е дел од препознатливиот њујоршки дух. За мене совршен викенд е комбинација од природа, градска енергија и откривање нови места.

Какво е здравството во земјите каде што имаш живеено досега?
Моето искуство со здравството досега е различно, бидејќи сум живеела во три различни држави.
Во Велика Британија здравството беше бесплатно, а болниците беа чисти и добро организирани. Но, по Brexit, многу здравствени работници ја напуштија земјата и системот се соочува со сериозен недостиг на персонал, што доведе до голема криза во здравствениот систем.
Чекањето за прегледи и специјалисти стана многу долго и понекогаш може да трае со месеци или години.
Во САД системот е поинаков – здравството се плаќа и неопходно е да имаш здравствено осигурување. Секој месец се плаќа одредена сума, но тоа ти обезбедува поголема сигурност и полесен пристап до здравствена грижа кога ти е потребна.
