Интервју со Весна, сопругата на Драган Вучиќ: „Свадбата ни беше со 500 гости, нè разведуваа, но тој беше прекрасен сопруг и татко“
- Детали
- петок, 17 јули 2026
„Еднаш беше да свири на Јадранско Море и ми рече: 'Прати ми го детето со авион до Сплит, ти дојди кога ќе ти почне одморот'. Навечер додека седеле на музичка маса на пауза, дошла некоја девојка, седнала со нив, Драган нешто ја прашал, а Мартин му вели: ‘Тато не ја познавам девојкава, не разговарај многу, многу, ќе те кажам на мама’ ха-ха“ - Весна Вучиќ за CRNOBELO.com зборува за љубовта и 40-те години заеднички живот со Драган, кој почина пред 6 години.

Македонскиот композитор, пејач и телевизиски водител на многу разни емисии, квизови и шоуа, Драган Вучиќ, почина на 64-годишна возраст во 2020-та година од компликации со корона вирусот.
Во мај годинава се навршија 6 години од неговото заминување, а тој зад себе ги остави сопругата Весна и синот Мартин.

Со Весна, која е исто така познато ТВ лице за јавноста, а работеше како спикер во МРТ до 2020-та година, беа во складен брак 38 години и уште 3 години во љубовна врска пред да се венчаат.
Поразговаравме со неа, а таа ни сподели дека животот без Драган е тежок, но спомените со него се незаборавни.
Ни сподели интересни моменти од нивната љубовна приказна, ни откри каков татко бил Драган, но и каков човек бил зад затворени врати, кога ќе се исклучат камерите.
Во продолжение целото интервју со Весна Вучиќ:
За почеток, како сте? Со што се занимавате моментално и како ви изгледа секојдневието?
Летото го поминувам во Охрид. Со оглед на тоа што сум пензионерка веќе 6 години, бегам од жештините. Овде секојдневно пешачам, се дружам со пријателките од Скопје, од Охрид, и минувам типично пензионерски денови.

Поминаа 6 години откако Драган не е меѓу нас… Дали навистина времето лечи или едноставно учите да живеете со загубата?
Не би рекла дека времето лечи, напротив, болката останува, само се навикнувам да живеам без него. Тешко е… ама, живеам со спомените, тоа е - судбина, дел од животот…

Како и кога се запознавте со Драган, со што ве освои?
Првата средба со мојот Драган беше на почетокот на 1979 година. Мојата другарка, а подоцна кума, Анче, требаше да земе скрипта со тестови за возачки испит од кај нејзините кумови, семејството Вучиќ, поточно од Драган, којшто веќе завршил со испитот.
Кратка средба што ќе ни го смени животот… Во тоа време ние немавме телефон, но Драган упорен, разбрал каде живеам, па постојано вртеше околу нашата куќа… да се видиме па да се видиме…
Во тоа време, тој свиреше во тогашен Гранд хотел секој ден освен во понеделник, па еден понеделник излеговме… И така започна нашата љубов и заеднички живот кои траеа до заминувањето на Дракче, 41 година.

Каква ви беше свадбата? Колку години бевте во брак?
Свадбата беше на 28-ми февруари 1982 година во хотел Панорама. Имаше околу 500 гости. Беше преубава и весела свадба.
Ние деца на познати музичари (татко ми Пеце Атанасовски и свекор ми Миле Вучиќ), а меѓу гостите освен роднините, пријателите и неколку оркестри и пејачи, беа и Јонче Христовски, Александар Сариевски, наши семејни пријатели.
А јас како невеста излегов од дома со зурли и тапани.

Која ви беше тајната за успешен брак, кога и двајцата бевте познати лица за јавноста, имаше ли предизвици? Сте биле ли мета на гласини?
Заедничкиот живот е постојана борба за подобро утре. Тоа е можно само ако постои заемна почит и доверба, љубов и верба во институцијата семејство, во која се вложуваш безрезервно.
Секако дека не било лесно, неколкупати нè разведуваа, ха-ха-ха. Драган беше постојано во друштво на убави жени, таква му беше работата, јас тоа го знаев и бев свесна, ама имав и самодоверба.
Тој беше прекрасен сопруг, семејството му беше пред сè. Во еден период и двајцата бевме присутни во медиумите (јас како спикер во МРТВ, водител на манифестации), често отсуствуваме од дома, а Мартин имаше само 1 година, го чуваше мајка ми, но… во еден разговор со Драган се договоривме.

Јас заработував помалку од него, па така се посветив на секојдневните работни обврски (во МРТ работев на смени и ноќна смена и саботи и недели и празници), семејството и воспитувањето на детето, а Дракче патуваше, работеше неуморно.
Баба Цена секогаш беше тука, ама ние секој слободен момент го користевме да бидеме заедно. И ни успеваше. Со договор и добра организација, сè се постигнува.

Каков беше Драган приватно, кога ќе се исклучеа камерите и ќе дојдеше дома? Како го минувавте слободното време?
Едноставен, насмеан, секогаш расположен за дружба со пријателите, другарите.
Нашиот дом беше полн со драги гости, дружење, смеење. Сакаше секому да помогне…
