Најемотивните стихови од песните на Владо Јаневски: „А над мене ќе никнат булки, црвени ко мојта крв“
Од „Некогаш и негде“, преку „Тајна отровна“, „Што и да е, ќе помине“, „Евергрин“, „Булки“ до „Кој е крив“ или „Две души и месечина“... како да ја изберете најемотивната песна од Владо Јаневски? Неговите песни што будат чувства се многубројни, а во негова чест, издвоивме дел од најемотивните стихови... Кој е вашиот омилен?

Кога пред околу 4 децении првпат се појави на музичката сцена, со Роберт Саздов и групата „Ластовица“, Владо Јаневски беше младо момче, насмеано, полно со елан, а песните беа многу поразлични од оние што ги пееше откако почна соло кариера.
На почетокот стиховите беа забавни, двосмислени, сосема соодветни на музичкиот стил што го негуваа и имиџот што Роберт и Владо го создадоа со „Ластовица“.

Но, сето тоа се смени кога Јаневски почна да пее сам - песните станаа емотивни, длабоки, зборовите погодуваа во срце, текстовите будеа и тажни и среќни чувства.
И токму затоа и додека беше жив, многу од неговите песни добија статус на „евергрини“.

Во чест на Влади Јаневски, споделуваме некои од најемотивните стихови од неговите песни:
„Срце преку небото“
Пред да те сретнам тебе
мислев дека љубов е
што помалку да дадам
на крајот да им земам сѐ.
Но, мојот свет се пресели
во твоите очи бакарни
ко во песок жив потонав во нив
кога рече ти.
Разголи ми ја душата
покори ми го телото
и ѕвездите ќе навезат за нас
срце преку небото.
„Пролетна љубов во септември“
Зар требаше да помине
пола од животот да те сретнам?
Твојата прегратка ми е
точна по мерка ко ниедна.
Со тие очи дно на душа допри ми
со тие усни име изговори ми
А ако еднаш отидеш и дојде бол
бар ќе знам дека сум сакал некого.

„Некогаш и негде“
Одамна веќе не знам и не умеам
без тебе да легнам, а да не помислам
каде си... ме мислиш ли и ти?
Одамна нема утро да ме осамне
без да праша зошто веќе не си крај мене
каде си... ме мислиш ли и ти?
Не знам како ти е друг штом те покрие,
ил сама во постела перница си гушнала?
Само знам - Некогаш и негде ќе те сретнам пак
покрај мене ќе блеснеш ко светулка во мрак.
Со поглед ќе ти раскажам
дека без тебе не можам
има нешто посилно од сè.
„Булки“
Од божји нишан не се бега, збогум стар пријателе,
некој асфалт кај и да е и мене таму ќе ме однесе.
Едни нема ни да трепнат,
на други може ќе им биде жал,
трети лажно ќе се фалат дека песни сум им пишувал.
А ти ќе речеш добар беше,
добар беше многу ме сакаше
и ќе згрешиш фала Богу.
Тебе те сакав најмногу!
И ќе измислат за да те боли сè што за мене не си слушнала.
Но ти ќе знаеш по човек песот лае
само кога не го познава.
А над мене ќе никнат булки црвени ко мојта крв,
кога те запишав во срце душата ми беше сведок прв.
