Ѓорѓи (26) од Кавадарци работи на Универзитет за медицина во Берлин: „Се преселив пред 4 години, ми пречи нехигиената во градот“
Како го поминуваш слободното време, што сакаш да правиш кога не правиш ништо? Што ти е хоби?
Кога имам слободни денови од работа, често ги користам да се видам со некого. Некогаш знам да бидам и по цел ден дома, да истражувам различни светски компании во кои можам да инвестирам, општо следам глобална економија и сакам да инвестирам.
Мое хоби беше фотографијата сè додека не премина во регистриран бизнис овде, па би рекол дека сега инвестирањето е моето хоби.
А другото слободно време поминува така што организирам, планирам и контактирам со битни личности кои се поврзани со мојата фотографска кариера.
Така настанаа соработките со популарни артисти од македонската сцена. Пред да заминам од Македонија, на пат до реализација беше мојот најголем и најпосакуван проект - албум и изложба „24 портрети“.
Во време додека контактирав со артистите бев одбран на лотарија за германска виза, па заминувањето беше причина овој проект да не го реализирам.
Во Берлин ми започна првата соработка со агенција која од пред некој месец организира настани и во Македонија.

Сите настани од забавен карактер сум ги фотографирал и сум имал прилика со дел од артистите кои биле на листата за „24 портрети“ да се сретнам и реализирам замислените портрети.
Оваа организација ме доведе поблиску до македонската јавност и ми помогна во градењето на мојата кариера.
На секој артист најважно му е да биде виден и слушнат кај повеќе луѓе, според мене.
Чест ми е што соработував со Некст Тајм, Тина Русева, Владо Јаневски, Тино Костадиновски и Атанас Атанасовски, Александар Михајловски и Антонио Ташковски.

Потоа се случи фотосесијата со Мартина Баракоска, таа е еден фантастичен музичар, па бидејќи и таа живее овде, оттогаш сме и добри пријатели и сè уште соработувам со неа.
Кога имав веќе добри фотографии од нашите артисти, се охрабрив да контактирам еден човек со богата историја. Тоа е човекот со кого пораснаа многу генерации, познат од ТВ-екраните, изведбите на култни места и неговите книги. Човек кој несебично и веднаш одговори на мојата иницијатива, со голема поддршка и ми даде уште повеќе мотивација да продолжам со идејата за „24 портрети“ - маестро Игор Џамбазов.
Една од моите омилени фотосесии е таа во Дојран со неговата понежна половина, Ферхунде.
Бев пречекан многу топло од негова страна, како да се познаваме многу долго време, добар разговор, малку трема, но беше врвно поминато време со него.

Кој е следен на твојата листа за портрет после Џамбазов?
Таа златна листа никогаш не беше, не е, и нема да биде празна. Секогаш имам некои поставени цели, а кога ќе ги достигнам, за некои знам да бидам самокритичен и мислам дека секогаш можам подобро.
Игор Џамбазов во моето портфолио значеше многу, покажа дека можам да преминам во тоа повисоко ниво за професионална соработка со сериозни личности.
Може да кажам дека следен предизвик ми е Сашко Коцев, не знам зошто, но отсекогаш сум бил негов фан и би сакал да имам соработка со него.
Покрај оваа портретна фотографија, во август ќе работам на еден од најголемите проекти досега Rave The Planet.
Станува збор за огромен музички настан со повеќе диџеи, каде секој има своја бина поставена на посебен камион.
Одредени улици низ Берлин се затвораат за поворката да може слободно да помине, додека илјадници луѓе се забавуваат и танцуваат заедно.
Очекувам неверојатна атмосфера, многу енергија и искуство кое сигурно ќе остане незаборавно.

Се заработува ли добро за живот таму?
Јас доаѓам од градот на виното и ракијата, каде покрај секојдневната работа луѓето се занимаваат и со земјоделие, исто како и мојата фамилија.
Доаѓам од скромно семејство кое финансиски било просечно ситуирано. Благодарен сум што сум израснат во такви околности, па сум ги научил и добрите и лошите страни на парите, а и моите родители што успеале да ме воспитаат на многу побитни вредности од финансиските средства.
Денес знам да ценам доста работи кај луѓето и да сум способен со секого да седнам на маса без срам и чувство на понижување.
Па, со оглед на тоа дека веќе сум 4 години сам во Берлин има смисла дека е исплатливо, јас тука имам нормален живот и сè што ми е потребно досега сум можел и сум си го дозволувал.
Додека во Македонија за некои работи би требало да штедам доста долго време за нешто да си дозволам, овде ми останува и да инвестирам на берза.

Што те нервира најмногу во Берлин?
Берлин има многу висока популација и има доста бездомници, кои во најголем дел се алкохоличари или зависници од дрога.
Од овие луѓе, кои на некаде се групираат, некои места може да бидат небезбедни во ноќните часови за останатите граѓани и туристи.
Општо ме нервира нехигиената и тоа што најчесто престојуваат во јавни тоалети, лифтови во метроа, метроа, импровизирани шатори под мостови и многу други места.

Колку е различен Берлин за доживување како турист и како граѓанин таму?
Често знаеме сите кога посетуваме некое место, град или село да се запрашаме: „Колку е убаво овде да живееш?!“
Секое место на кое сум бил било прекрасно, оригинално и посебно со посебни убавини, меѓутоа кога живеете таму воопшто не е исто.
Берлин за туристите е доста атрактивен, а според некои анкети е на второ место после Лондон и градот е навистина богат со локации и туристички атракции, кои за мене сега се веќе секојдневие.
Градот е убав заради тоа што секогаш е буден, никогаш не „спие“, во секое време можеш да најдеш тоа што ти треба.
Како турист во Берлин мислам дека секогаш ќе ми недостасуваат денови за престој, некогаш градот она што го нуди да се посети не се пристигнува да се види, за разлика оние кои се жители секогаш во секое време можат да бидат секаде заради добро организираниот и поврзан градски превоз.
Кога живееш во ваков град можеш да го истражуваш и го запознаваш подетално, откриваш нови места, локации кои може да бидат од голем бенефит за понатамошно живеење овде.

Ти недостига ли Македонија? Колку често се враќаш дома?
Македонија, посебно Кавадарци, секогаш ќе си остане моето „дома“. Каде и да одам, што и да правам, никогаш не заборавам од каде доаѓам и што сè сум поминал во моето родно место.
Сепак не сум многу долг период иселен од родниот крај, па не ја исклучувам и можноста да се вратам, но моментално немам таква намера.
Најмногу од сè ми недостигаат најблиските, мислам дека доколку тие ми се овде шансите за да се вратам би биле навистина премали.
Јас најчесто патувам заради моето семејство, можам да кажам дека тоа пред сè ми недостига најмногу, па после другите работи.
Ми недостига мирисот на дома, ми недостасува креативноста нешто да направам што ми треба (не поврзано со фотографија) - овде се навикнуваме брзо на тоа што ни треба да го купиме онлајн или маркет, додека во Македонија кога бев помлад често знаев да се снајдам и да направам сам на свој начин.
Во 2025 поради балансирање на годишниот одмор имав 56 дена одмор. Па од јануари до јуни си доаѓав секој месец и уште еднаш, по долг период во јули бев во Македонија. Може да кажам дека често се враќам дома.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело