Ѓорѓи (26) од Кавадарци работи на Универзитет за медицина во Берлин: „Се преселив пред 4 години, ми пречи нехигиената во градот“
- Детали
- вторник, 07 јули 2026
„Во Берлин се преселив на 22 години. Работам во „Шарите“, една од најстарите и најпрестижни универзитетски болници во Европа, основана во 1710 година. По 6 месеци таму имав специјалистичка обука и се стекнав со сертификат за стерилизациски асистент“, вели Ѓорѓи Грижев за CRNOBELO.com, кој паралелно, професионано, се занимава и со фотографија.

Ѓорѓи Грижев (26) од Кавадарци веќе 4 години живее во Берлин, а работи на Медицинскиот универзитет „Шарите“, каде што е стерилизациски асистент во единицата за подготовка и обработка на медицински инструменти.
Но, тој има и свој приватен бизнис за фотографија, па освен што фотографира пејзажни фотографии, фотка и познати личности во земјава, но и при нивните гостувања во Берлин.

За животот во најшареноликиот германски град, во кој живеат луѓе од целиот свет, Ѓорѓи раскажува за CRNOBELO.com, па вели:
„Во Германија живеам веќе 4 години. Одлуката да дојдам не беше донесена преку ноќ, подолго време размислував како да си обезбедам подобра професионална иднина и поголема стабилност. Сакав да стекнам ново искуство, да научам еден нов систем на работа и да се развивам лично и професионално.
Ова е мојот најголем чекор, а го направив на 22-годишна возраст. Градот првпат го посетив 2 месеца пред да се преселам, памтам дека беше празник Велигден 2022.
Денот кога имав лет, на 15.04.2022 назад за Скопје, се сетив дека е последен ден да аплицирам за германска виза, бев разочаран и ја гледав како пропуштена шанса, но Господ имал друг план за мене - и еве го чекорам тој пат веќе 4 години“.

Ѓорѓи е стерилизациски асистент во одделот „Единица за обработка и подготовка на медицински инструменти“. За оваа работна позиција не му требало медицинско образование само добро владеење на германскиот јазик. А јазикот му бил прилично слаб на почетокот, за разлика од сега.
„По 6 месеци работа имав специјалистичка обука и се стекнав со сертификат за Тех. стерилизациски асистент издаден од Германско здружение за снабдување и управување со стерилен медицински материјал (DGSV).
Моите дневни задачи се однапред испланирани од мојот надреден. Овој процес опфаќа чистење (деконтаминирање), дезинфекција и стерилизација на сите инстументи за операциони зафати и здраствени прегледи.
Работам во „Шарите“ (Charité – Universitätsmedizin Berlin), една од најстарите и најпрестижни универзитетски болници во Европа, основана во 1710 година, со повеќе од 300 години историја. Позната е на светско ниво по врвната медицина, истражување и едукација, а често се рангира меѓу најдобрите болници во Европа и Германија.

Многу медицински откритија и Нобеловци се поврзани токму со оваа институција. Кампусот располага со 18 операциони сали и комуникацијата со нив дневно е незибежна, знае некогаш да биде стресно, но најчесто имаме добра комуникација и лесно разбирање со сите оддели од клиниката.
Омилен за работа ми е генерално цел оддел за Трауматолошка хирургија и дефинитивно сетот за „Da Vinci Surgical System“, бидејќи претставува спој на врвна технологија, прецизност и современа хирургија.
Нашиот оддел работи 24/7 што кажува дека работата е во 3 смени, а некогаш имаме дежурства и за викенди. Моето моментално работно место многу придонесе да го научам германскиот јазик, поради тоа што го користам секојдневно со колеги, комуникација со службен телефон, читање и пишување на документи, рекламации, пакувачки листи на сетови, но најмногу општиот разговор со колегите.
Македонија секогаш ќе ми биде дом, но чувствував дека ми треба средина со повеќе можности за напредок и подобар квалитет на живот.
По завршувањето на средното образование некој период чекав да се отвори катедра на ФДУ за филмска и ТВ-камера, но тоа не се случи, па се обидов да се запишам на истата катедра во Бугарија, но и тоа беше безуспешно.
После тоа реков дека мора нешто да направам за да ја градам мојата кариера, да се едуцирам и да инвестирам во себе.
Берлин не беше случајно избран - тоа е многу интернационален град, полн со различни култури, идеи и можности.
Исто така, тука има простор и за работа и за креативност, што многу ми одговара бидејќи покрај медицинската работа се занимавам и со фотографија.

Како би го опишал животот таму? Што ти е најубаво, а што не ти се допаѓа поврзано со животот во Берлин?
Животот во Берлин е доста динамчен и брз. Како и секаде, секогаш постојат позитивни и негативни страни.
Драстично е различен системот и начинот на живеење општо во споредба со животот во Македонија, а тоа ми е доста позитивна работа.
Што сè функционира, сè што е потребно за нормален живот е достапно за секого.
Убаво ми е тоа што имам познаници, пријатели, па и колеги од цел свет и мислам дека за еден млад амбициозен човек најбитни се конекциите и со кого го поминува времето
Берлин е доста погодно место за мене да ја градам својата фотографска кариера, сметам дека тоа е најубавото нешто за кое сум и овде.
Но, сепак постојат и негативните страни, а најголемата е тоа што сум одделен од фамилијата и најблиските - за мене лично.
Во денешно време е многу подостапна и полесна комуникацијата со видео-повиците за разлика од пред неколку години кога не можеле ниту да се слушнат по телефон, а фамилијата за секого е на прво место.
Бирократија. Чекање. Меилови. Стрес и нервоза - една од добитните комбинации кои следуваат од самиот почеток на живеење овде.
Бирократијата знае доста да биде напорна, стресна а некогаш и досадна, сите оние кои се емигрирани со работна виза јасно им е за што зборувам…
Но токму заради тоа па овој систем им функционира, а тоа мислам дека им одговара на сите граѓани на Германија.
Достапноста и колку многу се користат наркотици во овој град е најболната страна, зло кое младите луѓе ги трансформира од нормален живот, во живот во кој немаат каде да спијат, што да облечат и што да јадат - бездомници.
Тоа е доста голем губиток за ова општество.
Сепак повеќе ја гледам позитивната страна, а доколку не би било така денес не би бил овде каде што сум.
