Арбнора Мемети: „Да си фоторепортер значи да си око на невидливото и глас на нечуените“

Објективите и очите на Арбнора Мемети од Скопје доловуваат уникатни животни моменти. Нејзините фотографии можете да ги видите во дневни весници, интернет портали, социјални мрежи…

arbnora memeti da si fotoreporter znaci da si oko na nevidlivoto i glas na necuenite 2

Во моментот е апсолвент на Fine Arts of Journalism и работи како фоторепортер во дневен весник, а паралелно е ангажирана и во неколку различни проекти. Пред да влезе во новинарството, Арбнора сакала да стане дефектолог, истовремено сонувајќи да стане и фоторепортер.

Во слободно време сака да црта, да чита, да патува во сиромашни места и да открива нови култури, сака да учи јазици, да пее, а едно време свирела и пијано.

Пред да се вработи преку интернет научила да прави рачно изработен накит, кој го продавала во чаршија. Тоа ѝ претставувало големо задоволство, сè дури не се вработила како новинар и се откажала од тоа.

„Секогаш сум сакала да сликам, во средно немав добар телефон, а цело време фотографирав. Наоѓав начини да го остварам тоа, без да бидам свесна дека тоа всушност е љубов спрема фотографија.

После неколку години почнав да студирам новинарство, а паралелно и да работам. На првото работно место за првпат ме испратија на терен со една фоторепортерка, и таа професија почна да ми се допаѓа. Тогаш строго бев насочена спрема новинарството, требаше да станам новинар“, раскажува Арбнора.

arbnora memeti da si fotoreporter znaci da si oko na nevidlivoto i glas na necuenite 12

На второто работно место, каде исто така работела како новинар, ѝ паднал во рака еден професионален апарат, од тој момент почнала да пишува текстови и да фотографира по настани.

„Имав голема љубов спрема ова професија и воедно ми беше голема тајна, дури се плашев да мислам на неа и тоа поради една причина – фоторепортерството е многу скапо занимање, нешто што е невозможно да се одржува со нашите плати.

Тогаш ми беше чудно, но сега сфатив дека новинарството беше мостот кој ме поврза со фоторепортерството, затоа што по некое време добив понуда да работам како фоторепортер во еден дневен весник.

Тогаш бев многу конфузна и не знаев што да правам, бидејќи требаше да се откажам од новинарството во кое вложив труд повеќе од три години“, се присетува Арбнора.

arbnora memeti da si fotoreporter znaci da si oko na nevidlivoto i glas na necuenite 10

Од кога почнала да работи како фоторепортер ѝ се смениле многу работи во животот. Ја прифатила понудата и за првпат се соочила со фотографија. Била среќна што некој верува и гледа нешто во нејзиниот капацитет.

Од тогаш до денес поминале две и пол години откако почнала да слика, научила многу работи од нејзините постари колеги и во моментот размислува како повеќе да се унапреди на полето на фотографија, камера и новинарство.

„Јас сум добар пример за работодавачите, затоа што тие најчесто инвестираат во погрешни луѓе. Повеќе редакции кај нас се плашат да вработат млади луѓе, на нив им одговара да вработат човек кој работел 30 години и кој веќе е амортизиран на некој начин. Не е креативен, а ја нема и енергијата што ја поседува млад човек.

За жал, не знам друг млад човек, кој работел во некоја агенција или весник. Се соочуваме со еден многу тесен пазар од сите страни опфатен со постари и искусни колеги, кои не сакаат да им отстапат место на една нова генерација на фотографи.

Само се прашувам, уште колку млади луѓе како мене чекаат некој да им даде шанса за да можат да се докажат? Токму поради тоа сакам да се смени односот на работодавачите. Искуството не е секогаш најважно, тоа е нешто што се стекнува со време, а талентот може само да се надогради“, коментира Арбнора Мемети.

arbnora memeti da si fotoreporter znaci da si oko na nevidlivoto i glas na necuenite 11

Фоторепортерите низ историјата преку нивниот објектив споделиле многу нераскажани приказни. За неа, фоторепортерството не е тоа што многумина мислат дека е – една фотографија.

Понекогаш таа една фотографија има толку голема моќ, што може да промени многу работи и да пренесе пораки до јавноста. Арбнора како фоторепортер се труди да пренесе туѓи животни приказни на социјално загрозените, сака да пренесува пораки, да им даде глас на нечуените и око на невидливото.

Сака да го соголи она што живее пред нашиот нос, а луѓето не го гледаат или се прават дека не постои.

arbnora memeti da si fotoreporter znaci da si oko na nevidlivoto i glas na necuenite 9

„Од моментот кога излегуваш на терен, па сè до моментот кога треба да спиеш си одговорен за сè што се однесува до твојата професија на фоторепортер. Сите знаат дека ние немаме работно време и нè има секогаш и секаде.

Одговорни сме за секоја објавена слика, независно од тоа каква е содржината или кои се луѓето на сликата. Се очекува од нас да ја завршиме работата на достоинствен начин. Да соработуваме, да не манипулираме со слики, да не злоупотребуваме, да не објавуваме фаци без дозвола и слично“, ги споделува Арбнора одговорностите на еден фоторепортер.

arbnora memeti da si fotoreporter znaci da si oko na nevidlivoto i glas na necuenite 13

Иако е сè уште млада во оваа професија, Арбнора земјотресот во Драч го издвојува како едно поразлично и понеобично. Дента кога се случил земјотресот, почнала да следи што се случува и видела дека многу новинарски екипи од цела Европа заминале таму да пренесуваат од настанот.

После неколку часа, заедно со еден колега одлучиле и тие да тргнат до Албанија за одблиску да можат да пренесуваат што се случува.

arbnora memeti da si fotoreporter znaci da si oko na nevidlivoto i glas na necuenite 4

„Во тој момент не размислував каде одам, знаев од прилика како изгледа теренот од веќе објавените слики. Кога пристигнавме во Туман имаше многу луѓе, во еден камп беа сместени жителите кои останале без нивните домови.

Дојде да ги посети и премиерот, Еди Рама. Сакајќи да го сликам него, се најдов помеѓу многу луѓе и обезбедување кои буквално, како што сум ниска, почнаа да ме газат.

По таа случка, почнав да ги сликам урнатите куќи и спасувачките екипи и со сопствени очи гледав како се откопуваат безживотните тела од под урнатините“, се присетува Арбнора.

arbnora memeti da si fotoreporter znaci da si oko na nevidlivoto i glas na necuenite 7

По Туман продолжиле во Драч, каде ги пречекало слично сценарио.

Во кампот биле сместени тажни, гладни и расплакани луѓе, без покрив над глава. Повеќето од нив не сакале да се сликаат, некој од нив дури и побарал да ги избрише сликите. Арбнора требала да глуми дека е странец за да не дојде до конфликт.

arbnora memeti da si fotoreporter znaci da si oko na nevidlivoto i glas na necuenite 6

„Тогаш за првпат се соочив со таков терен, спиев на улица, трчав од еден до друг терен. Гледано од професионален аспект тоа е големо искуство за мене. Сите што знаеја дека сум во Албанија беа под стрес.

Кога на кратко се поврзав на интернет ми стигнаа еден куп пораки од моите блиски, кои сметаа дека сум во опасна зона. Кога се вратив во Скопје, сите ме прашуваа за искуството од Албанија“, раскажува таа и додава дека тоа е професија што самата си ја има избрано и дека утре може да се најде во некоја сосема поразлична и поопасна ситуација.

„Како и секој човек и јас сум емотивна, но од професионален аспект решив да го почитувам принципот на работата пред емоциите. Имаше многу тажни сцени, но јас се обидов на многу ладнокрвен начин да ги покријам тие трагични моменти“, додава таа.

arbnora memeti da si fotoreporter znaci da si oko na nevidlivoto i glas na necuenite 8

Неодамна Арбнора и нејзините колеги беа во посета на Атиџе во нејзиниот дом.

Патот од Дорфулије до Бекирлија го помни како една необична авантура.

Тргнале во 5 наутро и по неколку часа возење со џип стигнале до куќата на Атиџе.

„Јас документарецот „Медена земја“ го имам гледано веќе три пати и може да претпоставите како изгледа сето тоа во око на еден фотограф. Атиџе беше многу среќна што некој дошол да ја посети.

Нè прими топло во нејзиниот дом, ни раскажа како го снимиле документарецот и искуствата со екипата. Од неа научив дека многу е важно да живееш во околина со луѓе. Атиџе живее со нејзиниот брат, носталгично ги помни моментите кога во селото имало луѓе, нејзините другарки, комшии.

Ѝ фалеше сè, дури и екипата на „Медена земја“, ѝ паѓаше тешко, бидејќи се навикнала да ги гледа нивните шатори пред нејзиниот дом. Ако ја гледаш неа, од нејзините очи можеш да се увериш дека сè уште постојат луѓе со чиста љубов.

Од тоа малку што имаше се трудеше да не услужи. Не знам дали може да најдам зборови за да опишам колку е прекрасна. И да ве уверам дека Атиџе е реален лик, не глуми. Иста е како што ја гледаме и во документарецот“, споделува таа.

arbnora memeti da si fotoreporter znaci da si oko na nevidlivoto i glas na necuenite 5

Арбнора планира да ги комплетира своите студии и да продолжи на фотографија како форма на новинарство и тоа во странство. Вели дека сите сме сведоци колку е непочитувана оваа професија во нашата земја и дека е разочарана поради тоа.

arbnora memeti da si fotoreporter znaci da si oko na nevidlivoto i glas na necuenite 15

„Пред некое време напишав статус за да се изјаснам зошто сакам да побегнам од мојата татковина. И стојам на тоа дека бегам од балканскиот менталитет на работодавачите.

Не бегаме од немање на работа, туку бегаме од работа, од таквите работни места каде што не те почитуваат, те малтретираат, те уценуваат. Работиме со почетни плати со години, а колку и да си постигнал, овие работи не можат да се сменат токму поради тоа што си млад.

За тоа бегаме и ќе бегаме од ваквиот менталитет“, додава Арбнора и вели дека во иднина се гледа надвор од Македонија, помеѓу луѓе кои знаат и ќе ја ценат нејзината работа.

arbnora memeti da si fotoreporter znaci da si oko na nevidlivoto i glas na necuenite 14

Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело / Фото: Арбнора Мемети

Би можело да ве интересира:

Миро Кацаров за љубовта со Ивана: „Ни се случи љубов на прв поглед, по неколку месеци веќе почнавме ... „Ивана знае дека јас сум блесав и будала на свој начин, па не беше шокирана од з...
Елена Ристеска: „Има многу злоба меѓу народот, се штитам така што никој не знае каде сум и што права... „Почесто плачам од радост, отколку од тага. Емотивна сум за блиски луѓе, за...
Вероника Караколева, оперска пејачка: „Не јадам 3-4 часа пред настап, избегнувам комуникација за да ... „Толку ми е силна љубовта кон музиката што не можам да се замислам ниту еден ден...
Васка Леонтиќ: „Забременив со ин витро, сама станав мајка на 48 години, мојата ќерка (5) знае сè за ... „Никогаш не размислував за тоа што ќе зборуваат другите за тоа дека забременив с...
Ламбе Алабаковски: „Во Бигорски си го наоѓам мирот, со Врчак сакаме да снимиме нов дует“ „Магдалена е многу добра мајка и сопруга. Таа во 2000 година со семејството се п...
Кога љубовта не познава граници: Приказните на две балканско-бразилски семејства За CRNOBELO.com, две сопруги раскажуваат како е да се биде во интернационален бр...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg