Наташа Сарџоска, поетеса и писателка, живеела во 6 европски градови: „Убавината на една личност е во способноста да припаѓа секаде или да не припаѓа“

Наташа Сарџоска е поетеса, писателка, антрополог и литературна преведувачка од Скопје, која пред неколку недели го објави својот прв роман, „Трамонтана“ во издание на Издавачки центар ТРИ. 

natasa sardzoska poetesa i pisatelka ubavinata na edna licnot e vo sposobnosta da pripagja sekade ili da ne pripagja nikade 2

Со неа за CRNOBELO.COM поразговаравме за егзистенцијалните тешкотии на денешниот човек, за сеопфатната и застрашувачка празнина на човекот, за животот во Париз, Милано, Лисабон, Хајделберг, Брисел, Штутгарт, како и што претставува „домот“ за неа.

Верувам дека долго време се подготвуваше пред да го ослободиш романописецот од себе. Неодамна тоа сите го засведочивме. На овогодишниот Саем на книгата го промовираше твојот прв роман, „Трамонтана“, роман за неприпаѓањето и празнината.

Пред какви егзистенцијални тешкотии е изложен денешниот човек и кои од нив ѝ дадоа суштина на приказната што ја напиша?

„Трамонтана“ е роман за отуѓеноста, за самотијата, за самодоволноста, за слободата, за поразот, за промашувањето, за егзистенцијалната празнина во којашто и со којашто живееме сите ние, иако тоа ретко си го признаваме, ретко разговараме за тоа, како празниот живот да е табу, затоа што од мали деца сме научени да симулираме живот, да се преправаме, да постоиме на една мизансцена во која сме само актери, често дури и декор, шаблонски, скицирано, како нашето постоење да е орман од точно уредени и организирани фиоки во кои треба подеднакво да распределиме некаква содржина.

Но некогаш нема содржина! Нема, просто нема ништо! Заради тоа немање, сакав со овој роман да покажам дека и кога нема ништо е во ред, дека и кога е празно, дека и кога е болно празно.

natasa sardzoska poetesa i pisatelka ubavinata na edna licnot e vo sposobnosta da pripagja sekade ili da ne pripagja nikade 10

Но во овој роман говорам и за една покомплексна празнина: таа не е само егзистенцијална туку е и онтолошка.

Главниот лик Алма е урбана, осамена жена од која многу се бара и очекува, како што се бара и многу од секоја современа жена, и затоа, во форма на бунт, таа одбира да не ги исполни очекувањата од неа и, како што велиш ти, да не припаѓа никому и никаде и успева преку еден анонимен, таен, прикриен, промискуитетен и блуден живот, целосно нешаблонски, да се приближи, да зачeкори кон слободата, една поинаква слобода што не се граничи само со димензиите на волјата, туку е слобода на којашто сме повикани сите ние како луѓе, иако ретко одговараме на тој повик: слободата на живеење свој живот - иако често животот нѐ живее нас, наместо ние него.

BeFunky collage copy

Својот роман го наслови по каталонскиот ветер кој чисти сè пред себе и зад себе остава пустош. Каде ќе ги однесе „Трамонтана“ своите читатели?

Се надевам дека ќе ги однесе од другата страна, кон и отаде празниот хоризонт на слободата, кон онаа линија на непрегледно и непречено движење, на неусловено постоење, кое е личносно и смисловно постоење, а не само сушто биолошко постоење.

Инаку, го запознав овој ветер кога живеев во француската Каталонија, во Перпињан: се сеќавам еден ден кога дуваше и шибаше трамонтана моравме да ги затвориме прозорците затоа што летаа предмети во воздухот, тврди предмети, а кога беснееше по плажите на Средоземното Море, трамонтана наликуваше на некакво чудовиште што излегло од морето да си ја побара својата правда од човештвото и сите се криевме во затворните кафулиња и низ прозорците го гледавме театарот надвор, сликовитоста и карактерноста на ветерот трамонтана.

Ме импресионираше неговата безмилосност.

Го одбрав како наслов зашто е поврзан со детството на Алма и со нејзиното заминување од Франција, кога губи сѐ и оди кон не-знаењето-каде, но пред сѐ зашто ми е симбол на слободата, зашто и таа е опасна, безмилосна, брутална, застрашувачка.

natasa sardzoska poetesa i pisatelka ubavinata na edna licnot e vo sposobnosta da pripagja sekade ili da ne pripagja nikade 13

Сè вели дека секој човек ја чувствува празнината која како амбис, пркосно гледа во нас и нè повикува.

Храброста ни е потребна за да се соочиме со неа, како твоите ликови, но пред сè ти успеа да се соочиш со сеопфатната и застрашувачка празнина?

Клучот е во прифаќањето. Во оној миг кога ќе прифатиш дека има празнина во тебе, во твојот живот, во твојата егзистенција – веројатно онаа за која пишувале Сартр, Ками, Де Бовоар – и дека и таа те гледа и очекува од тебе да ја видиш, да ја прегрнеш, да ја прифатиш, тогаш животот ќе ти добие поинаква смисла.

Сложен е овој концепт, зашто сигурна сум дека повеќето луѓе не се ни прашуваат за таа празнина, се трудат да ја исполнат со сенешто, како да е фиока, како да е роковник, со датуми, бројки, бракови, бизниси, марки, награди, евра, акции.

И тоа за мене е разбирливо, од гледна точка на човечката ранливост, човечката потреба од сигурност и извесност, затоа што празнината плаши, мами, демне, влече надолу, а надолу никој не сака ни да погледне, вртоглаво е, а камоли да тргне или да посегне. Но поентата е да можеш да погледнеш во секоја насока.

natasa sardzoska poetesa i pisatelka ubavinata na edna licnot e vo sposobnosta da pripagja sekade ili da ne pripagja nikade 12

Покрај пишувањето, голем дел од своето време одвојуваш и на литературен превод. Преведуваш од италијански, француски, португалски, шпански и каталонски јазик на македонски јазик.

Потпишана си како преведувач на стотици поети и писатели, меѓу кои и Пазолини и Сарамаго...

Кажи ми како се соочуваш со зборови, концепти и сленгови што изгледаат „невозможни“ за превод, а сакаш најверодостојно да ги пренесеш на македонскиот јазик?

Преведувањето е многу креативна авторска работа, би рекла дека дури и преводот е второ создавање на делото, но сепак до извесни граници.

Има преведувачи кои си земаат преголема слобода, но јас секогаш се трудам да останам верна на писателот или поетот што го преведувам, зашто и самата сум поетеса и писателка и знам колку големо значење и тежина може да има еден збор за мене, особено кога пишувам поезија зборот за мене станува нешто свето, култно, храм, зашто поетите се опседнати со зборовите.

Со сленгот е полесно затоа што како антрополог одам и го барам соодветниот сленг на македонски јазик, а за зборовите или концептите кои се непреведливи, претпочитам да користам парафраза или барем нешто најблиско по значење, или да измислам нов збор што не постои на македонски јазик, а тоа го дозволува поезијата и нејзиниот превод.

wddad natasa

Наташа, имаш живеено во многу европски градови, меѓу кои Париз, Милано, Лисабон, Хајделберг, Брисел, Штутгарт, што понесе со себе од секој од нив?

Тоа се градови што ме изградија како личност, а силата и убавината на една личност според мене е во способноста да припаѓа секаде или да не припаѓа никаде. Тоа го научив живеејќи далеку од Скопје.

Париз ми ја донесе неприкосновената слобода на изразување, движење, живеење, на кажување работи што нема секому да му се допаднат, на делување верно на себеси, безобразен град е, себичен, дрзок, мора да се избориш за да го освоиш, но во таа недосегливост лежи неговата привлечност;

Милано ме научи како да се биде дел од една земја – Италија – а да се надмине националното, да се прегрне наднационалното, вистинска метропола исполнета со настани, случувања, еден вид конгломерат на повеќе димензии што делуваат во една елегантна, смутна димензија;

Лисабон ми ја врежа безграничноста, непрегледноста, исперченоста пред океанот, крајноста, тој град е крајната точка на Европа и океанот што ја дели од Америка, тој здив на слобода, на недогледност не сум го почувствувала никаде другаде, таа носталгија, тој вкус на минливост, таа saudade за која велат дека значи среќа да се биде тажен и тага да се биде среќен и таа состојба на елегантна носталгија е прекрасен клуч на ведро живеење;

natasa sardzoska poetesa i pisatelka ubavinata na edna licnot e vo sposobnosta da pripagja sekade ili da ne pripagja nikade 9

Хајделберг е еден од ретките германски градови што не бил бомбардиран за време на војната, таму работев и сѐ уште работам, иако онлајн, таму можам да кажам дека му дадов професионална смисла на мојот докторат: студентите од цел свет на Универзитетот „Шилер“, вонвременските кафулиња, бајковитата архитектура, еколошкиот урбанизам, зелената патека на филозофите по должината на реката Некар;

Брисел е вистински космополитски град, сите таму се странци, секој втор човек на улица е со торба, со куфер, зашто постојано некој некаде заминува или доаѓа, и тоа доживување на луѓето во постојано движење ме зацврсти како личност, научив дека никој и ништо не останува онакво какво што е, дека сѐ и секој се подложни на менување, на минување, дека секој ден треба да се одговара на низа прашања и непознати ствари на кои нема одговор, но преку обидот да се обновуваме секогаш, полесно се справуваме со тие тегобни прашања;

Штутгарт ми е омилен германски град, неверојатна урбана мрежа на џез, архитектура, современа уметност, термални води и необични музеи, како музејот на Мерцедес Бенз.

Сега патувањето стана стрес, тегоба, мака за сите нас, а токму патувањата се лимфа на животот, сол на животот.

natasa sardzoska poetesa i pisatelka ubavinata na edna licnot e vo sposobnosta da pripagja sekade ili da ne pripagja nikade 5

На кој европски град постојано му се враќаш и која е причината што те влече да го спакуваш куферот и повторно да се сладиш од неговата привлечност и да минуваш низ улиците што веќе ти се познати?

Париз – јас како Вуди Ален, си ја барам од време на време мојата мала доза на Париз. Таму живеев во 2006 па во 2012 и освен минатата и оваа пандемиска година, го посетував Париз еднаш годишно.

Имав чувство како таму да живее некоја моја двојничка и како цело време да одев таму за да ја најдам, или како јас да сум живеела таму во некој друг живот и како цело време да се обидував да си го најдам својот дом.

Дури има и улици, како што точно велиш ти, на кои секогаш се навраќам, такви се на пример улиците Буси и Сен во Сен Жермен де Пре, или авенијата Алма-Марсо, паркот Монсо, големите булевари, Сен Мишел каде што се случува и дел од романот „Трамонтана“.

Одев и да ги посетувам домовите на познатите поети и писатели кои таму живееле, улиците и зградите каде што се снимале некои култни филмови. На пример, кај плас ди Терн, салата каде што Марлон Брандо и Марија Шнајдер танцуваат танго, во „Последно танго во Париз“, денеска е салон за продажба на луксузни возила.

За жал Париз не беше имун на глобализацијата, се гентрифицира и извитоперува од година во година, не е тоа што некогаш бил, особено во времето на уметничките и книжевни кружоци во Монпарнас, Сен Жермен, латинските квартови....

natasa sardzoska poetesa i pisatelka ubavinata na edna licnot e vo sposobnosta da pripagja sekade ili da ne pripagja nikade 3

Во рамките на програмата „Еразмус“, магистрираше книжевност, културолошки студии и комуникации на Универзитетот во Лисабон. Поради тоа што овој град и мене ми е близок, сакам да те прашам со какви слики и спомени му се присетуваш?

Фадо, фадо, фадо. Кафаните со сардини на ражен. Нивното бело или како што го викаат зелено вино. Алфама. Филмот на Вендерс за Алфама. Видиковецот Санта Катерина. Градините на базиликата Ештрела. Стаклената градина на Принсип Реал. Баиро алто. Ноќниот неуморен живот.

Табакерија, кафулето на Фернандо Песоа. Трамваите. Бакалар. Мариза. Мадре деуш. Амалија Родригез. Океанот. Мостот Васко де Гама.

Чувството на крајна точка на Европа. Етеричноста. Езотеричноста. Нежноста. Нивната дискретност. Нивната загадочност.

Нивната таинственост: како да не биле едни од најголемите светски морепловци и колонизатори. Но токму тоа е и тајната: да молчиш за својата големина, да чекориш како по облаци, тивко, претпазливо, да внимаваш никого да не повредиш.

natasa sardzoska poetesa i pisatelka ubavinata na edna licnot e vo sposobnosta da pripagja sekade ili da ne pripagja nikade 4

Париз е еден од градовите во кој се одвива дејствието на „Трамонтана“, а токму таму пред неколку години на Нова Сорбона докторираше антропологија.

Да замислиме дека постои временска машина која може да те седне на иста маса со некој познат уметник, писател, поет, режисер кој живеел и творел во Париз, со кого би избрала да поразговараш и да се соочиш лице в лице?

Сигурно Маргарит Јурсенар, Маргарит Дира, Симон де Бовоар, Албер Ками, Мишел Лерис и Жан Кокто. Но и Жосефина Бејкер, Жулиет Греко, Мајлс Дејвис, Серж Гензбург.

Би сакала и да го сретнам Хулио Кортазар додека бил во егзил во Париз. Гијом Аполинер и Пол Валери. Понатаму, писателите и уметниците кои се среќавале во книжевното кафуле „Ла Ротонд“ на Монпарнас. Ете таму би сакала да поминам со нив макар една вечер од тоа време.

Често одам во „Ла Ротонд“ да уживам во сликите од Модиљани и Пикасо додека јадам острики со лимон и путер и пијам бело вино сансер. Исто како што и одам во Кафе ди Флор за да ги замислувам дијалозите што на тие канапиња ги воделе егзистенцијалистите.

Од современите писатели, ми оставија впечаток да ги слушам на еден книжевен настан Паскал Кињар и се разбира Мишел Уелбек.

natasa sardzoska poetesa i pisatelka ubavinata na edna licnot e vo sposobnosta da pripagja sekade ili da ne pripagja nikade 6

Наташа, номадот во тебе никако не мирува. Додека другите бираат постојано место на живеење и стабилност, ти како ветер се препушташ на светот. Во што се состои убавината да се биде номад во ова време?

Кога го работев мојот докторат за раселени или бездомни или прогонети уметници од војните на поранешна Југославија, ја интервјуирав Корана Шегетало Делиќ која од Босна низ разни кампови за бегалци се доселила во САД. Таа ми раскажуваше дека се научила да живее со секогаш спакувани куфери, секогаш спремна да замине.

Би можела да се препознаам во тие нераспакувани куфери, во таа состојба на непостојаност, на неприпадност, на недобредојденост веројатно затоа што никогаш не сум се чувствувало како целосно да припаѓам во Македонија.

Не само за моите студии туку и за мојата работа, постојано патував и повеќе време минував во хотели или на аеродроми и тоа многу ми се допадна зашто преку неприпаѓањето се засилува свежината на духот, преку постојаното себеиспрашување и поставување на себеси во контрапункт.

Но не би рекла дека е тоа номадизам. Не би ја споредила мојата буржоаска позадина со прекаријатната речиси кобна и кревка состојба на номадот.

Во Македонија, конкретно во книжевната теориска мисла, на катедрата за компаративна книжевност, кај многу литературни критичари, постои некакво неискусно, наивно, неопитно романтизирање на една така ранлива и нестабилна човечка состојба како номадската.

Затоа јас не би рекла за себеси дека сум номад, зашто пред сѐ имам татковина, имам во Скопје и Охрид неколку дома, имам стабилни работни односи и имам секогаш каде да се вратам.

natasa sardzoska poetesa i pisatelka ubavinata na edna licnot e vo sposobnosta da pripagja sekade ili da ne pripagja nikade 7

Со ова прашање ќе го завршиме разговорот и ќе оставиме простор повторно да поразговараме во блиска иднина. Што за тебе претставува „дом“?  

Сега често го цитираат Блаже Конески велејќи дека татковината е јазикот. Но јас имам повеќе јазици и сите тие јазици како живи организми се видоизменуваат и ме вознемируваат.

Дали тоа значи дека припаѓам на повеќе места, не знам, но би рекла дека сакам да си ја негувам мојата состојба не бездомност, на неприпадност. Оттаму, веројатно за мене дом е она место каде што сите немири и потраги престануваат.

Темата на дом ми е привлечна. Длабински ја разработив во мојата поетска книга „Крстна коска“. Мојот татко, кога беше жив, кога ќе му се јавев од некој европски град и му велев, еве си одам дома, често со иронија ми велеше, но која е твојата дома, каде е твојот дом.

Не знаев. Не би знаела. Но скромно би рекла дека си го наоѓам својот дом во книжевното творештво... Be as water my friend!

natasa sardzoska poetesa i pisatelka ubavinata na edna licnot e vo sposobnosta da pripagja sekade ili da ne pripagja nikade 8

natasa sardzoska poetesa i pisatelka ubavinata na edna licnot e vo sposobnosta da pripagja sekade ili da ne pripagja nikade 11

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Петар Грашо за CRNOBELO: „Кога се роди Алба бев во Охрид, тие 10 часа додека патував до дома ми беа ... „Кога стигнав во болницата, ме одведоа во делот со бебињата и ми рекоа: 'Ов...
Кире Лазаров: „Со Каролина бевме партнери за матура, поради погрешна дијагноза мислев дека рано ќе ј... „Финалето на Светското клупско првенство беше мојот најтежок натпревар во кариер...
Елена Ристеска: „Има многу злоба меѓу народот, се штитам така што никој не знае каде сум и што права... „Почесто плачам од радост, отколку од тага. Емотивна сум за блиски луѓе, за...
Миро Кацаров за љубовта со Ивана: „Ни се случи љубов на прв поглед, по неколку месеци веќе почнавме ... „Ивана знае дека јас сум блесав и будала на свој начин, па не беше шокирана од з...
Васка Леонтиќ: „Забременив со ин витро, сама станав мајка на 48 години, мојата ќерка (5) знае сè за ... „Никогаш не размислував за тоа што ќе зборуваат другите за тоа дека забременив с...
Јелена Розга за CRNOBELO: „Мислев ќе се срушам од убавина кога публиката ја пееше ‘Гинем’ на цел гла... „Утрото пред концертот имав некој чуден страв, па ѝ се јавив на другарка ми и ѝ ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg